Иако во поодминати години, Слободан Мицковиќ во светот на книжевноста влегува на голема врата воведувајќи ја историската метафикција во македонската проза. Историското минато, најчестата тема на романите на Мицковиќ, е поставено така што тоа секогаш се однесува на сегашноста. Заедно со
Драги Михајловски[l1] , ги преиспитува субјектите на историски искази за да даде можен одговор на прашањето што и зошто денес тоа нам ни се случува.
Завршил
Филолошки факултет во Скопје. Работел како уредник за уметничка литература во издавачката куќа „Мисла“, како и во Македонскиот народен театар. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Доктор по филолошки науки. Бил професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во
Скопје и раководител на Институтот за македонска литература. Бил претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Член на ДПМ од
1965 година.
Дебитира со романот
Александар и смртта[l2] , можеби еден од најдискутираните понови романи во македонската наука за книжевноста. Тој почнува во моментот на смртта на големиот владетел Александар Македонски, а приказната ја раскажува неговиот оружар Архидеј за време на балсамирањето на неговото тело. И како што напредува процесот на балсамирање, така напредува и сликата за распаѓањето на големата империја. Преку приказната што ја раскажува оружарот, од аспект на маргинализирана личност, но сведок и учесник во настаните, како и неколкуте други моќни гласови, се актуализира моментот на неизбежното паѓање на идејата за глобализација, тотално и апсолутистичко знаење (за историјата) и тоталитарните системи.
Процесот на актуализирање на минатото е присутен и во романот Историја на црната љубов, сместен во две временски рамнини, историска – периодот на турското ропство и презентна – современоста. Двете рамнини меѓусебно силно се преплетуваат со повторување на една иста љубовна сторија во романот именувана како „кара севда“. Во романот минатото се повторува во сегашноста преку погрешниот избор на дејствијата на четирите главни лика: Јана, Ѓула, Караташ и Сокол. Станува збор за љубовен четириаголник донесен во директна врска со падот на идеалот за светот како можно место за живеење според човековата мерка. Се добива впечаток дека погрешните односи меѓу ликовите во периодот на турското ропство се предизвикани од хиерархијата на односите кои владеат помеѓу потчинетиот и освојувачот. Таа теза се нарушува преку создадената втора шанса: преку повторен живот на земјата, во инакво време ликовите да направат правилен избор. Повторно сè завршува со смрт. Катаклизмичниот земјотрес во Скопје во 1963 година (настан потврден во историјата) само го потврдува сомнежот во можноста за правилен избор.
Моќта минатото да ја обликува сегашноста е базична тема и во романот
Марко Крале. Фактот за непропорционалноста помеѓу човековата слава и неговото дело, расчекорот меѓу историските факти и легендата (Пенушлиски) се предмет на интерес на овој роман. Оттука напорите за доосмислување, преосмислување, особено ако се има предвид циклусот песни на
Блаже Конески[l3] за Марко Крале на кои Слободан Мицковиќ експлицитно се повикува во додатокот на романот и посветата на романот – „Во спомен на Марко Цепенков и на Блаже Конески“, се евидентни, од што може да се заклучи дека романот претставува своевидно „продолжение“ на претходните дела. Така, романот на Мицковиќ како подлога не само што ја има историјата, туку е еден вид палимпсест од кој ѕиркаат приказните на претходните слоеви.
Притоа, Мицковиќ „игра“ со применета постапка на хероизација, која во новиот контекст е иронизирана и добива инфантилна димензија. Марковите херојски подвизи се превртуваат во наивна детска игра којашто ни оддалеку не е применлива во светот на возрасните, во светот на реалното, во светот на вистинското војување. Сериозноста на настаните што следат ја претвораат Марковата сила во нејзина спротивност, во несила, во немање сила да се одговори на предизвикот. Враќањето на силата е од колективот кој го хероизира, што е и одговор на вечните дилеми за доблеста, стравот, падот, гневот, љубовта и омразата. За разлика од претходните два романа каде историографското се испишува во нов контекст, во
Марко Крале тоа се прави со книжевно-уметничкото минато.
Добитник е на наградите: „Димитар Митрев“, „Рациново признание“, Прва награда на издавачката куќа „Зумпрес“, „Роман на годината“ за романот Куќата на Мазарена на „Утрински весник“ за 2001. (Л. Г. Ј.)
[l3]хиперлинк