поетеса, слемерка, антологичарка, есеистка и препејувачка. Таа, заедно со Лидија Димковска, во поезијата го воведува мотивот на преиспитување на општествената улога на жената. Преку јазични игри, дискретно го повикува читателот на конструктивно рушење на стереотипите. Поаѓајќи од ставот дека поезијата треба широко да биде слушната, таа успешно ја практикува и ја промовира слем-поезијата во Македонија.
Елена Пренџова дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ – Скопје. Таа е професорка по англиски јазик и книжевност. Организира слем-натпревари во Македонија. Била претставничка на Македонија на Европскиот слем-натпревар во 2016 и била учесничка во ревијалниот дел во 2018. Менторира работилници за слем-поезија и креативно пишување. Од 2012 година е активна членка на Друштвото на писателите на Македонија. Работи како лекторка по стручен англиски јазик во високошколска установа. Нејзините песни се застапени во панорамски и антологиски избори на современата македонска поезија, објавени во Македонија и во странство.
Поезијата на Пренџова се занимава со хипертрофираната, хиперцивилизациската реалност, или антиреалност, за во таквата поставеност да трага по својот идентитет и да го конструира својот препознатлив поетски ракопис. Toj e јасен и гласен бунт против сето она што ја загрозува хуманоста. Во нејзиното творешетво забележливи се две тематски константи: невозможноста од љубов (на пр.
Шшш! Интимистичка поезија, Љубољубна) и преиспитување на традиционално сфатената женскост (
Таа). Оваа поезија е обид, низ специфични поетски слики и ситуации, да се разберат современите животни услови, во нив да се погледне со отворени очи и да се дојде до сознанието дека мора да се живее во дехуманизираниот свет. Овде нема да сретнеме покорно прифаќање на постојното или патетика по она што одминало. Напротив, оваа поезија е моќен глас кој неуморно трага по љубовта и по сопствениот (женски) идентитет во услови на несочувство, технократија и трка по профит. Токму тој порив – да се најде љубовта во едно нељубовно време и да се интегрира сопствениот идентитет во разнебитениот хабитус – ја произведува, за ова писмо препознатливата автоиронија, обично изведена како завршница на песната, со цел да предизвика шок кај читателите и да ги испровоцира на некаква реакција и, уште повеќе, на конкретна акција (
Живот под ѕвездите, Шшш! Интимистичка поезија). Токму автоиронијата го соочува читателот со сета општествена лицемерност, наспроти која стои енергичен и борбен авторски субјект (
Политички коректна поезија[L1] ). Поезијата на Пренџова е лишена од идиличност и разубавување, и во тој контекст може да се види и како поетска варијанта на секојдневието кое во прозата го отвораат младите македонски раскажувачки како
Румена Бужаровска [L2] и
Снежана Младеновска-Анѓелков[L3] . Низ секој стих јасно се слуша моќниот женски глас, кој најпрвин заведува со навидум хармоничната почетна поставеност, за на крајот да шокира со пресвртот, даден како негатив на почетната позиционираност. Поезијата на Пренџова ја преиспитува женскоста и нејзините атрибути (
Јас, Таа) на начин кој е сугестивен затоа што произлегува од искуството. Моќта на лирскиот субјект произлегува и од јазикот, кој е остар, колоквијален, и затоа е јазик кој провоцира, јазик за кој не постојат табу-теми, со нетипична интерпункција и графичко експериментирање со надворешната форма (
Живот под ѕвездите), каде значењето на песните произлегува и од нивната визуелна осмисленост, како на пример шолја со кафе или шишенце од парфем. Наративноста, како константа во поетскиот јазик на Пренџова, артикулира цели светови од слики и искуства, одредувајќи ја како изразено урбана поезија.
Добитничка е на наградите: „Бели мугри“ (2011) за Пораки од морето; „Македонска книжевна авангарда“ (2012) за Живот под ѕвездите; „Караманов 2014“ за „Љубољубна“; „Најдобар поет“ (2016) на Првите регионални средби во Брчко, Босна и Херцеговина; „Даница Ручигај“ (2015) за Политички коректна поезија; „Јован Котески“ (2018) за ШШШ! Интимистичка вајбер поезија. (Л. Г. Ј.)
[L1]Хиперлинк
Политички коректна поезија
[L2]Хиперлинк: Румена Бужаровска
[L3]Хиперлинк: Снежана Младеновска-Анѓелков