Живот и дело

Блаже Конески го има задолжено македонскиот народ, јазик, книжевност и култура, со два свои подвига: - првиот, оставајќи им во наследство поезија во којашто се испреплетува колективното со интимното битие; - вториот, пишувајќи ги граматиката и историјата на македонскиот јазик. Тој ги преслика универзалните слики на човечката состојба давајќи им и македонски, и личен предзнак. Во неговата поезија македонските страданија имаат интимна димензија, а интимните состојби – општочовечка.

Еден од најзначајните македонски поети и лингвисти, прозаист, есеист, преведувач, македонист, славист, публицист, историчар на книжевноста, универзитетски професор, академик, еден од основачите на МАНУ, општественик. Основното образование го започнал во родното село Небрегово а го завршува во Прилеп каде што завршил и нижа гимназија. Како најдобар ученик во училиштето, добил стипендија и образованието го продолжил во Крагуевац, каде завршил виша гимназија. Најпврин се запишал на Медицинскиот факултет во Белград, но по еден семестар се префрлил на Филозофскиот факултет, на отсекот за словенска филологија. По капитулацијата на Кралството Југославија, Конески се префрлил на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, каде што дипломира 1944 г.

По завршувањето на Втората светска војна, Конески се вработил како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје. 1946-та година започнал да работи како предавач на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1957 рабти со звање редовен професор по предметот историја на македонскиот јазик и бил шеф на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Во 1952/1953 година ја врши функцијата декан на Филозофскиот факултет, а во периодот од 1958 до 1960 година е ректор на Универзитетот во Скопје. Конески бил уредник на списанијата Нов ден и Македонски јазик. Бил член на Македонскиот ПЕН центар, еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија (1947) и негов прв претседател.

За редовен член на МАНУ и нејзин прв претседател е избран 1967 година (со мандат до 1975). Конески бил избран и за дописен член на академиите на Србија (САНУ), Хрватска, (SAZU), Словенија, Босна и Херцеговина. Од 1968 е почесен доктор на Универзитетот во Чикаго, Вроцлав, Лоѓ.

Освен како поет и писател, Конески е значаен за македонската културна историја како меѓународно признат македонист, кодификатор на македонскиот современ јазик (автор на Граматиката, коавтор на Правописот, уредник на Речникот на македонскиот јазик). Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методија“ го носи неговото име од 26 март 1997.

Конески се занимавал и со преведувачка дејност. Преведувал од руски, германски, бугарски, полски, чешки, српски, словенечки и други јазици. Има преведено дела на Петар П. Његош (Горски венец), Вилијам Шекспир (Отело), Хајнрих Хајне (Лирски интермеца), Александар Блок (Поезија), Франце Прешерн (Крштавање на Савица), потоа дела на Адам Мицкевич, Пабло Неруда, Владимир Мајаковски и др. автори.

Има објавено четиринаесет (14) поетски книги во оригинал на македонски јазик, а бројни избори и други изданија во превод на јужнословенски и светски јазици, меѓу другите и на германски, англиски, француски, турски, руски, украински, романски, грчки, унгарски, полски, дански и италијански јазик. Севкупното поетско творештво на Конески е објавено во првите два тома (секој од нив содржи по седум збирки) од критичкото издание на неговите целокупни дела, приредени од академик Милан Ѓурчинов на МАНУ (2011).

Првите негови песни се пишувани во периодот меѓу 1941 и 1945 година, а се објавени под наслов „Од стариот нотес“ 1958-та година, во списанието Современост, VIII, број 3. 1945-та година е објавена поемата „Мостот“ како одделна книга, а потоа истата е вклучена во состав на збирката Земјата и љубовта (1948). Неговите култни песни „Тешкото“ и „Везилка“ прв пат се објавени во збирката Везилка (1955) и се предзнак на нова, модернизирана поезија, за разлика од претходните песни и циклуси со традиционални романтичарски и револуционерни обележја.

Блаже Конески го има задолжено македонскиот народ, јазик, книжевност и култура, со два свои подвига: - првиот, оставајќи им во наследство поезија во којашто се испреплетува колективното со интимното битие; - вториот, пишувајќи ги граматиката и историјата на македонскиот јазик. Тој ги преслика универзалните слики на човечката состојба давајќи им и македонски, и личен предзнак. Во неговата поезија македонските страданија имаат интимна димензија, а интимните состојби – општочовечка.

Од збирката Везилка (1955) до Црн овен (1992), Конески ја обликува и ја следи својата сопствена концепција за поезијата, во чиешто средиште се наоѓа поетичкото начело на континуитет меѓу традицијата и иновацијата. Неговата поезија во својот најрепрезентативен вид е вдахновена од македонското усно народно творештво (легенди, преданија, митски слики). Тука спаѓаат песните од циклусот за Крале Марко („Одземање на силата“, „Стерна“, „Кале“, „Марковиот Манастир“, „Песјо Брдце“) и песните „Болен Дојчин“, „Везилка“, „Тешкото“, „Виј“, „Ангелот на Света Софија“, „Послание“, „Црква“, „Икона“, „Молитва“, „Спомен по многу години“, „Натпис на чешмата во Јован Бигорски“, „Видение на Исаија Радев од Лазарополе во дебарската зандана“, „Антониј и Клеопатра“ и др. Овие песни се создадени врз фонот на народната легенда и усната книжевност, со нивна индивидуализација и актуализација, со нивно преосмислување и иновирање.

Таквиот пристап во теоријата на книжевноста во светот подоцна ќе се поврзат со интертекстуалната постапка (дијалог со народната, културната и книжевната традиција, дијалог со претходниците). Тој пристап подразбира – од една страна - континуитет, препознавање на личниот свет во мотиви наследени од народното предание, почит на колективната митска и историска меморија и на архетипските матрици, а – од друга – стилски и семиотички иновации и варијации на песната на таков начин што индивидуалниот сензибилитет ќе го потисне колективниот со неговите општи и клиширани места, без да го укине.

Тоа значи дека Конески пројавува интерес за интертекстуалниот модус во поезијата уште далечните педесетти години, а тој модус се развива величествено во песната „Стерна“ (1957). Оттогаш, па сѐ до неговата последна збирка Црн овен (1993), Конески се свртува кон македонската усна и народна традиција од којашто се инспирира и со којашто води дејствен и тревожен дијалог. Тоа е дијалог меѓу разумот и сетилата, меѓу медитацијата и чувствата, меѓу свеста и потсвеста, меѓу народниот мудрец и осамениот поет. Самиот Конески вака ја објаснува таа своја страст спрема усниот/оралниот претекст:

„Јас сум ги усвојувал во своето детство нашите народни песни, преданија и легенди на самиот извор, во најблиската средина, со нивното својствено звучење. Јас не сум ги учел нив од книга. Подоцна сум користел во својата поезија многу мотиви од нашата орална традиција. Преку нив јас наоѓав начин да ги искажам своите дилеми, своите возбуди и огорченија. Јас вршев иновација, ги вклопував старите пораки во современ израз и ги варирав по начин што му одговара на интересот и сензибилитетот на современиот човек. Така се вклучував во оној континуитет, во она бескрајно течење за кое зборувам во споменатата своја поема („Ракување“). Така се чувствував сврзан со богатата јазикотворечка лабораторија на колективот“ (Конески, 1993, 28).

Во автопоетичкиот есеј „Еден опит“ (Стари и нови песни, 1979), Конески го објаснува својот пристап кон поезијата и „откривањето на песната“, втемелен врз поврзаноста меѓу традицијата и иновацијата, традицијата како проекција на колективната меморија (народната култура), а иновацијата како прилог што го дава поетот. Песната не почнува од ништо, таа е исчекор од нешто кое веќе постои во традицијата. Во некои песни е видлива усната или пишаната и книжевна предлошка на песните на Конески, затоа што е истакната со некој цитат, мото или друг маркер во насловот и во самата песна. Такви се на пример песните „Подмладување“ и „Грешни жени, (Конески, Црква, 1988) напишани врз предлошки земени од записите на Тиквешкиот зборник од 15 век. Такви се и песните од истата збирка - „Натпис над чешмата во Јован Бигорски“, „Антониј и Клеопатра“. Такви се и песните „Видение на Исаија Радев од Лазарополе во дебарската зандана“, „Сирма“,или „Полн циклус“ (последнава е варијација на песна на турскиот поет Фазил Хисни Дагларџа), објавена 1989-та, во збирката Златоврв.

Во овој тип поезија на Конески спаѓаат дури и песните – препеви со радикална интертектуалност, циклусот „Пораки од исток“, објавени во Црн овен. Во овој циклус тој прави симулација на препев, слободна обработка на оригиналните творби од Блискиот и Далечниот Исток, толку слободна што може да се зборува за двојно авторство. За разлика од книгата Небеска река (1991) која има поднаслов „Песни и препеви“, Црн овен нема таков поднаслов.

Иако Конески применува и други начини на создавање песна (медитација, лични сеќавања и реминисценции, конфесионалност), интертекстуалниот метод го обележува неговото поетско творештво во континуитет, давајќи му модерна, па и постмодерна димензија, кога смело ја пишува мистификацијата за Јордан Хаџи Константинов Џинот, објавена под наслов „Таблица перваја“. Оваа мистификација која создава илузија дека е напишана д Џинот 1851 година, а всушност е напишана од Конески, е последниот текст што го има дадено за објавување во списанието Културен живот, а кој излегува од печат непосредно по неговата смрт (бројот август-декември 1993). Конески го дава следното објаснување за неа во вид на „Исповед на еден мистификатор“:

„Овој текст го напишав јас едно попладне во март 1993 година. На Џинот сум му благодарен што ми ја позајми формата. Решив да не брзам со објавувањето и само неколку копии поделив меѓу своите пријатели, со забелешка под текстот: Соопштува Блаже Конески. Видов дека некои од нив не ја откриле веднаш играта, зашто ме прашуваа во какви околности можел Џинот да се искаже на ваков начин. Сега, кога се решив да ја објавам оваа ‘таблица’, не би сакал да ги доведам во иста ситуација и некои од читателите. Затоа сметав дека треба да го приложам ова објаснение.“

Награди: Годишната награда на ДПМ (1953); наградата на Сојузот на писателите на Југославија (за „Везилка“, 1956); „11 Октомври“ (за редакцијата на првиот том на Речникот на македонскиот јазик, 1961); „11 Октомври“ (за Историја на македонскиот јазик, 1965); наградата АВНОЈ (1966); „11 Октомври“ (за Записи, 1974); „Кирил Пејчиновиќ“ (за превод, 1976); „11 Октомври“ (за животно дело, 1979); „Браќа Миладиновци“ (за Записи, 1974); „Кочо Рацин“ (за Записи, 1974); Његошевата награда (за Записи, 1975); „Ацо Шопов“; Хердерова награда; „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата (1981); „Мисла“ (за книжевен опус, 1981); „Бранко Миљковиќ“ (1985); „Скендер Куленовиќ“ (1985); наградата на Сојузот на писателите на СССР; „13 Ноември“ (за Македонскиот 19 век, 1986); Вуковата награда на КЛЗ на Србија (1987); Рациновото признание (за Дневник по многу години, 1988); „Книга на годината“ (за Сеизмограф, 1989). (К. Ќ.)

  • Автор

    БЛАЖЕ КОНЕСКИ

  • 19.12.1921, Небрегово - 7.12.1993, Скопје

  • современа книжевност

  • автор поезија проза


Опус

ОПУС:

Поезија: Мостот (Култура, 1945); Песни (со Ацо Шопов, Славко Јаневски, Гого Ивановски и Лазо Каровски (Главен одбор на НОМС, 1946); Од борбата (Државно книгоиздателство на Македонија (1947),Земјата и љубовта (Државно книгоиздателство на Македонија, 1948); Песни (Кочо Рацин, 1953); Везилка (Култура, 1955); Везилка (второ, дополнето издание) (Култура, 1961); Песни (Кочо Рацин, 1963); Стерна (Мисла, 1966);Песни (со Рацин, Вапцаров, Неделковски, Јаневски, Шопов, Ивановски, Тодоровски, Матевски, Андреевски, Поповски, Наша книга, 1967); Ракување (Мисла, 1969); Везилка (Македонска книга, 1971); Записи (Македонска книга, 1974); Стари и нови песни (Стремеж, Прилеп, 1978); Игра со дете (Мисла, 1982); Чешмите (1984); Послание (Култура, 1987); Црква (Мисла, 1988); Златоврв (Македонска книга, 1989); Сеизмограф (Мисла, 1989); Небесна река (Македонска книга, 1991); Црн овен (Култура, 1993).

Проза: Лозје (Кочо Рацин, 1955);  Лозје (Култура, 1967); Лозје и песни во проза (Мисла, 1981); Места и мигови (Мисла, 1981); Дневник по многу години (Македонска книга, 1988); Дневник од Нишка бања (Разгледи, 1988). Проза (МАНУ, 2014).

Огледи/есеи од областа на книжевноста: Македонски учебници од 19 век (прв дел) (1949); Македонската литература во 19 век (прв дел) (1950); Македонската литература во 19 век (втор дел) (1952); Беседи и огледи (есеи, 1952); Есеи: За македонската литература (есеи, 1961); Јазикот на македонската народна поезија, МАНУ, 1971. Беседи и огледи (1972); Македонскиот 19. век, јазични и книжевно-историски прилози (1986); Ликови и теми (есеи, 1987); Македонски места и теми (есеи, 1991); Светот на песната и легендата, Скопје, Гоце Делчев (1993).

Конески е автор и на Граматика на македонскиот литературен јазик (прв дел, 1952), коавтор на Правописот на македонскиот литературен јазик (1945) и на Македонскиот правопис со правописен речник (со Крум Тошев, 1950). За овие дела да се видат томовите 7-13 од критичкото издание на целокупните дела на Конески, Скопје, МАНУ, достапни и на веб страницата на МАНУ: www.manu.edu.mk


Библиографија

БИБЛИОГРАФИЈА И ПОНАТАМОШНО ЧИТАЊЕ:

Андреевски, Цане. 1991. Разговори со Конески, Скопје, Култура., Вангелов, Атанас. 1981. „Поезијата на Б. Конески“, Места и мигови, Скопје, Мисла. , Ивановиќ, Радомир. 1982. Поетиката на Блаже Конески, Скопје, Македонска ревија. , Мицковиќ, Слободан. 1986. Поетските идеи на Конески, Скопје, Наша книга. , Старделов, Георги. 1990. Одземање на силата, Скопје, Мисла. , Конески, Блаже. 2014. Проза, том IV од Критичкото издание на делото на Блаже Конески, приреден од К. Ќулавкова. Скопје, МАНУ, Достапно на веб страницата на МАНУ: www.manu.edu.mk, Конески, Блаже. 2011. Поезија, том I и том IIод Критичкото издание на делото на Блаже Конески, приреден од М. Ѓурчинов. Скопје, МАНУ, Достапно на веб страницата на МАНУ: www.manu.edu.mk , Урошевиќ, Влада; Ќулавкова, Катица. 2023. Читајќи го Конески. Скопје: МАНУ. , Цепенков, Марко. 1971. Преданија и легенди, книга седум, пр. од Кирил Пенушлиски. Скопје: Институт за фолклор и Македонска книга.