Живот и дело

Глигор Поповски е еден од првите писатели за деца и младина.

 писател, поет, раскажувач, романсиер и преведувач. Припадник е на втората генерација современи македонски писатели,

 писател, поет, раскажувач, романсиер и преведувач. Припадник е на втората генерација современи македонски писатели, еден од првите писатели за деца и младина со огромен и разновиден опус. Автор е на околу триесет книги со различна тематика, остварени во различни жанрови, на две телевизиски серии и на повеќе радиодрами за деца. Тематски неговите дела се посветени на минатото, зборуваат за војните, за судбината на луѓето од беровско-струмичкиот крај, за татковината, за природата, за градот и современоста, за животот во слобода. Детството, храброста и љубовта се најчестите мотиви. Поезијата и прозата се исповедни, лични, тонот е блиско, емотивно обраќање. Прикажувањето е  реалистичко, со детали од животот и со воспитно-поучна и социјално-психолошка компонента.

Завршил учителска школа во Скопје. Работел како новинар во Пионерски весник, како уредник на детските списанија Титов пионер, Другарче, Развигор и Росица и како главен уредник на издавачката дејност во Детска радост. Бил член на ДПМ од 1954 година.

Поповски на книжевната сцена дебитира со прозната книга Сказна[B1]  за детето Вилен (1952), инспириран од народната приказна. Првата збирка (автобиографски) раскази е Дрварче, (1954), а првиот објавен роман за деца е Мостот (1959). Во целокупното прозно творештво се третираат слични теми: детството, војната, градскиот и селскиот живот и човекот во сооднос со нив. Предмет на интерес се беровско-струмичкиот крај пред и по војната и судбината на детето, а раскажува за: своето детство, за селскиот живот пред војната (Дрварче, 1954; Далечен свет, 1957) и за повоениот градски живот (Било едно дете, 1959; Билјана, 1972). Мотивите се разновидни. Дел од раскажувачката проза е со модерен сензибилитет, чиј свет наместа е фантазмагоричен (Било едно дете, 1959), а наместа тоа е урбаната средина (Билјана, 1972). Расказите се карактеризираат со лирска егзалтација и се глас на традиционално обраќање кон детето, а неговата егзистенција е лирски и емотивно раскажана. Опишувањето на настаните, прикажувањето на стварноста и доближувањето на фиктивното до вистините го сочинуваат светот на расказите на Поповски.

Како романсиер Поповски е посветен на темите од поблиското минато, но и на теми од современоста. Во романите е фокусиран на народниот идеал за слобода и правда, а мотивите се концентрираат околу егзистенцијата на детето. Тематските преокупации се: селскиот и градскиот живот пред војната (Испит, 1972), храброста на детето за време на војната и окупацијата (Црвената рака, 1966; Најтемната ноќ, 1981; Мостот, 1959) и на првите училишта на македонски јазик во 1944/1945 (Учителката, 1984). Судирот помеѓу руралното и урбаното тематски го обработува во романот Бојан (1973), а животот на ’децата од улица го третира во романот Заборавениот колосек (1993). Романсиерската проза се карактеризира со одделни човечки судбини, со слика на животот во селото и градот. Тука Поповски е оригинален, употребува симболи и се определува за регионалното.

Поповски доминантно е реалист, препознатлив како заговорник на етичката одговорност кон младината.

Во жанрот на поезијата дебитира со збирката Цвет (1953), по која следува  збирката Росица (1956), во кои внесува теми од природата и животните, ги опева првите детски сознанија за светот, а мотивите се лирско-рустикални. Тука е конвенционален, стиховите се римувани и проткаени со хумор. Кон крајот на педесеттите години на ХХ век Поповски го направил преминот кон посериозна поезија во која проговорува сентиментот на модерното дете, а спојувајќи го можното и неможното преку хуморот, парадоксот и фантазијата, ја опева детската желба за патување низ светот (Со тротинет по цел свет, 1959, т.н. песни-приказни), а и природата и животните (Чудо во гората, 1965). Во овие збирки доминантна тема е љубовта спрема светот и природата и мотивот на персонифицирани животни. Поповски својата поетска моќ ја покажува во збирките Парада на цвеќињата (1964), Сказна за најјунакот (1969) и Човек со човек (1982), каде доминантна тема е татковината и глорификација на ликови – борци за слобода (Сказна за најјунакот) и родољубиво-патриотскиот мотив (Сказна за најјунакот, 1969). Тука Поповски е оригинален, а метафората, римата, лирско-епскиот тон е одлика на стихот.

Поповски е поет на басни и сказни во стихови (Пелистерска сказна, 1987). Светот на сказните е собран во книгите Морнарот Неп (1971) и Елен Камен (1988), а со јазикот на прозата и поезијата проговорува во книгата Сказни за Возовија (1967), применувајќи римувана проза, хумор и алегорија.

Добитник е на наградите: Младо покољење“ за збирката Билјана,Партизански курир“ за целокупното творештво на тема на НОБ,13 Ноемвриза романот Најтемната ноќ,Курирче“ за севкупната дејност, РТВ – Скопје“ на Струшките вечери на поезијата во два наврати (во 1969 и во 1973 г.) за најдобра книга за деца (Што има зад тополите и Испит). (Б. Р. Н.)


 [B1]Хиперлинк  Сказна за детето Вилен

  • Автор

    ГЛИГОР ПОПОВСКИ

  • 1.IV 1928, с. Будинарци, Беровско - 14.V 2007, Скопје

  • современа книжевност

  • автор


Опус

 Бајка за детето Вилен. 1952 (сказна); Цвет. 1953 (поезија за деца); Дрварче. 1954 (раскази за деца); Росица. 1956 (поезија за деца); Далечен свет. 1957 (раскази за деца); Со тротинет по цел свет. 1958 (поезија за деца); Било едно дете. 1959 (раскази за деца); Мостот. 1959 (роман за деца); Црвената рака. 1961 (роман за деца); Парада за цвеќињата. 1964 (поезија за деца); Чудо во гората. 1965 (поезија и раскази за деца); Сказни за Возовија. 1967 (роман за деца); Сказна за најјунакот. 1969 (поезија за деца); Што има зад тополите. 1969 (раскази за деца); Морнарот Неп. 1971 (сказни за деца); Билјана. 1972 (раскази за деца); Испит. 1972 (роман за деца); Бојан. 1973 (роман за деца); Кога тато вози. 1977 (поезија за деца); За поубав свет. 1978 (поезија за деца); Планино, убавино. 1979 (роман за деца); Разговори за сообраќајот. 1980 (раскази за деца); Најтемната ноќ. 1981 (повест); Човек со човек. 1982 (поезија за деца); Добри мои, добар ден. 1983 (песни и раскази за деца); Учителката. 1984 (роман за деца); Избрани дела во десет книги (1984); Елен Камен. 1988 (сказни); Другата страна. 1991 (роман за деца); Шеп, шеп, шеп. 1991 (гатанки); Заборавениот колосек. 1993 (роман).


Библиографија

Друговац, Миодраг, 1986. Повоени македонски писатели II. Скопје: Наша книга.

Идризовиќ, Мурис, 1988. Македонската литература за деца. Скопје: Наша книга.

Марјановиќ, Воја, 1968. Детињство у поезији. Београд: Клио.

Милариќ, Владимир, 1967. Време као играчка. Нови Сад: Матица српска.

Цацков, Душко, 1982. Литература за деца и младина. Скопје: Просветен работник.