писател, раскажувач, романсиер, историчар и теоретичар на литературата, антрополог, есеист и преведувач. Припадник е на првата група постмодерни македонски писатели со богат творечки опус. Тематски, неговите дела се посветени на минатото и на современоста, зборуваат за променливата природа на идентитетот, за општествено-културните транзициски процеси, за опозицијата Исток –Запад, за Скопје како урбан и за Западна Европа како магичен простор, за љубовта, за жената и за секојдневието. Неговата проза е исповедна, драматична, со лични акценти и емотивна. Тонот е топло обраќање, со морално-етичка, критичка и психолошка компонента.
Лафазановски е доктор по филолошки науки и работи како научен советник во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје (од 1991), чиј директор е од 2019 година. Бил претседател на Македонскиот ПЕН-центар (2014 – 2017) и член на ДПМ (од 1994).
Лафазановски на книжевната сцена дебитира во жанрот на прозата со збирката раскази Половина божилак (1992), а првиот објавен роман е Благородник (1997). Како раскажувач во фокусот ја става релацијата идентитет – простор/време во периодот на транзицијата и раскажува за човековиот бунт кон актуелниот општествено-политички систем (Половина божилак, 1992), за транзициите во културата, за градот сега и за аномалиите денес (Кога во Скопје ги беа измислиле чадорите, 1999; Егзотична кантата, 2008), за изместените човекови и социокултурни вредности (Туја, 2012). Мотивите се разновидни: социопсихолошки и фантастични (Половина божилак, 1992), фолклорни и урбано-културни (Кога во Скопје ги беа измислиле чадорите, 1999), дијалошко интеркултурни (Егзотична кантата, 2008). Дел од раскажувачката проза е блиска до магичниот реализам, чиј свет е критика на актуелните дневно-политички појави (Туја, 2012). Раскажувачката проза се карактеризира со емотивност, асоцијативност и со онирична-фантазмагоричност, градена од материјал кој произлегува од фолклорот и од современоста, а се актуализира преку проникнувањето во егзистенцијално-културниот живот на човекот. Таа се раскажува со емотивен и сензибилен занес. Опишувањето на настаните, личностите, времето и просторот се одвива преку продор на магискиот ефект и на натприродното во секојдневието, што го раѓа фантастичното и го креира светот на расказите на Лафазановски.
Како романсиер Лафазановски е посветен на теми од минатото, на урбаниот фолклор и на теми од современоста. Во фокусот ја става човековата потрага по сопствената идентитетска приказна и по корените на сопственото страдање, а мотивите се концентрираат околу судбината, егзистенцијата и душевните ломови на човекот во транзициската современост. Тематските преокупации се: човековото незадоволство од положбата во општеството (Благородник, 1997), моќта и доминацијата на општествениот систем врз писателскиот занает (Опишувач, 2001), а антимилитаристичка порака праќа преку романот Роман за оружјето (2003). Преполовеноста на македонскиот субјект (во средината на XIX век) меѓу културите и световите на Ориентот и Оксидентот тематски ја обработува во романот Храпешко (2007), каде во фокусот е личната потрага по идентитетот во рамките на двата културни система – Исток и Запад. Недостатоците од капиталистичкото уредување, од транзицијата и од волјата за моќ, тематски ги актуализира во романот Недела (2010), а тегобноста на интеграцијата во новата средина (70-тите години на минатиот век во Скопје), ја обработува во романот Историја на луѓето што умреа од страв (2012), фокусирајќи се на егзистенцијалните распетија на туѓинците. Лафазановски поттикнат од егејската тема (врз база на живи сведоштва), во коавторство со Лидија Стојановиќ-Лафазановска ја пишува монографијата Егзодусот на Македонците во Грција: Женските стории за Втората светска војна и нивниот егзодус (2002), каде во фокусот е судбината и улогата на жената за време на Граѓанската војна во Грција.
Лафазановски и како раскажувач и како романсиер, познавајќи ги проседеите на магичниот реализам во реалноста, внесува фантастични елементи со што прави отклонување од реалистичката раскажувачка концепција. Јазикот е свеж и лексички богат, присутен е и туѓиот говор, урбаниот говор, ултраархаичниот сказ и народниот идиом. Гротеската, алегоријата, каламбурот, црниот хумор, фантастичното и ониричкото ја облагородуваат стварноста со можностите на фантазијата, што е доказ за автентичниот раскажувачки стил на Лафазановски, кој како раскажувач е маестро на травестијата на кусите наративни форми, а како романсиер умее да прелета од громогласна смеа до морничаво откровение.
Добитник е на неколку книжевни признанија: „Стале Попов“ (2001) за романот Опишувач, „Прозни мајстори“ (2003) за Роман за оружјето. (Б. Р. Н.)