Живот и дело

Во поезијата на Ацевска лирскиот субјект има статус на драмски субјект кој предизвикува илузија за миметичност, небаре во песната постои некој моќен лик кој дејствува во некоја лиризирана монодрама. Авторката не допушта песната да биде освоена од индиректноста на кажувањето (диегетичноста) и од наративноста својствена за раскажувачкиот стил во книжевноста и во колоквијалниот дискурс.

македонска поетеса, раскажувач, есеист и преведувач (преведува од руски и од јужнословенските јазици). Основно училиште и гимназија завршува во родниот град.

македонска поетеса, раскажувач, есеист и преведувач (преведува од руски и од јужнословенските јазици). Основно училиште и гимназија завршува во родниот град. Дипломира на Катедрата за јужнословенски литератури со македонски јазик, на Факултетот за филолошки науки при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Работела во хуманитарните организации Сојуз на друштвата за помош на ментално ретардирани лица и во Републичката конференција на хуманитарни организации, потоа во Републичкиот завод за социјални дејности, каде што го подготвувала и го уредувала гласилото „Социјална заштита“ на Републичката СИЗ за социјална заштита. Една година e новинар за здравство и социјална политика во весникот „Република“. До пензионирањето работи како јазичен редактор, коректор и технички уредник на изданијата на Институтот за национална историја во Скопје.

Член е на: Друштвото на писателите на Македонија, Македонскиот ПЕН центар (во два мандата и член на Управниот одбор, Друштвото на литературните преведувачи на Македонија, Интернационал­ното друштво „Калеваласеура“ од Хелсинки, Република Финска, и на Славјанската литературна и уметничка академија во Варна, Република Бугарија. Била член на Комисијата за издавачка дејност на Министерството за култура во периодот 1998 – 2001, член на Редакцијата на Стожер (ревија на ДПМ) и на Книжевно житие на ИК Макавеј (Скопје). Има учествувано на бројни книжевни фестивали, меѓународни книжевни собири во Македонија, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Турција и Хрватска. 

Весна Ацевска има објавено девет поетски стихозбирки: Подготовки за претстава (1985), Карпа за скок (1991), Котва за Ное (1994), Неред во огледалото (1996), Кула во зборот (2005), Столисник (2008), Будност. Лотос (2012), Од оваа страна (2020) и Преобразби (2022). Таа има објавено и дванаесет поетски избори во земјата и во странство. Автор е на три романи за млади. Како преведувач, има објавено четири преводи од народното творештво на Финците, Скандинавците и Русите и шест преводи од автори од словенски и други земји. Таа е коавтор на три преводи (од народното творештво на Албанците и на современи словенски автори). Има приредено пет изданија, од коишто три се од македонското народно творештво и две од современото македонско творештво (издание на Македонскиот ПЕН центар). Нејзини песни се застапени во десетина антологии и панорами на современата македонска поезија, подготвени од домашни и од странски редактори. Нејзиното творештво е претставено во списанијата „Стремеж“ од Прилеп (2008) и „Синтези“ од Скопје (2020).

Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2009); „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија (2012); „Книжевен жезол“ на ДПМ (2012); Диплома на меѓународниот конкурс „Ана Ахматова“ за есеј посветен на односот меѓу Ахматова и Цветаева (2019); меѓународна литературна награда „Ф. М. Достоевски“ на меѓународен конкурс во номинацијата за поезија, по повод 200-годишниот јубилеј на Достоевски, за песната „Од светлина и од мрак“ (2021); „Григор Прличев“ на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија за препевот на Калевала, фински народен спев (2000); Почесно признание од интернационалното друштво „Калеваласеура“ од Хелсинки, Финска, за препевот на Калевала на македонски јазик (2000); „Григор Прличев“ на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија, по вторпат, за препевот на старонордискиот спев Стара Еда (2009); како и на државната награда „Свети Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста во Република Македонија (2016).

Доминантни аспекти на поетскиот идентитет на Весна Ацевска во семантичка, стилско-реторичка, семиотичка и жанровска смисла, се следните:

1. Идентитетот на лирскиот субјект.

Лирскиот субјект во поезијата на Весна Ацевска се востановува преку постапки на лирски илузионизам и дезилузионизам. Тоа се постапки со коишто субјектот станува невидлив/отсутен односно видлив/присутен во песната, како во чинот на пишување така и во чинот на восприемање на песната. На тој начин песната сугерира флуидни значења, неизвесни предмети и состојби. Така таа алудира на кревкоста на постоењето и подвоеноста на значењето (и тука сум, и не сум тука; и било, и не било; и тоа е, и не е тоа). Тоа е лизгав, лирски субјект чијшто идентитет се формира низ промени, нијанси, игри со зборови и поетски слики. Со цел да го засили тој протејски ефект, поетесата користи различни граматички начини и егзистенцијални форми, пренебрегнувајќи ги границите на алтеритетот/другоста и на истоветноста/самосвојноста, латинското ipseité. Со таквиот пристап песната станува простор на семантички трансвестизам: значењата се преобразуваат по пат на варирање на исказот. Самата поетеса во својот оглед „Зошто преобразби?” истакнува дека „песната претставува преобразба на јазикот во уметничко дело“ (2022, 81). Познато е дека стилот е во тесна врска со значењето, а стилистиката и семантиката се нераздвојни кога треба да се толкуваат поетските творби. Тие го претставуваат темелот на поетиката и на херменевтиката на лирската поезија.

Во поезијата на Ацевска лирскиот субјект има статус на драмски субјект кој предизвикува илузија за миметичност, небаре во песната постои некој моќен лик кој дејствува во некоја лиризирана монодрама. Авторката не допушта песната да биде освоена од индиректноста на кажувањето (диегетичноста) и од наративноста својствена за раскажувачкиот стил во книжевноста и во колоквијалниот дискурс. Таквиот идентитет на лирскиот субјект ја прави песната на В. Ацевска да биде перформанс на значења, игра на двосмислени, биполарни и противречни значења. Привидот на поимската стабилност и уредност што го оставаат поетските искази во своето спокојно искажување, всушност, ги покажува значењата кои се во панично бегство, создавајќи свој сопствен азил, своја дијаспора. Тоа создава впечаток дека светот на песната престојува некаде надвор од овој свет, на границите меѓу животот и уметноста, меѓу сеќавањето и имагинацијата, меѓу нашиот свет и оној другиот, ничиј свет.

Во песната „Клуч“ од нејзината збирка Преобразби (2023), лирскиот субјект сфаќа или признава дека ако се најде „вистинскиот збор“, кој е парабола на „вистинскиот клуч“, тогаш „сите скриени врати / за нас ќе бидат секогаш отворени“ (2023, 43). Вистинскиот збор не е само добриот збор. Тој има многу лица и за отклучување на затворените врати нужно е да биде вистинскиот. Поентата на песната се потпира врз една македонска народна поговорка и еден стих на Вилијам С. Мервин. Тоа подразбира склад, соодветна мера и облик: клучалката има свој клуч, зборот има свое значење. Тука треба да се спомне дека и други песни на В. Ацевска користат македонски поговорки или стихови на познати поети и историски личности (Хераклит, Хлебников, Гилвик, Конески) како интертекстуален клуч за разбирање на песната. Овој клуч има улога да ги ослободи песните од вишокот херметичност и софистицираност, да ги направи покомуникативни и да им даде интимна интонација и колорит.

2. Поетското време-простор, хронотопот во песната  

Познато е дека поезијата е карактеристична по способноста да ги вкрстува различните значења и светови: Со таа постапка се создава ефект на симултано постоење на различните значења, синхроничност и плурализам на световите. Времето му е дадено на човештвото за да може да ја кодира отсутноста на вечноста, за да може да ја поднесе смртноста и дури да ја прифати како облик на онтолошка слобода. Но, времето го стекнува својот идентитет во рамки на одреден простор. Историјата (минатото) постои во време и простор, физички и метафизички. Поетскиот хронотоп е повеќе сликовит, симболичен, асоцијативен, имагинарен, субјективен и емоционално обележан, одошто реалистичен и веродостоен. Па, сепак, и тој содржи доза на уверливост. Кога поетот го опева градот на својот живот или таверната на својата младешка љубов (како што тоа го прави Константинос Кавафис), во описот на неговата песна се препознаваат некои препознатливи просторни и временски назнаки. Но тој хронотоп е рефлексија на неговите лични сеќавања, простор на меморијата, психата и имагинацијата, а не објективен опис. Објективниот опис е во сенка на субјективниот. Во поезијата на Весна Ацевска хронотопот е доловен преку интертекстуални евокации и реминисценции на разни книжевни извори. Во таа смисла, нема исповедност во поезијата на Ацевска, односно нејзината поезија не може да се класифицира како конфесионална. Интересно е дека јазот помеѓу сопственото јас, личниот и објективниот свет (историски, книжевен), се намалува радикално во последната збирка на Ацевска. Иако строго интертекстуална, дијалогична и автопоетичка, оваа збирка покажува дека Весна Ацевска постигнала висок степен на индивидуација и интеграција на својата личност и своето творештво. Таа се препознава себеси преку серија други писатели и личности (поети, филозофи...). Тоа е повод за Весна Мојсова-Чепишевска да ја карактеризира мошне смело поезијата на Ацевска од „Преобразби“ како „исклучителна интимистичката лирика, лирика на хипертрофираните лични исповеди“ (2022). Автопоетичката приказна на Весна Ацевска, сепак, има друга димензија, која само по рабовите на песните се чита како лична приказна за својот раст како поет, но не и како интимистичка поезија во традиционална, стандардна смисла на зборот.

3. Предметот на опејување (теми, мотиви)

Предметот на интерес во поезијата на В. Ацевска се движи во широк распон и често има автопоетички карактер: интерес за творечката лабораторија; интерес за изведбениот, перформативен карактер на песната (не случајно насловот на нејзината прва поетска книга од 1985 гласи Подготовки за претстава); јазикот на песната сфатен не само како основна алатка на поетскиот исказ и како дом на поезијата, туку и како врска на поезијата со историјата и со колективната меморија; светот на малите дребни ствари од стварноста; одекот на минатото во свеста на субјектот; симболизмот на древните артефакти; интересот за митските, сумерските, хеленистичките, библиските и легендарните настани и ликови (Ное, Брут, Цицерон, Крале Марко); интертекстуалните дијалози со познати имиња од историјата, филозофијата и книжевноста: Пол Елијар, Пол Клодел, Велимир Хлебников, Леонард Коен, Вилијам Шекспир, Вилијам Батлер Јејтс, Вилијам С. Мервин, Хераклит, Е. Кант, К. Г. Јунг, Едуар Моне, односно Блаже Конески, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ и др. Таквиот пристап на Ацевска ја претставува како поет – ерудит. Во последната збирка Преобразби од 2022 година, Ацевска дава, во „Од авторскиот бележник“, свесно и намерно, еден автопоетички патоказ за толкување на нејзината поезија, за тоа кој е најдобриот начин да се реконструира нејзината поезија. Упатствата за читање на нејзините педесет песни за преобразбите, вклучително и нејзиниот необичен речник на помалку познати изрази (дробинка, мрвица, трошчица, квинување, фрактал...), „се составен дел од биографиите на песните“, вели Весна Ацевска (2022, 83). Метапоетичките и автореференцијални описи („се читаат како мини-есеи, како мали-приказни или како поетизирани раскажувања и филозофеми, нејзините објаснувања стануваат сериозни претенденти за центарот на нејзината книга“ (Мојсова-Чепишевска, 2022).

Песната „По вода“, од збирката Преобразби (2023, 48), е илустративна за вкрстеноста на лирскиот субјект, хронотоп и предмет на песната. Колку е поголема моќта на нивното вкрстување (преплет) толку е поголема нивната енигматичност, но и можност за одгатнување на загатката. Песната е како гатанка што читателот треба да ја одгатне (отклучи, дешифрира). Во случајов, лирскиот субјект со статус на прво лице еднина, создавајќи привид на интимност и исповедност, бара вода на планината за да ги напои жедните. Водата може да се сфати и буквално и метафорично, но во секој случај е од животна важност. Барајќи вода, поетесата (да речеме!) прави претпоставки: можеби ќе заврне дожд, можеби ќе пронајде извор,  можеби ќе влезе во пештера. Што и да најде, ќе пронајде вода, „ќе го научам нејзиниот јазик / и двете непрестано ќе жубориме“ вели на крајот од песната. Таа финална поента е провокативна, иако дискретна реплика на почетното барање вода за да другите, за да ја угасне нивната жед. Таа бара таква вода која зборува и чијшто јазик поетесата ќе го научи за да може и самата да жубори како извор, да биде и самата животворна вода, да се преобрази во вода. Осетот за природа и осетот за поезија се спојуваат во еден осет за јазик-жубор, јазик-живот. Песната е речита во својата сликовитост. Кога метафората е осмислена тогаш и песната има смисла. И е достапна за разбирање. И дофатлива е, колку и да е проточна и флуидна. Што би рекол Хераклит, „Влегуваме во иста река, но сепак не во истата“. Тоа е магијата на лирската песна и нејзиниот свет.

4. Лирскиот стил  

Песната на В. Ацевска се карактеризира со гномичко-есеистичка дикција. Таа трага по нови аспекти на постојните значења на стилските клишеа, па и на културните и општествените стереотипи. Таа прави жанровски комбинации на елементи на балада, лирика, сонет... Таа применува и некои облици на лирски дијалог, со што на песната ѝ дава драмска интонација. Стилот на нејзината поезија е тесно поврзан со семантиката на песната и може да се опише низ интертекстуалните обележја на текстот и умрежувања на асоцијациите, цитатите и алузиите. Песната се стилизира и со помош на версификациско-реторичките постапки на ритмичност, еуфоничност, парономастичност и хомонимност, на алегоричност и метафоричност. Компарациите, исто така, се важен аспект на стилот на поезијата на Ацевска: „Слободното, спонтаното редење на споредбите, како и доближувањето на оддалечените реалности на ниво на јазичка структура на песните, дејствува изненадувачки за рационалната свест и навика“ (Лидија Капушевска-Дракулевска 2003).

5. Лирската слика на светот

Славица Србиновска (2006) укажува на средишното место што го зазема јазикот во поезијата на Ацевска. Поетската реч е еден вид настан (всушност „реален“ перформанс сега и тука), а не толку миметичка слика на светот. Настанот, пак, сфатен како реална изведба, се јавува во улога на активен субјект, додека сликата на реалноста врши улога на пасивен предмет/објект.

Во есејот „Зошто 'Преобразби'“, В. Ацевска ја разработува својата почетна посвета кон нејзината книга, која веќе го дава вистинскиот клуч за толкување на збирката: животот пружа шанси и можности за да се преобразиме и да пораснеме духовно и самите ние, и тие со нас и околу нас. Дали тоа ќе се случи, зависи од нас. Поезијата, нема сомнение, е простор на свеста во којшто преминуваат несвесните и потиснатите содржини, заборавените сеќавања, фотографиите и митските слики. Преминувајќи во светлото поле, тие се преобразуваат и самите во облик на светлина и свест. Во овој есеј Весна Ацевска завлегува, за прв пат, во доменот на домашните и меѓународните констелации кои директно или индиректно влијаат врз човековите преобразби и промените во светот на културата и уметноста. Сите внатрешни и надворешни преобразби влијаат врз нашата усвоена слика на свет. Колку се порадикални тие промени, толку е повидлива и промената на поетската слика на свет. И во самата поезија, и во автопоетичките толкувања на авторот/поетот.

Колку што песната „По вода“ е карактеристична за стилот на В. Ацевска толку е карактеристична и песната „Матрушка“ (2023, 29), иако се одликува со поинаква тематска и реторичка структура.[1] Во оваа песна таа прави поетска синтеза на рускиот простор-време, рускиот менталитет, руската душа и рускиот јазик и руската поезија (заумната, крајно енигматичната). Почнува со отслик на доминантната претстава за рускиот загадочен хронотоп – бели ноќи, Сибир, снег, алудира на тешката судбина на трагичните руски поети (Есенин, Мајаковски, Цветаева, Ахматова, Мандељштам, Пушкин...), некои испратени во егзил во Сибир, алудира меко, дискретно на рефлексиите на просторновременската загадочност и суровост врз животот на луѓето и поетите, алудира на Велимир Хлебников и неговото презиме со исказот „па, макар и мек како леб“, како и на неговиот заумен јазик полн „бесмислени“ изрази и осмислени јазични игри: „о вееоми, бобеоби, беботео-циц. И ако се вратиме повторно на насловот на песната, ќе видиме дека и самиот тој алудира на слоевитоста и загадочноста на песната и на животот: фигура во фигура, збор во збор, значење во значење, стих во стих, песна во песна. Бескрајот е суров.



 

[1] Исто е, иста луна, иста мена:

и сред белите ноќи во врело лето

– снежник, сечко, сибир и коложег –

таму е домот за пеење на руските поети,

и излишна е тука трагедија англиска,

непотребен е Шекспир за дејство

на сцената во тој загадочен руски свет,

каде што секој е сам до сопствениот крај

и сам како факел од себе се пали, па гори

од студ, од страст, од сон, од инает луд,

па, макар и мек како леб, се одзива и пее

пред да го прониже врело оловно зрно,

пред јаже да земе наместо понижен да е

в тајга, в тундра, или сам во азил да втоне: о вееоми

о вееоми, бобеоби, беботео-циципрр!

 

  • Автор

    ВЕСНА АЦЕВСКА

  • 10.XI 1952, Скопје -

  • современа книжевност

  • автор поезија


Опус

 Подготовки за претстава. 1985. Скопје: Македонска книга (поезија); Карпа за скок. 1991. Скопје: Македонска книга (поезија); Лавиринт. 1992. Скопје: Детска радост (роман); Рок видри. 1993. Скопје: Детска радост (роман); Скалила во зеленото. 1994. Скопје: Детска радост (роман); Котва за Ное. 1994. Скопје: Култура (поезија); Неред во огледалото. 1996. Скопје: Мисла (поезија); Кула во зборот. 2005. Скопје: Сигмапрес (поезија); Столисник. 2008. Скопје: Макавеј (поезија); Мартинки. 2008. Битола: Микена (поетски избор); Будност. Лотос. 2012. Скопје: Дијалог (поезија); Од оваа страна. 2020. Скопје: Дијалог (поезија); Преобразби. 2022. Скопје: Дијалог (поезија).


Библиографија

      Друговац, Миодраг. 1994. Клуч и брава. Котва за Ное. Нова Македонија, 27 јули 1994, 11.; Капушевска-Дракулевска, Лидија. 2003. Поетика на изненадувањето. Скопје: Магор.; Котеска, Јасна. 2003. (Метонимиската) метафора и модерната (Ќулавкова, Дирјан, Ацевска, Јоциќ). Македонско женско писмо – теорија, историја и опис. Скопје: Македонска книга, 136-155.; Линдро, Милош. 2008. Заводливата трајност на оностраното. Кон изборот Мартинки од Весна Ацевска. Стремеж бр. 5-6, 78-86.; Мандиќ, Зоран М. 2008. Густа шума на говорот (Весна Ацевска, Неред во огледалото, Рад/Арка, Белград/Смедерево, 2001). Стремеж бр. 5-6, 108-110.; Мартиновски, Владимир. 2023. Поетските преобразби на Весна Ацевска. Скопје: Друштво на писатели на Македонија, Книжевен жезол 2023, 5-11.; Мојсова-Чепишевска, Весна. 2023. Дестилирани 50 преобразби (Преобразби, Скопје: Дијалог, 2022). (во печат во Стремеж); Pavlovski, Borislav. 2012. Budnost ili rađanje riječi u gluhoj noći (оgled o poeziji Vesne Acevske). Martinke. Izabrane pjesme. Zagreb: Fidipid, 135-138.; Павловски, Борислав. 2020. Будност или раѓање на зборот во глува ноќ (кон поезијата на Весна Ацевска). Синтези бр. 49, 11-12.; Србиновска, Славица. 2006. Во просторот на зборот. Херменевтиката на зборот во збирката Кула во зборот од Весна Ацевска. Стремеж бр. 1-2, 85-96.; Старделов, Георги. 2008. Весна Ацевска (1952) Essentia cantus. Херменевтика на новата македонска книжевност. Битола: Микена, 333-354. Стојковиќ, Душан. 2008. Поетските чуда на Весна Ацевска (Весна Ацевска, Неред во огледалото, Рад/Арка, Белград/ Смедерево, 2001). Стремеж бр. 5-6, 111-116.; Стојковић, Душан. 2021. Песничка чуда Весне Ацевске. Песничка стабла македонске лирике. Смедерево: Арка, 268-272.; Ќулавкова, Катица. 1994. Реконструкција на суштината (за книгата Котва за Ное од Весна Ацевска). Скопје: Нова Македонија, Лик, 28 септември: 18.; Ќулавкова, Катица. 1996. Поет на балади и парадокси. Камен искушител. Скопје: Мисла, 95-100.; Ќулавкова, Катица. 1996. Весна Ацевска: Котва за Ное. Камен искушител. Скопје: Мисла, 101-106.; Ќулавкова, Катица. 2008. Тивко вкрстување на световите во поезијата на Весна Ацевска. Предговор кон поетскиот избор Мартинки од Весна Ацевска. Битола: Микена, 5-15.; Ќулавкова, Катица. 2000. Македонското женско писмо: од опозиција до конјункција (Светлана Х. Јоциќ, Весна Ацевска, Лилјана Дирјан и Вера Чејковска). Зборник на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Скопје, 311-322.; Цветкоски, Бранко. 2008. За поезијата, поетиката и флуидот (кон поетскиот опит на Весна Ацевска). Стремеж бр. 5-6, 87-94.; Цветкоски, Бранко. 2022. Преобразбите како есенција на траењето (кон поетската книга Преобразби од Весна Ацевска, Дијалог, 2022). Стожер бр. 48, 28-29.