Живот и дело

Општо земено, поезијата на Матевски се одликува со висок степен лиричност, особено видлива во неговите први збирки - Дождови (1956); Рамноденица (1963); Перуника (1976); Круг (1976) и Липа (1980). Имајќи предвид дека почетниот образец на лирска поезија (во европски рамки) е поврзан со митската фигура на Орфеј и античката поетеса Сапфо, лиричноста подразбира, од една страна, чувствителна (сентиментална), интимна и монолошка слика на светот, а од друга – музикалност, елиптичност, асоцијативност и енигматичност на исказот. Сите овие одлики се среќаваат во поезијата на Матевски, иако не секогаш со ист интензитет и не секогаш во „чиста“ форма. Опусот на Матеја Матевски, во своите најубави варијанти, му останува верен на лиризмот. Опусот на Матеја Матевски, иако отворен спрема бројните дијалошки стратегии, ѝ останува верен на лиричноста. Лириката е доминантната вокација и можеби најголемиот влог на Матеја Матевски во македонските поетски вредности.

македонски поет, книжевен и театарски критичар, есеист, преведувач, универзитетски професор и академик. Годините на детството ги поминува во Гостивар, a активен учесник во НОВ е од 1942 година. Гимназија запишува во Тетово, непосредно по Втората светска војна, а матурира во Скопје. Студира во Белград и Скопје, каде што дипломира на Филозофскиот факултет (1956). Подоцна (1962/63), на Институтот за театарски студии во Париз, го изучува модерниот француски театар и драма. Работи како новинар, како уредник на културните и литературните програми, како главен уредник и директор на Телевизија Скопје и како генерален директор на Радиотелевизија Скопје (1967-1977). Бил редовен професор по предметот „Историја на светската драма и театар“ на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1975-1985). Ги вршел функциите претседател на Републичката комисија за културни врски со странство (1977-1986) и член на Претседателството на СРМ (1985-1986). Бил член на Македонската редакција на Енциклопедијата на Југославија (уредник за театар, филм, радио и телевизија). Бил уредник на книжевните списанија „Млада литература“ и „Разгледи“, како и на Книгоиздателството „Кочо Рацин“ (1961-1962). Бил претседател на ДПМ (Друштвото на писателите на Македонија), на Македонскиот ПЕН центар (а потоа и негов почесен претседател), на меѓународните поетски манифестации „Струшки вечери на поезијата“ и „Рацинови средби“, на Македонската книжевна фондација, на Фестивалот „Охридско лето“ и на „Бигорските научно-културни собири“. Исто така, бил основач и претседател на Друштвата за пријателство на Македонија и Франција, на Македонија и Норвешка и на Македонија и Турција.

1979-та е избран за дописен, а 1983-та година за редовен член на МАНУ. Бил дописен член на Северноамериканската академија на шпански јазик во Њујорк (2002), на Словенечката академија на науките и уметностите (2007), на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург (2003), на Европското друштво за култура во Венеција (2004) и на Норвешката академија за литература и слобода на изразувањето (2005), како и почесен член на Албанската академија на науките (2006) и на Институтот „Сесар Ваљехо“ во Трухиљо, Перу (2005). Бил член и на Друштвото за наука и уметност во Битола. Од 2001 до 2003 ја вршел функцијата претседател на МАНУ.

Автор е на 24 книги поезија во оригинал на македонски јазик, од Дождови (1956) до Темни деноноќија (2017). Неговата поезија е преведена на повеќе јазици, како во вид на книга (40 збирки на дваесет јазици), така и во рамки на антологиски и други избори од македонската, јужнословенската, европската и метафизичката поезија, објавени песни во бројни списанија и др.

Полиглот, Матевски има преведено и препеано книги на автори од повеќе јазици: албански, бугарски, италијански, каталонски, руски, српски, словенечки, шпански и француски јазик, а меѓу нив: Пабло Неруда, Федерико Гарсија Лорка, Хуан Рамон Хименес, Омеро Ариѓис, Хенрик Ибзен, Октавио Пас, Хусто Хорхе Падрон, Андре Френо, Рафаел Алберти, Херман Кестен,  Александар Сергеевич Пушкин, Прежихов Воранц, Ела Пероци, Дане Зајц, Цирил Злобец, Тоне Павчек, Франце Прешерн, Адем Гајтани, Луис Пастори, Неџати Зекирија, и др. Тој е приредувач и преведувач на (антологиите) Шпанската поезија на ХХ век, Каталонска поезија и др.

Матеја Матевски се смета за „поет кој направи огромен исчекор во осовременувањето на македонскиот поетски јазик, во изострувањето на неговиот сензибилитет, во откривањето на неговите скриени можности. Матеја Матевски е поет кој во македонската поезија ги напиша првите стихови кои звучат навистина модерно и чијашто модерност не изгубила ни денес ништо од својата длабочина и свежина“ (Урошевиќ, 2018).

Општо земено, поезијата на Матевски се одликува со висок степен лиричност, особено видлива во неговите први збирки - Дождови (1956); Рамноденица (1963); Перуника (1976); Круг (1976) и Липа (1980). Имајќи предвид дека почетниот образец на лирска поезија (во европски рамки) е поврзан со митската фигура на Орфеј и античката поетеса Сапфо, лиричноста подразбира, од една страна, чувствителна (сентиментална), интимна и монолошка слика на светот, а од друга – музикалност, елиптичност, асоцијативност и енигматичност на исказот. Сите овие одлики се среќаваат во поезијата на Матевски, иако не секогаш со ист интензитет и не секогаш во „чиста“ форма. Опусот на Матеја Матевски, во своите најубави варијанти, му останува верен на лиризмот. Опусот на Матеја Матевски, иако отворен спрема бројните дијалошки стратегии, ѝ останува верен на лиричноста. Лириката е доминантната вокација и можеби најголемиот влог на Матеја Матевски во македонските поетски вредности.

Во подоцнежното творештво на Матевски, почнувајќи од збирката Раѓањето на трагедијата (1980) и Црна кула (1992), преку Потекла (2008), Елегии за тебе: реквием за Рацин (2009); Корени во ветерот. Враќање во Стамбол (2012), Молох: пеш по светот (2015), сè до неговата последна збирка Темни деноноќија (2017), се зголемува комплексноста на неговиот поетски опус. Тој опева, на еден помалку лиричен, повеќе интелектуален начин, теми поврзани со митската, историската и личната меморија. Во фокусот на неговиот интерес влегуваат: античкиот театар, трагедијата, мито-историските наративи за Икар, Троја, Олимп, Улис, Хектор, Делфи, Филипики, Маратон, Галилеј, Џордано Бруно, книжевните фигури од минатото и современоста (Рилке, Дон Кихот, Росалио де Кастро, Васко Попа, Кочо Рацин и др.), градовите кои ја сочинуваат личната мапа на неговите патешествија и сеќавања. Така, неговата поезија од крајот на ХХ век и почетокот на ХХI ја проширува својата асоцијативност и дијалогичност, користи постапки на интертекстуалност и есеистичност, покренува суптилни биографски прашања за сопствениот идентитет. Оваа подвоеност на творечкиот принцип, остава траги врз поезијата на Матевски, која нема секогаш чисти „лирски“ манифестации, туку се отвора спрема мешаните стилови. Во една од неговите најзначајни збирки, Раѓањето на трагедијата, Матевски прави синтеза на својата лирска вокација со својот богат интелектуален и егзистенцијален корпус.

Добитник е на следните награди и признанија: двапати на Наградата (подоцна оваа награда го добива името „Ацо Шопов“) на Друштвото на писателите на Македонија за поезија (1956, 2001) и на „Браќа Миладиновци“ на СВП за најдобра поетска книга меѓу два фестивала (1963, 1981), како и на националните награди: „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Климент Охридски“, „Македонско слово“, „Веља кутија“ на Македонските духовни конаци, „Гоцева повелба“, „Книга на годината на Македонската книжевна фондација“, „Книжевно жезло“ на Празникот на липите, како и на Повелбата „Блаже Конески“ на ДПМ за врвни творечки остварувања и трајни белези во македонската, европската и светската литература. За препев на поезија е добитник на наградите „Григор Прличев“ на СВП, „Златно перо“ и „Кирил Пејчиновиќ“.

Добитник е и на повеќе меѓународни награди: „Горанов вијенац“ (Хрватска), „Блез Сандрар“ (Швајцарија), специјалната награда за литература „Премио медитеранео“ на книжевниот собир во Палермо, „Триесте поезија“ на Фестивалот во Трст и „Премио медитеранео“ на Медитеранската акдемија во Неапол (Италија), „Фернандо Риело“ и „Атлантида“ (Шпанија), „Жупанчичева листина“ (Словенија), „Ергуван“ (Турција), „Златен клуч на Смедерево“ (Србија), наградата на издавачите на Романија „Нирвана“, потоа наградите „Мајкл Мадхусудан“ и „Восхитувачки поет“ (Индија), како и „Јан Смрек“ (Словачка). Во 2011 ја добива меѓународната награда „Златен венец“ на Струшките вечери на позијата (СВП) за целокупниот поетски опус. Носител е, покрај други, на високото национално одликување „Заслуги за Македонија“ и на највисоките француски одликувања „Легија на честа“ и „Уметност и литература“. (К. Ќ.)

  • Автор

    МАТЕЈА МАТЕВСКИ

  • 13. III 1929, Истанбул - 6. VI 2018, Скопје

  • современа книжевност

  • автор поезија


Опус

Опус

Дождови. 1956. Скопје: Култура (поезија); Рамноденица. 1963. Скопје: Култура (поезија); Перуника. 1976. Скопје: Мисла (поезија); Круг. 1976. Скопје: Култура (поезија); Липа. 1980. Скопје: Македонска книга (поезија); Раѓање на трагедијата. 1985. Скопје: Македонска книга (поезија); Од традицијата кон иднината. 1987. Скопје: Мисла (огледи и критики); Драма и театар. 1987. Скопје: Мисла (театролошки есеи и студии); Оддалечување. 1990. Скопје: Македонска книга (поезија); Црна кула. 1992. Скопје: Македонска книга (поезија); Завевање. 1996. Скопје: Зумпрес (поезија); Светлината на зборот. 1998. Скопје: Матица македонска (есеи и критики); Мртвица. 1999. Скопје: Зумпрес (поезија); Внатрешен предел. 2000. Скопје: АЕА, Мисла (поезија); Искушенијата на идентитетот. 2002. Скопје: МАНУ (есеи, критики и записи); Отаде заборавот. 2003. Скопје: Матица македонска (поезија); Копнеж по целина. 2005. Скопје: АЕА, Мисла (поезија); Предели покриени со вода. 2006. Скопје: АЕА, Мисла (поезија); Ветерот и градот. 2007. Скопје: АЕА, Мисла (поезија); Потекла. 2008. Скопје: АЕА, Мисла (пет поеми); Елегии за тебе: реквием за Рацин. 2009. Скопје: АЕА, Мисла (поезија); Нирвана. 2010. Скопје: Матица македонска (поезија); Пофалба на помнењето. 2010. Скопје: МАНУ (есеи, критики и записи); Корени во ветерот. Враќање во Стамбол. 2012. Скопје: Матица македонска (поезија); Зад лавиринтот. 2014. Скопје: Матица македонска (поезија); Молох: пеш по светот. 2015. Скопје: Матица македонска (поезија); Будење на кристалите. 2016. Скопје: Матица македонска (поезија); Темни деноноќија. 2017. Скопје: Матица македонска (поезија); Денови и книги. 2017. Скопје: МАНУ (есеи).


Библиографија

Библиографија и понатамошно читање

Вангелов, Атанас. 2004. Матеја Матевски. Македонски писатели (1). Скопје: Култура., Ѓурчинов, Милан. 1996. Нова македонска книжевност (1945-1980). Скопје: Студентски збор., Клетников, Ефтим. 1984. „Поезијата на Матеја Матевски“, предговор кон изборот Глас, Скопје: Мисла. Старделов, Георги. 2020. Раѓање на трагедијата: за поезијата и поетското искуство на Матеја Матевски. Скопје: МАНУ и Матица македонска. Ќулавкова, Катица. 1992. „Поетика на рамнотежа“. Предговор кон Маски од Матеја Матевски. Скопје: Македонска книга, 5-10., Урошевиќ, Влада. 2018. Беседа на комеморативната седница на МАНУ, 8 јуни 2018.