Роден е во Кочани, во револуционерно семејство. Неговиот татко Стефан Попиванов (1875-1938) е еден од најактивните членови на комунистичкото движење во Македонија. Семејството Попиванови се преселува во Софија, каде што Цеко Стефанов се запишува во гимназија, а неговиот татко се вклучува во бугарското социјалистичко движење, станувајќи близок соработник на Георги Димитров. Во 1920 година семејството се враќа во Кочани, а набргу потоа заминуваат за Белград. Потоа Цеко Стефанов Попиванов се преселува во Скопје. Станува новинар во скопскиот в. „Вардар“, и дописник на белградските весници „Штампа“, „Правда“ и „Време“. Се вклучува во работничкото движење, и станува редактор на весникот „Јужни задругар“. Во 1923 година станува прв политички секретар на СКОЈ (Сојуз на комунистичката младина на Југославија) во Македонија. Во тоа време неговиот татко го пишува историскиот дел на брошурата на Коста Новаковиќ Македонија на Македонците! Земјата на земјоделците! Цеко Стефанов Попиванов во 1926 година учествува на Вториот конгрес на СКОЈ во Виена. По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во 1941 година, Стефанов Попиванов радикално ги менува своите политички и национални убедувања, и станува дописник на софискиот весник „Целокупна Бугарија“. Неговиот пријател Кузман Јосифовски-Питу сепак успеал да го врати на некогашните становишта, и Стефанов Попиванов заминува во Вториот шарски партизански одред, а во 1943 година е заробен од бугарската полиција. Интерниран е во Баткунскиот манастир во Бугарија. Во Македонија се вратил во април 1944 година. Отфрлен и од окупаторот, и од своите, во септември 1944 година извршува самоубиство, оставајќи неколку проштални писма во кои на своите сонародници им посакува слобода.
Дел од творештвото на Цеко Стеванов Попиванов е објавено во текот на неговиот живот во списанија и во засебни книги, а еден дел е сочувано во ракопис. Тој во 1932 година, како коавтор со Чедомир Миндеровиќ, на српски јазик ја објавил стихозбирката Документи. Во 1938 и 1939 година во сп. „Луч“, кое излегувало во Скопје, објавува песни на македонски јазик. Во истото списание таа година објавил и фрагменти од романот во стихови „Афион“, пишуван на македонски. Во 1940 година во Белград, во коавторство со Радослав Ѓогиќ, ја објавил книгата репортажи Поданици на ничија земја. Во 1941 година ја објавува книгата Оризови полиња, која претставува избор од целокупното негово творештво. Во ракопис се останати неговите дела напишани на бугарски јазик, создавани во текот на неговата интернација во Бугарија. Тоа се поемите „Македонски чернозем“, „Пламнале огнови“ и „Оган и пламен“. Во ракопис е сочуван и неговиот драмски текст Земјата, кој е публикуван во 1996 г. Цеко Стефанов Попиванов пишувал на македонски, бугарски и српски јазик. Поемата „Македонски чернозем“ претставува преплетување на личната, семејната историја на авторот, со многу автобиографски елементи, со колективната, национална историја, и во неа се јавуваат ликовите на современиците, и ликовите од минатото (Самуил, Гоце Делчев...). Според мислењето на Блаже Ристовски, „најзначајна за македонската литературна историја му е поемата `Огин и пламен`, напишана со убав македонски збор и напоена со искрен патриотизам и тврда вера во неминовната победа на веќе разгорената борба за слободата на Македонија“. Оваа поема, како и останатите поетски дела на Стефанов Попиванов, „е вонредно интересна и од гледиштето на процесот на создавањето литературна норма и графија што наскоро ќе ја достигне својата полна афирмација“ (Ристовски 1980 т 1: 242). (Г.С.)