Живот и дело

Александар Поповски е еден од првите македонски модернисти.

 писател, поет, раскажувач, романсиер, препејувач, критичар

 писател, поет, раскажувач, романсиер, препејувач, критичар и антологичар. Припаѓа на втората генерација современи македонски писатели. Тој е еден од првите македонски модернисти, со огромен и разновиден опус: автор е на околу дваесет дела со различна тематика, остварени во различни жанрови. Тематски, свртен е и кон минатото и кон современоста, зборува за војните, за природата, за татковината, за животот во слобода. Најчести мотиви се детството, хуманоста и љубовта. Неговата поезија и проза се исповедни, со доминантно реалистичко прикажување на животот и со воспитно-поучна и морално-етичка компонента.  

Филозофски факултет завршил во Скопје и светска книжевност на Универзитетот во Љубљана. Работел како новинар во Радио Скопје, во весниците Трудбеник и Вечер, и како главен и одговорен уредник на списанието за деца Развигор во издателството „Детска радост“. Бил и главен и одговорен уредник на издавачката дејност во „Александар и Александар“ во Скопје. Член e на ДПМ од 1962 година.

Дебитантска објава на Поповски е збирката поезија за возрасни Проѕирност и повеви (1956), а во 1983 објавена е првата збирка за деца Прозорец на седмиот кат. Во целокупната поезија се третираат слични теми: детството, природата и човекот во сооднос со нив, а мотивите се разновидни. Поезијата за возрасни во фокусот ја става егзистенцијата на човекот и се карактеризира со лирска експресија (Проѕирност и повеви, 1956; Боите на радоста, 1964) и со емотивна искреност (Лулка на осознавања, 1968). Тука Поповски е сентиментален, а стихот е метафоризиран и е во функција на препорака. Поезијата за деца е сведочење за случки поврзани со детето и се транспонира во лирски и дескриптивен занес. Мотивите се разновидни: подучување на детето (Грвалашка, 1991), лирика за природата (Насетени грмотари, 1995). Дел од поезијата е со модерен сензибилитет (Прозорец на седмиот кат, 1983) или дидактичка (Кнеже еже, 2000). Тонот е хумористички, со изразена метафоричност.

Во жанрот на прозата Поповски дебитира со збирката раскази за деца Еден ден војна (1968), првиот објавен роман за деца е Лето во Славино (1972), а во 1998 е објавен и првиот роман за возрасни Правоаголен круг (1998). Тематските јадра се: детството, природата, војната, селскиот и земјоделскиот живот, градот и човекот во сооднос со нив, а мотивите се разновидни. Како раскажувач, посветен е на релацијата дете – возрасен и раскажува за: градскиот и селскиот живот за време на војната, за своето детство (Еден ден војна, 1968; На што личи снегот, 1969), за љубовта и класните антагонизми по ослободувањето (Најубавиот букет, 1970; Градот на гулабите, 1970), оживувањето на предметниот свет, детските игри и соништа (Копач на извори, 1972; Коњ во бунарот, 1974; Ветринки, 1984). Мотивите се разновидни: родољубиви и социјално-фолклорни (Еден ден војна, 1968; Градот на гулабите, 1970), евокација на детството (На што личи снегот, 1969). Дел од раскажувачката проза е со модерен сензибилитет, чиј свет е игрив и алегоричен (Копач на извори, 1972; Коњ во бунарот, 1974), дидактички (Најубавиот букет, 1970; Ветринки, 1984). Раскажувачката проза се карактеризира со лирска егзалтација, со дескрипција и е глас на традиционално обраќање кон детето. Опишувањето на настаните, прикажувањето на стварноста и доближувањето на имагинарното до секојдневните вистини го сочинуваат светот на расказите на Поповски.

Како романсиер Поповски е посветен на теми од поблиското минатото, но и на теми од современоста, како: судбината на детето за време на војната и окупацијата (Дождови и поплави, 1988), изградбата на земјата (Кога се зароди песната, 1989), љубовните детски авантури (Летувалците од Славино, 1985). [B1] Инспириран од односите што владеат меѓу луѓето во современоста, го пишува романот за возрасни Правоаголен круг (1998), каде во фокусот е преокупираноста на возрасните со себеси. Романсиерската проза за возрасни и деца се карактеризира со ненаметливост и го доловува сентиментот на децата од урбаните средини. Тука тој е инвентивен, дескриптивен, со смисла за хумор и се определува кон регионалното.

Поповски и како раскажувач и како романсиер за возрасни и деца е реалист, со тенденција да посегне и по друг, помодерен, психолошки облик на експресија.

Неговиот свет на сказни е собран во книгите Окото на срцето (1989) и Принцезата на бостанскиот цар (2000), создавани врз народни мотиви.

Добитник е на награди и признанија: „РТВ Скопје“ (двапати), „Младо поколение“ и „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца објавена во 2016 година. (Б.Р. Н.)


 [B1]Хиперлинк Летувалците од Славино

  • Автор

    АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ

  • 28.IV 1932, Ново Косово, Приштина -

  • современа книжевност

  • автор


Опус

 Проѕирност и повеви. 1956. Скопје: Кочо Рацин (поезија); Уморени реки сонца. 1961. Скопје: Кочо Рацин (поезија); Боите на радоста. 1964. Скопје: Кочо Рацин (поезија); Заприоко. 1966. Скопје: Кочо Рацин (поезија); Жарипат. 1968. Скопје: Мисла (поезија); Лулка на осознавања. 1968. Скопје: Мисла (поезија); Еден ден војна. 1968. Скопје: Македонска книга (раскази за деца); На што личи снегот. 1969. Скопје: Епоха (раскази за деца); Најубавиот букет. 1970. Скопје: Наша книга (раскази за деца); Градот на гулабите. 1970. Скопје: Наша книга (раскази и сказни за деца); Копач на извори. 1972. Скопје: Детска радост (раскази и сказни за деца); Коњ во бунарот. 1975. Битола: Развиток (раскази за деца); Ветринки. 1984. Скопје: Детска радост (раскази за деца); Лето во Славино. 1972. Скопје: Наша книга (роман за деца); Багремник. 1973. Скопје: Наша книга (поезија за возрасни); Коњ во бунарот. 1975. Битола: Развиток (раскази за деца); Летачка. 1979. (раскази за деца); Разлетување. 1980. Скопје: Детска радост (роман за деца и млади); Есента на балоните. 1983. Скопје: Наша книга (поезија за возрасни); Прозорец на седмиот кат. 1983. Скопје: Детска радост (поезија за деца); Ветринки. 1984. Скопје: Детска радост (раскази за деца); Летувалците од Славино. 1985. Скопје: Наша книга (роман за деца и млади); Дождови и поплави. 1988. Скопје: Детска радост (роман за деца и млади); Затворена бесоница. 1989. (поезија); Кога се зароди песната. 1989. Скопје: Култура (роман за деца и млади); Окото на срцето. 1989. Скопје: Детска радост (сказни); Бакнеж за сеќавање. 1990. Скопје: Детска радост (роман за деца и млади); Грвалашка. 1991. Скопје: Детска радост (поезија за деца); Мудри и збеснати. 1994. Скопје: Александар и Александар (поезија за деца); Насетени грмотари. 1995. Скопје: Александар и Александар (поезија); Правоаголен круг. 1998. Скопје: Александар и Александар (роман); Изнесена жар. 1999. (поезија); Скопје: Александар и Александар Кнеже еже. 1999. Скопје: Александар и Александар (поезија за деца); Принцезата на бостанскиот цар. 2004. Скопје: Александар и Александар (поезија); Проѕивко и дремало. 2009. (поезија за деца); И по сто пати. 2016. Скопје: Александар и Александар (поезија за деца). Составувач е на антологиите: Огледала. 1984 (панорамска антологија на современата македонска кратка проза); Антологија на македонската проза за деца на албански јазик (1985).

 


Библиографија

Друговац, Миодраг, 1986. Македонска книжевност за деца, Скопје: Наша книга.

Друговац, Миодраг, 1986. Повоени македонски писатели II, Скопје: Наша книга.

Идризовиќ, Мурис, 1988. Македонската литература за деца. Скопје: Наша книга.

Котевска, Милка; Лидиjа Мирчевска, 1989. Повоените македонски писатели. Битола: Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

Милариќ, Владимир, 1967. Време као играчка. Нови Сад: Матица српска.