најистакнатиот собирач на македонски народни умотворби, кои имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, етнографија, лингвистика и национална историја, етнограф и писател.
Цепенков е роден во Прилеп во сиромашно семејство. Заради тешката материјална состојба, во училиште одел само една година кај познатиот културен деец Хаџи Поп Константин Динков, а потоа продолжил да го учи терзискиот занает. Подоцна во Струга учел и грчко училиште. Својата егзистенција ја обезбедувал како терзија кој својот занает го работел во Кичево, Крушево, Битола, но откако станал мајстор си отворил свој дуќан во Прилеп што му овозможило да се вклучи во општествениот живот во градот и особено да придонесе за развојот на црковно-училишната дејност. Според неговите зборови, тој започнал да собира народни умотворби во периодот 1856-1857 година, поттикнат од Димитар Миладинов, кој во тоа време бил учител во Прилеп. Важна улога во неговата собирачка дејност одиграл и Кузман Шапкарев, кому му отстапил извесен дел од своите собрани приказни.
Цепенков работел седум месеци во Народното собрание на Бугарија за статистика на народното население, подоцна работел и во финансискиот оддел, по што бил администратор во печатницата на браќата поп Спиркови. Во 1888 во Софија тој му ги предал своите собрани народни умотворби на Иван Шишманов, кој пак му ги дал на рецензија на Ефрем Каранов. По позитивната рецензија, дел од записите се објавени уште во првиот број на познатиот Сборник за народни умотворенија, наука и книжнина во 1889, чиј редовен соработник бил и во наредните броеви, заклучно со двобројот XVI-XVII во 1900. Иако живеел во Софија, Цепенков често патувал во Македонија за да продолжи да собира фолклорни и етнографски материјали.
За жал, Марко Цепенков не доживеал да отпечати ниту една збирка од неговото големо собирачко дело. Целокупната негова оставнина се чува во фолклористичкиот архив на Иван Шишманов при Научниот архив на Бугарската академија на науките во Софија. Во современа Македонија, делата на Марко Цепенков за првпат биле реиздадени во 1954 година од Блаже Конески во антологискиот избор од неговите приказни насловен „Сказни и сторенија“. Во 1957 ракописите на Цепенков го фасцинираат Кирил Пенушлиски, кој ги пренесува во Македонија во вид на миркофилмови, со одобрение на тогашниот претседател на БАН, академик Тодор Павлов. Пенушлиски започнува систематски да ги анализира, класифицира и приредува, па објавува најпрвин три тома со дел од овие материјали во 1958-9, а во 1972 година било објавено и целокупното дело на Цепенков на македонски јазик во десеттомно издание под редакција на Кирил Пенушлиски, главен уредник Блаже Ристовски и одговорен уредник Томе Саздов. Ова издание содржи фолклорни, етнографски, филолошки и други материјали од неговата богата оставнина. Собраните дела подоцна добиваат и нова редакција и се преобјавуваат во 1980 во издание на Македонска книга и Институтот за фолклор.
Од сите собирачи на македонското народно творештво, Марко Цепенков има временски најдолга запишувачка практика - повеќе од 40 години собирал народни умотворби. Освен тоа, за разлика од другите најистакнати собирачи на македонските народни умотворби - браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ, кои во својот фонд собрани фолклорни материјали имаат и такви што ги добиле од други запишувачи, Марко Цепенков лично самиот ги запишал своите фолклорни и етнолошки материјали. И по вкупниот фонд на собраните народни умотворби, како и по жанровската разновидност на овие фолклорни материјали, Марко Цепенков е најзначајниот и најплодниот македонски собирач на народни умотворби. „Не само по огромниот квантум на македонски народни умотворби, туку и по квалитетот на нивното запишување и уметничко вообличување, Марко Цепенков претставува единствена појава во нашата народна книжевност.“ (Саздов 1970: 117)
Во вкупниот број на публикувани и непубликувани негови дела можат да се набројат повеќе од 5500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал (речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и народната агрономија и сл.). Запишаните фолклорни и етнолошки материјали Марко Цепенков ги собрал претежно од Прилеп и неговата околина, но и од Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и Дебарско. Соодветно на обемниот фонд собрани народни умотворби, голем е и бројот на интерпретаторите од кои Цепенков ги слушал и запишувал своите фолклорни материјали. Овие бројки не само што го потврдуваат неговиот статус на најголем собирач на македонски народни умотворби со непроценлив придонес за нашето фолклорно културно наследство, туку во нив, особено во приказните, доаѓа до израз и неговата лична раскажувачка дарба. Повеќемина истражувачи (Конески, Пенушлиски, Тодоровски, Саздов, Вангелов, Ќулафкова и др.) се согласуваат дека неговиот начин на запишување бил оригинален, бидејќи тој не ги запишувал творбите во мигот на нивно кажување, туку ги складирал во својата извонредна меморија и подоцна ги запишувал и допишувал по сеќавање, но со извесно „неверство“ (Конески) или „стилизирање“ (Пенушлиски), потпирајќи се на својата умешност и имагинација. Притоа го унифицирал јазикот, но умотворбите ги обработувал и во свој творечки манир, со своја композиција, синтакса и впечатлив стил, пројавувајќи се со тоа како оригинален творец. „Не можеме да кажеме каде точно престанува анонимниот народен раскажувач и записот на собирачот, а каде започнува авторскиот влог. Но, тоа и не е неопходно.“ (Ќулафкова 2021: 31), бидејќи иако ги крши нормите на современата фолклористичка практика, Цепенковата интегрална поетика е истовремено производ на легитимна книжевна практика.
Цепенков е автор е на драмското дело „Црне Војвода“, кое првпат било објавен на страниците на весникот „Автономна Македонија“ на И. Спирков во повеќе продолженија во 1903 година (во броевите од 13 до 25) во Софија. Драмата била напишана неговиот мајчин прилепски говор, со поднаслов „Историска пиеса во пет акта од македонскиот живот на македонски говор“, а тематски се однесува на насловниот јунак Спиро Црне, неговата чета и нивната борба против зулумите над селаните од Прилепскиот крај. Цепенков пишувал и песни и раскази, а ја напишал и својата Автобиографија, која претставува богат извор за проучување на неговиот, но и целокупниот живот во Прилеп.
Изнемоштен, разочаран од неуспешните обиди за публикување на своите ракописи и во крајна беда, Марко Цепенков умрел на 29 декември 1920 година во Софија, кадешто е и погребан. Сепак, зад себе остава дело кое ги чува од заборавот неговите творечки заложби да го вложи својот придонес во настојувањата Македонците да се претстават пред светот како народ со свое богато јазично и фолклорно творештво. Неговото повеќедецениско посветено и неуморно ангажирање во собирање, запишување и објавување на народни умотворби има непроценлива заслуга за зачувување на македонското фолклорно богатство и за наредните генерации. Делото на Цепенков, најголемиот бард на македонското фолклорно наследство, е „парадигма на македонското народно творештво и културно наследство“. (Ќулафкова 2021: 10) и затоа треба да се проучува денес и засекогаш и да им се наложува на нашите поколенија како драгоцен залог од нашето минато. (А.М.)