Живот и дело

Бојаџиски е еден од основоположниците на македонската современа литература за деца, творец на социјалниот расказ за деца и еден од првите македонски драмски писатели за деца.

 раскажувач, драмски писател и преведувач. Припадник е на првата

 раскажувач, драмски писател и преведувач. Припадник е на првата генерација современи македонски писатели со обемен творечки опус, автор е на десетина прозни дела и четири драмски пиеси со различна тематика. Тематски неговите дела се посветени на минатото, зборуваат за војните, за судбина на луѓето од охридско-струшкиот крај, за татковината, за природата и за животот во слобода, за младинските работни акции, за колективизацијата на селото, за современоста. Бојаџиски е еден од основоположниците на македонската современа литература за деца, творец на социјалниот расказ за деца и еден од првите македонски драмски писатели за деца. Најчест мотив е егзистенцијата на детето, со социјално-класни елементи. Тоа е книжевност на блиско обраќање кон детето со реалистичко прикажување на стварноста, со социјална, хумана, психолошка и дидактичка компонента.  

Завршил учителска академија во Шабац. До окупацијата учителствувал во охридските и струшките села, а по Револуцијата работел како уредник во книгоиздавателствата „Ново поколение“ и „Кочо Рацин“, како соработник, репортер и уредник на Културната рубрика во весниците Титов пионер и Нова Македонија. Бил и директор на Градската библиотека во Охрид (до 1959).

Бојаџиски на книжевната сцена дебитира во жанрот на прозата со збирката раскази за деца Првите[B1]  цутови (1953). Како раскажувач, во фокусот го става охридско-струшкиот крај (пред, за време и по војната) и егзистенцијата на луѓето, раскажувајќи за: човековиот работен ентузијазам за време на социјалистичката реконструкција на селото (Првите цутови, 1953), за своето детство пред војната, за селскиот живот за време на војната, за пролетерските сили по ослободувањето (Чекори што не можеа да запрат, 1958), за врзаноста за родниот крај (Денес, утре, задутре, 1964), за животинскиот свет и за природата (Палавото зајаче, 1953; Ронки, 1965), за другарството (Галебово крило, 1966). Мотивите се разновидни: социјално-градителски и евокација на детството (Првите цутови, 1953; Чекори што не можеа да запрат, 1958), родољубиво-патриотски (Денес, утре, задутре, 1964), дидактички (Палавото зајаче, 1953; Ронки, 1965; Галебово крило, 1966). Раскажувачката проза се карактеризира со емотивност и со лирско-симболична егзалтација и е глас на традиционално обраќање кон детето чиј егзистенцијален и психолошки момент се актуализира преку проникнувањето во неговата психологија и во селскиот живот, кој согледан во реалистички рамки е неделив од стварноста и се раскажува со лирски и емотивен занес. Опишувањето на настаните, судбината, хуманоста на детето, прикажувањето на стварноста и на доближувањето на имагинарното до вистините го сочинуваат светот на расказите на Бојаџиски. Тука тој е инвентивен, оригинален, дидактичен, со црно-бело претставување на доброто и злото и се определува кон регионалното.

Бојаџиски како драмски писател дебитира со драмската творба За тебе, Македонијо (1944), а првата објавена драмска творба за деца е Милка (1945). Во целокупното драмско творештво третира теми од поблиското минато, но и теми од современоста. Во фокусот го става детето во миговите кога се бори за татковината, со болести и неволји, со доброто и злото во луѓето за времето на окупацијата (За тебе, Македонијо, 1944; Милка, 1945; Дадовме збор, 1948) и кога му се препушта на фантастичното (Дедо Мраз и кај нас, 1953). Мотивите се разновидни: родољубиво-патриотски (За тебе, Македонијо, 1944), социјални (Милка, 1945), дидактички (Дадовме збор, 1948), до творби чија содржина е блиска на современото дете и ја разгоруваат неговата игра и фантастичниот свет на сонот и јавето (Дедо Мраз и кај нас, 1953). Драмските пиеси се карактеризираат со емотивна искреност, а Бојаџиски е дидактичен со оригинални пораки до децата.

Неговиот опус може да се типологизира како психолошки реализам. Јазикот е свеж и лексички богат, изразот се наоѓа помеѓу класично реалистичен и модерен, а присутен е и народниот говор. Бојаџиски како раскажувач е моралист со теза, а како драмски писател е дидактичар со наравоучение.

Добитник е на бројни награди, а како позначајна е онаа од 1950 година кога е одликуван со Указ на Владата на НРМ – „Радосно детство“. (Б. Р. Н.)


 [B1]Хиперлинк Првите цутови

  • Автор

    БОРИС БОЈАЏИСКИ

  • 23.II 1915, Охрид - 9.V 1959, Охрид

  • современа книжевност

  • автор


Опус

 За тебе, Македонијо. 1944 (драма); Милка. 1945 (драмска пиеса за деца);  Дадовме збор. 1948 (драмска пиеса за деца); Дедо мраз и кај нас. 1953 (драмска пиеса за деца); Првите цутови. 1953 (збирка раскази за деца); Палавото зајаче. 1953 (збирка раскази за деца); Чекори што не можеа да запрат. 1958т (збирка раскази за деца); Над двете езера. 1962 (збирка раскази за деца); Денес, утре, задутре. 1964 (збирка раскази за деца); Ронки. 1965 (збирка раскази за деца); Галебово крило. 1966 (збирка раскази за деца); Mонографија за животот и револуционерната дејност на народниот херој Орце Николов.


Библиографија

 Друговац, Миодраг. 1986. Македонска книжевност за деца. Скопје: Наша книга.

Друговац, Миодраг. 1986. Повоени македонски писатели II, Скопје: Наша книга.

Идризовиќ, Мурис. 1988. Македонската литература за деца. Скопје: Наша книга.

Котевска, Милка; Лидиjа Мирчевска. 1989. Повоените македонски писатели. Битола: Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

Цацков, Душко. 1982. Литература за деца и младина. Скопје: Просветен работник.