македонски поет, раскажувач, романсиер, драмски автор и сценарист. Како поет и раскажувач кој го трансцендира локалното до универзални, митски и космички рамништа. Неговата појава на книжевната сцена во 1960 г. е провокативна во спрегата на древниот, магискиот и модерниот сензибилитет, па денес се вбројува меѓу најпопуларните македонски поети и раскажувачи.
Родното село Слоештица, каде што го завршува основното училиште, трајно го обележува неговиот светоглед, та усноста и фолклорноста на руралната заедница ќе ги понесе со себе во натамошното писателско откривање на светот. Гимназија завршил во Битола, а студии на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел долги години како уредник во Македонската телевизија, го уредувал и сп. Разгледи. Бил член на: ДПМ (од 1964) и негов претседател, Македонскиот ПЕН-центар и МАНУ (од мај 2000).
На книжевната сцена дебитира со поетската книга Јазли (1960), чијашто иманентно-поетичка загадочност и новост веднаш ги побудува критичките одгласи отворени за наслушнување за новоста. Урошевиќ говори за „тајна земја, темен вилает“ на овој нов поетски свет, во којшто според древните закони „сè може да се престори во сешто“ и каде што „Малите појави низ кои прозборува минералниот свет се врежуваат длабоко во судбинските патишта на нејзините жители и стануваат темни знаци во ѕвездената криптографија на нивниот древен сон“ (В. Урошевиќ 1960). По оваа книга уследуваат збирките И на небо и на земја (1962) и Дениција (1968), којашто и денес го има значењето на своевидна национална поетска химна во која во нераскинлива спрега љубовта како врвен творечки и ѕвезден космички принцип го пронижува суштествувањето во овоплотеноста. Во поетскиот универзум на Андреевски плотта е папочната врвца на поврзаноста со сето, со родот и со породот на текуштиот ден, неговата обичајност, неговата ноќ, со древноста и со иднината. Севкупниот допир на плотноста ги слави еротизмот и креацијата (Дениција), како што ритуално ја оплакува и смртта (Вечна куќа, тажаленки, 1987). Влијанието на фолклорот и обичајноста е несомнено во песните на Андреевски, неговиот поетски глас одекнува со екот на столетија, но истовремено силно сензибилиран вибрира под налетот на ветрот на текуштиот ден, креирајќи раскошни метафори кои најдобро посочуваат на кој начин јазикот на усноста и обичајноста на заедницата партиципира во опејувањето на возвисот на интимната љубовна пронижаност (види Дениција). Соодносот на усноста и модерниот поетски израз е различен во одделните стихозбирки на Андреевски. Секоја од нив налага негово одново премерување. На трагата на овој предизвик, Слободан Мицковиќ на изразно рамниште (јазично, метричко, стилско) го премерува овој сооднос во песната „Леунтија“, во која со метафората на луњата се опејува пијанството (Дални наковални, 1971), како и во други песни од четвртата стихозбирка на поетот, меѓу кои песната „Смртта на бабарот“ ја издвојува како едно од „најоригиналните дела на нашата поезија“ (Мицковиќ 1982: 402).
Како раскажувач Петре М. Андреевски дебитира со книгата раскази Седмиот ден (1964). Нејзината појава се доживува еднакво загадочна во „темниот вилает“ на прикажаниот рурален свет во неа, растргнат од бројни противречности во повоениот период. Како сигнатура на овие противречности во новото време на повоената историја се јавува судирот, односно вкрстеноста на митот и историјата (Павловски 1986), односно усноста и писменоста (Аврамовска 1999) коишто заемно се демонизираат и карневализираат, и оригинално и како особена новост и загатка се изразени на различните рамништа на планот на раскажувањето. Во однос на оваа книга во времето на нејзината појава критиката изнесува лепеза разнородни и противречни гледишта (в. Седмиот ден). Во наредната збирка раскази Неверни години (1974), Андреевски настојува да го отплетка клопчето на историјата и овој пат ја наслушнува единствено усноста, односно запишува куси усни кажувања онака како што ги чул, при што во овие записи се осамостојува говорот на кажувачите. Меѓу нив го вбројува и сопственото сведоштво во патописната новела којашто води до Слоештица „Места што ги паметам, јадења што не ги заборавам“. Сведошното раскажување, усното предание подоцна ќе стане стожерно за неговите историски романи, во коишто самиот конечно ќе ја распетла загатката на првата книга раскази Седмиот ден како компримиран израз на нерасплетканоста на противречните парадигми на комуникацијата и опстојувањето на заедницата. Последната книга раскази Сите лица на смртта (1996), по завршениот романескен проект на распетлување на реалноста/реалностите на опстојувањето на општественото македонско битие, ослободено си поигрува со рамништата на стварноста и фикцијата, поткопувајќи ја реалистичната парадигма на раскажувањето во насока на подривање на нивниот стожер – крајот на приказните, односно смртта (Аврамовска 1999:233-238). Постхумно се објавени расказите кои ја осветлуваат урбаната, боемската природа на Андреевски.
Со појавата на историскиот роман Пиреј (1982), кој го прикажува периодот на Балканските и Првата светска војна, Андреевски создава нова парадигма на овој романескен жанр со вкотвеноста во усноста, односно сведошноста, воедно создавајќи го најпопуларниот македонски роман, кој говорејќи со „јазикот на сите“ проговорува за колективната траума на општественото битие и нацијата. Овој романескен проект е заокружен со романите Скакулци (1984) и Небеска Тимјановна (1989), од кои првиот во вид на раскажувачки ребус во лавиринтот на одделни кажувања го прикажува периодот на Информбирото во македонското село, а вториот, во ликот на насловната хероина, Народноослободителната војна на Македонците во Втората светска војна на почвата на Егејска Македонија и нивната затвореничка судбина, како и судбината на македонското население во Грција во периодот на тамошната Граѓанска војна. Сржта на овој романескен проект е нарација со историски автентичен глас на заедницата, во којшто сведоштвото и писмото на историјата се застапени во однос во автентичен сооднос за дадениот период (в. Пиреј).
Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“, „Стале Попов“ (двапати), и „Книжевно жезло“. (Н. А.)