Просветен деец, публицистка. Авторка е на песна, драмолетка и повеќе есеистички записи останати во ракопис.
Милошова е родена во сиромашно семејство во Прилеп, каде што и го завршила основното образование. Бидејќи рано останала без татко, а потекнувала од многудетно семејство, со стипендија ѝ било овозможено да го продолжи школувањето најпрво во Битола, а потоа и во Солун. По завршувањето на гимназијата, познато е дека работела како учителка во Струга.
Во ракописната оставнина на Милошова најбројни се есеистичките записи што се наоѓаат во тетратка без корици, чии последни страници се оштетени. Овие записи се напишани со конкретна цел, за најразлични поводи, а со други зборови, тие се изработени како задолженија, односно домашни и училишни задачи, писмени работи и диктати зададени од нејзините професори на одредена тема. Најголемиот дел од овие прозни материјали имаат датум на создавањето, и тоа во 1895 и 1896 година. Истовремено, дадена е и авторската идентификација (Анас. Милошова, Ан. Милошева, Ан. Милошова) и местото на настанување на записите (Солун). Такви се: „Пријатности на селскиот живот“ од 1 декември 1895 година, „Рождество Христово“ од 1 декември 1896 година, „Чистота“ од 4 февруари 1896 година, како и обемниот текст распослан на седум страници насловен како „Должностите на родителите кон децата и на децата кон родителите“ од 20 мај 1896 година. Ненасловената песна, пак, е без датум и е сочинета од три строфи со по три стиха, со меланхоличен призвук, а темата е идеалот, односно потребата од некаков мотив, желба, надеж, нешто што ќе го води човекот низ животот.
Краткиот дијалог насловен како Пенка и Марика од 1896/1897 година е прв и засега единствен регистриран драмски обид, поточно дијалошка творба, односно „разговор“ произлезен од раката на една македонска жена. Структурата на сценката е едноставна, но ги следи теоретските побарувања на жанрот, односно драмската конвенција и ја следи организацијата во основните драмски делови со заплет, кулминација и расплет, налик на творбите на Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Во неа се укажува на потребите за што поскоро излегување од мракот и незнаењето, како и воведување и спроведување нови светогледи.
Творештвото на Анастасија Милошова го потврдува постоењето на македонското женско творештво во XIX век и ни дава за право да се сомневаме дека вакви творби во ракопис сѐ уште постојат затрупани во некои и нечии непознати катчиња. (С. К.)