Американски романсиер и раскажувач со македонско потекло.
Заминал во САД во 1911 година. Како економски емигрант успеал да се стекне со висока наобразба на Универзитетот „Валпаризо“ во Индијана (1918 – 1922) и потоа активно да се вклучи во американскиот општествен и културен живот. Соработувал со угледни американски весници и агенциски компании, меѓу кои и со „Њујорк тајмс“ и „Чикаго дејли њуз“. Бил воен известувач од Балканот (1927 – 1929) и независен писател во Њујорк (1929 – 1941). За време на Втората светска војна работел како аналитичар во Пентагон за Европа и Балканот. Бил сенатор на американската сојузна држава Вермонт. Пишувал на англиски јазик на теми од историјата, традицијата и идентитетот на македонскиот народ, воведувајќи ја со тоа македонската тема во американската литература од XX век. Американската книжевна критика пофално се искажува за неговото творештво, вклучувајќи го како автор во неколку книжевни енциклопедии. Стојан Христов е автор на хрониката историски репортажи и патописи Херои и атентатори (1935) која дава широка панорама на револуционерната борба на македонскиот народ, почнувајќи од основањето на ВМРО, преку дејноста на солунските атентатори, аферата Мис Стон, до последиците од Илинденското востание. Неговиот прв роман Мара (1937) тематски е свртен кон настаните поврзани со Илинденското востание и кон подвигот на солунските атентатори. Во својата трета објава, во романот Ова е мојата татковина (1938) Христов го опишува личниот пробив во Америка и животот во Њујорк, Сент Луис, Монтана и во Чикаго. Оваа тема е обработена и во неговиот биографско-мемоарски роман Мојот американски аџилак (1947). Во романот Лавот од Јанина (1941) ги опишува ѕверствата и насилствата на познатиот одметник од власта на султанот – Али-паша Јанински, кој загосподарил со Епир, Тесалија и Јужна Македонија. Во следниот роман Орелот и штркот (1976) Христов се навраќа кон главната преокупација што го обележува неговото творештво, вклучувајќи го во својот состав (со одредени измени) првиот дел од романот Мара. Овие дела пишувани на англиски јазик се појавуваат во превод на македонски јазик во 1985 г., откако претходно во 1953 г. во Македонија бил објавен неговиот биографско-мемоарски роман Мојот американски аџилак (1947). Романот Невестата на доселеникот ја доживува својата првообјава на македонски јазик во 2010 година. Георги Старделов во прикажувањето на доживеаното во романите на Христов издвојува неколку книжевни постапки, какви што се објективниот опис и стремењето кон историската документација едновремено со длабочина својствена за субјективноста на епскиот говор, со што типолошки ќе го определи неговото творештво во знакот на „роман анализа“ од балзаковски тип (Старделов 1985: 22).
Александар Алексиев пренесува дека „[н]а овие дела им претходат поголем број раскази, репортажи, литературни рецензии и статии, објавувани низ американските литературни списанија и весници и тоа започнувајќи, како што сведочи авторот, уште од 1922 и 1923 г. кога истакнатата американска поетеса Мерион Мур во угледното литературно списание Дајал му го објавила првиот расказ, кој подоцна станал значајна епизода во неговиот најдобар роман Орелот и штркот“ (Алексиев 1985: 421-422).Неговите раскази се вклучени во неколку репрезентативни антологии на американскиот расказ заедно со делата на Чехов и Фокнер: „Во антологијата Расказот во Америка 1933 – 1934 Христов е застапен со расказот „Прва љубов“ (1934), во антологијата Денови на добра волја со расказот „Емигрантот се преобразува во Американец“ (1947), во антологијата Ние и другите со расказот „Земјината топка е заедничка“ (1953) и во антологијата Работење на пругата со расказот „Додека го допирав челикот се спојував со новата земја и си го градев цврстиот пат кон новиот живот“ (1970) (Цветановска 1992: 11). Од расказното и мемоарско творештво на Христов, Даница Цветановска ги посочува следните дела со книжевно-уметничко значење: „Стариот пчеларник“ (1926), „Камбана“ (1927), „Два роја пчели“ (1927), „Сечко“ (1928), „Пазарен ден во главниот град на Бугарија“ (1928), „Распеаните селски пространства на Бугарија“ (1928), „Моќните феудални манастири на Бугарија“ (1928), „Новата жена на Истанбул“ (1928), „Балканските бездомни веселковци“ (1928), „Црните бегалци на Балканот“ (1929), „Орли на ливадата“ (1929), „Експортрет или Полуамериканец“ (1929), „Враќањето на домородецот“ (1929), „Соблазна долина“ (1929), „Дамаск од запад“ (1929), „Америкоманија“ (1930), „Мечка игра на сред село“ (1930), „Чочек“ (1930), „Мојата пријателка слободата“ (1930), „Неприродна натурализација“ (1930), „Таро тапанџијата“ (1930), „Со Циганите на Балканот“ (1930), „Дождовен обред на Балканот“ (1933), „Низ долината на трендафилите“ (1934), „Бабари“ (1940), „Добри соседи“ (1942), „Зеленоглавец во Сент Луис“ (1947), „Групата од железничката линија на Монтана“ (1947), „Мечката Иван“ (1949 и 1954) (Цветановска 1993: 10-11).
Во однос на романескното творештво на Стојан Христов, Георги Старделов ја посочува неразлачната целост на судбината на еден Македонец што станал Американец и судбината на еден Американец кој останал Македонец. Тој вели „Стојан Христов е затоа автор на два јазика, на две истории, на две литератури“, цитирајќи го искажувањето на самиот автор: „[н]ие сме Македонци по раѓање, Американци по избор... Ние сме усвоени синови и ќерки на Америка, но Македонија е нашата природна мајка и ние не можеме да ја заборавиме (Старделов 1985:9). Неговиот автобиографски роман Ова е мојата татковина бил најден на работната маса на американскиот претседател Рузвелт по неговата смрт. (Д. А.)