македонски поет, публицист и новинар. Дипломирал на Катедрата за југословенска книжевност со македонски јазик, на Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на 30 изворни книги поезија. Има објавено неколку избори од неговото поетско творештво, како и избрани дела во четири тома. Автор е и на повеќе публицистички книги и огледи, меѓу кои се издвојува едицијата од 10 (публицистичко-раскажувачки) книги посветени на Чешка и чешките автори. Негови книги се објавени на англиски, албански, бугарски, српски, чешки и словенечки јазик. Циклуси од поезијата му се објавени на германски, француски, шведски, турски, романски, унгарски и други јазици. Има преведено на македонски јазик над 30 книги од англиски, чешки, српски, бугарски и други јазици. Автор е и на повеќе новински и телевизиски патописи. Член е на ДПМ од 1972 година, а од 2005 до 2013 бил претседател на Македонскиот ПЕН центар. Работниот век го поминува како новинар во неколку редакции: „Млад борец“, „Комунист“, „Нова Македонија“, „Балкан форум“, Телевизија Телма и Танјуг – бил главен и одговорен уредник, како и уредник на културните рубрики. Основач е и главен уредник на издаваштвото „Везилка 2012“.
Поезијата на Лазаров остава впечаток дека е читлива, сценски изводлива, реторична, колоквијална. Неговата поетика се издвојува како посебна поради комбинацијата на следните чинители: лежерната наративност, мемоаристичност и драматичност, евокацијата на јазичните и стилски клишеа од македонската фолклорна и книжевно-уметничка традиција, слабост спрема поп-естетиката, боемскиот жаргон, пародијата и сатирата. Поезијата на Лазаров е отворена и чувствителна спрема социјалните, политичките и тривијалните аспекти на современиот живот сега и тука: македонската дијаспора/емиграција, животот на специфичните општествени слоеви – рибари, фурнаџии, но и гајдаџии, револуционери, историчари, боеми и поети. Тој често употребува јазично-сценски елементи позајмени од колоквијалниот и фамилијарниот говор, пцости и кафеански реплики на сериозни теми. Тој ги десакрализира урбаните митови и љубовните стереотипи. Тоа ја карневализира поезијата на Лазаров и ја доближува до ежедневните, егзистенцијалните, па и карикатурални лица на постјугословенската „бричена стварност“.
Лазаров често ја користи епистоларната форма и дикција, која комбинира елементи на мемоар, хроника, анегдота, дневничкиот запис и колумна. Епистоларните песни и подолгите поеми на Лазаров се референтни за новата македонска поезија затоа што актуализираат не само современи теми, туку и наративи за бројни историски личности од нашата современост и нашето ’блиско минато’.
Добитник е на наградата „11 Октомври“ за животно дело, како и на повеќе книжевни награди и признанија: „Млад борец“, „8 Ноември“ на Општина Штип, „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ, наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП. Добитник е и на две награди „Петар Кочиќ“ – за најдобра книга објавена на српски јазик и за животен опус. (K. Ќ.)