Македонски поет и преведувач од првата повоена генерација, еден од основоположниците на современата македонска поезија и еден од најзначајните македонски модернистички поети.
Во родниот град Штип го поминува детството, го завршува основното и гимназиското образование. Како гимназијалец (1940-та година) влегува во СКОЈ, а две години подоцна се вклучува во антифашистичката борба во состав на Третата македонска ударна бригада. По завршувањето на војната, живее во Скопје, каде што ги завршува студиите по филозофија на Филозофскиот факултет, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Бил уредник на списанијата: Нов ден, Млад борец, Иднина, Хоризонт и Современост. Бил главен и одговорен уредник на сатиричниот неделник Остен, каде што ги објавува сатиричните песни од збирката Јус-универзум (1968). Бил член на ДПМ (од основањето во 1947) и негов претседател. Избран е за редовен член на МАНУ во првиот работен состав (18 август 1967), а една година подоцна и за дописен член на САНУ.
Шопов бил прв директор на книгооиздателството ,,Кочо Рацин“ (подоцна преименувано во „Македонска книга“). Бил, исто така, амбасадор на СФР Југославија во Сенегал, а кариерата ја завршил како Претседател на републичката Комисија за културни врски со странство.
Бил прв претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата, а претстедавал во неколку наврати со Друштвото на писателите на Македонија. Бил и претседател на Координациониот одбор на Сојузот на писателите на Југославија, како и претседател на Сојузот на преведувачите на Југославија.
Негови збирки поезија се препеани на англиски, полски, словенечки, унгарски, руски, латвиски, српски и хрватски, француски, романски, шпански, германски и бугарски јазик. Одделни негови песни, застапени во разни антологии и избори, се преведени и на други странски јазици.
Toј има препеано дела од познати светски и јужнословенски писатели: Вилијам Шекспир, Пјер Корнеј, Иван А. Крилов, Леополд Седар Сенгор, Едмон Ростан, Јован Јовановиќ Змај, Мирослав Крлежа, Изет Сарајлиќ, Драгутин Тадијановиќ, Григор Витез, Отон Жупанчич и други. Некои негови препеви се сметаат за најубавите препеви на македонски јазик (Сирано де Бержерак на Ростан, Хамлет, Ромео и Јулија на Шекспир). Исто така, Шопов ги има направено првите преводи на македонски јазик на класични дела на детската литература: Црвенкапа, Пепелашка, Мачор во чизми, Убавицата и ѕвериот, и др. Првата збирка на Ацо Шопов Песни е објавена 1944 година. Две години подоцна (1946) излегуваат од печат збирките Пруга на младоста (напишана со Славко Јаневски) и Песни (заедно со Блаже Конески, Славко Јаневски, Гого Ивановски и Лазо Каровски). Во оваа колективистичка творечка фаза Шопов, барајќи го својот стилски идентитет, води дијалог со усната поетика и со општите места на македонската јазична и културна традиција (на пр., песните „Претсмртно писмо на еден партизан“, „Партизанска пролет“). Во втората (колективна) збирка е вклучена неговата антологиската песна „Очи“, која покажува дека, дури и во најраната поезија на Шопов е впишан јасно неговиот индивидуален/личен авторски потпис. Значи, уште 1946-та година се забележува чувствителноста на Шопов спрема јазикот. Во песните „Очи“ и „Љубов“ доаѓа до израз личниот јазичен допир на поетот со себе и со светот. Тој контакт меѓу јазикот, поетот и светот е првиот извор на поетскиот индивидуализам и модернизам. Кога зборуваме за личниот свет на поетот не мислиме само на неговите интимни чувства и состојби на „мака и радост“, туку на свет кој опфаќа широк дијапазон на состојби на свеста, психички и ментални, кои вклучуваат во себе универзални, архетипски и митски слики.
Иако стартува како поет револуционер, Шопов брзо се трансформира во репрезентативен поет на македонската Модерна, поминувајќи ги сите нејзини иницијални облици на персонализација и индивидуализација. Модернизацијата на поезијата подразбира, имено, оддалечување од постојните поетски конвенции (во случајов колективистичкиот, револуционерен и социјален дух и реторичност) и преиспитување на традиционалниот систем на стилски и тематски вредности. Таквиот активен пристап создава услови да се издвои еден поетски опус како посебен. Тоа се случува со опусот на Шопов, во којшто почнуваат да преовладуваат неговите особени јазични, стилски и тематски карактеристики. Нешто слично се случува и во опусите на Славко Јаневски и Блаже Конески. Затоа може да се каже дека првата повоена генерација македонски поети рано се оддалечува од колективистичката матрица. Имаме тројца поети со три специфични поетики. Врз основата на тие три специфични поетики е изградена, следните десетина години, општата поетика на македонската Модерна.
Ацо Шопов не е типичен претставник на македонската поствоена поезија, но во неговата поезија се проектирани клучните поетички пресврти кои се одвиваат во современата македонска поезија по Втората светска војна, во периодот од 1944 до 1980 година. Тука ги имаме предвид: - револуционерната, антифашистичка, патриотска и социјална поезија во којашто се меша колективниот народен дух со личниот сензибилитет на поетите; - поезијата во којашто се одгласува поетиката на експресионизмот и футуризмот, а која се легитимира уште во творештвото на Кочо Рацин, а кај Шопов во неговите маршеви и химни (На Грамос, 1950); - интимната и конфесионалната лирика (Стихови за маката и радоста, 1952); - поетиката на нео-симболизмот која се рефлектира во збирката на Шопов Слеј се со тишината (1955) во којашто е објавен популарниот катрен „Во тишина“ и циклусот песни за убавината/естетиката, потоа збирката Ветрот носи убаво време (1957) која го поместува фокусот кон етичките аспекти на човечката егзистенција; - модернистичката поетика на ритуалност, херметизам и езотеричност, применета автентично во збирките на Шопов Небиднина (1963) и Гледач во пепелта (1970).
Ацо Шопов е добитник на следниве награди: највисокото југословенско признание, наградата „АВНОЈ“ (1970), како и на низа литературни награди: ,,Кочо Рацин“ – за стихозбирките Слеј се со тишината (1956), Ветрот носи убаво време (1957) и Гледач во пепелта (1970); „11 Октомври“ – за препевот на Хамлет (1960) и за животно дело (1981); „Змаеви детски игри“, за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967); „Браќа Миладиновци“, за збирката Песна на црната жена (1977). (К. Ќ.)