Дипломирала на Факултетот за учители и воспитувачи, магистрирала на тема „Методски постапки за поттикнување на поетското творештво во одделенската настава“ (
2006), а докторирала на тема „Методичко моделирање на развојот на критичката писменост како општообразовна компетентност“ на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (
2010). Таа е редовна професорка на истиот универзитет. Коосновач е на Универзитетскиот литературен клуб „Дениција“ и е иницијатор за создавањето на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик при Педагошкиот факултет во Битола. Активно работи на проекти од областа на книжевноста. Член е на
Друштвото на писатели на Македонија, на Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во
Варна и на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ (БКК). Член е и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола. Главна уредничка е на списанијата
Раст (Битолски книжевен круг) и
Современи дијалози (Македонско научно друштво – Битола).
Константа во поезијата на Даниела Андовска-Трајковска е метафоричкиот јазик, ослободен од наративност и збогатен со згусната фигуративност. Оваа поезија наместа се препознава како чиста лиричност, која и покрај семантичката полност не е херменевтичка и тешко достапна, туку читлива и свртена кон читателот. Од нејзината прва самостојна збирка поезија –
Збор за зборот (2014) до последната –
Пеш по воздушна линија (2021), се препознаваат тематските константи: автопоетиката/метапоетиката, љубовта и убавината, тишината и темата на човековата поставеност во современиот свет. Во потрагата по одговор на прашањето како се создава песната, можеби најизразено во збирката
Куќа на контрасти, авторката, тргнувајќи од сопственото искуство, ги нагласува интуицијата, осаменоста и тишината како важен предуслов за поетско творење („Песна за песната“, „Песна“ и „Клеточно дишење на тишината“). Иако во изразот тоа е прецизна поезија и со не случајна комбинаторика, песната на Андовска-Трајковска не е само резултат на когнитивен процес, туку таа се наслушнува бидејќи постои и тогаш кога не е создадена во дијалогот помеѓу поетското „јас“ на авторката и поетското „јас“ на нејзините културни предци. Љубовната тематика, пак, не е патетична, а често модерната љубов се доживува како туѓа, непозната, непосакувана.
Таа е далеку од „клеточната љубов“, како што ќе рече авторката, но едновремено таа за Андовска-Трајковска е единственото безвремено нешто кое го осмислува животот. Кратките и експлозивни љубовни песни имаат суптилна еротика, во кои љубовта е конкретна и човечка исто толку колку што е и божествена и метафизичка. Поезија на Даниела Андовска-Трајковска е и социјално ангажирана поезија. Тој социјален ангажман е присутен и во
Математичка поезија[L1] , но се чини дека доминира во збирката
Електронска крв. Како поет на 21 пресвртен век, таа го истражува влијанието на социјалните медиуми и оттука произлезените теми на осаменост, дистанцираност и „љубов на далечина“. Нејзината поезија е лирика, но и посветена на егзистенцијалната запрашаност од секаков вид: од тоа што е поезијата во непоетски услови, преку што е љубовта во нељубовниот свет, до тоа што е човекот во нехуманото општество. Тоа е поезија во која силниот женскиот глас гради нов филозофско-литературен лирски правец во македонската поезија.
Во прозното дело, збирката раскази Кафе, чај и црвено небо, рефлексивноста останува препознатлива карактеристика на авторката, повторно втурната среде неповолната реалност кон која авторскиот раскажувач зазема болно искрен став. Во неа животот се раскажува на несекојдневен, но реален начин, каде емоциите, секојдневните ситуации, идеите и парадоксите се сопоставени во една добро структурирана композиција. Втората проза на Андовска-Трајковска, Деконструкција на празнината, го тематизира отсуството на содржина во различни аспекти, едновремено означени и како различни циклуси во збирката – деконструкција на: танатосот, празнината, дијалогот, домот, живиот текст, поезијата и на поезисот. Така, празнината се поставува како распетие на „антиматеријата која практично не е празнина, туку густа исполнетост“ (Панов).
Добитничка е на наградите: „Носиде“, меѓународна награда за поезија, Италија (2011); „Празник на липите“ на ДПМ (2011); „Крсте Чачански“ (2019); „Ацо Караманов“ (2019); Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје (2020); Abduvali Qutbiddin, што ја доделува книжевното списание „Book World“ од
Узбекистан (
2020) и „Ацо Шопов“ на ДПМ (2020). (Л. Г. Ј.)
[L1]Хиперлинк Математичка поезија