Роден е во селото Вевчани. Поради тешката материјална состојба во која се наоѓало неговото семејство го завршил само основното образование, така што неговото литературно дело е плод на еден исклучителен автодидакт. Во потрага по подобра егзистенција заминува на работа во Србија, каде што се вклучува и во работничкото движење станувајќи негов активист. Во исто време неговиот читателски интерес се проширува и во Сербаковски буди творечки пориви, така што тој и самиот започнува да пишува. Наскоро станува член на СКОЈ. Уште од почетокот на Втората светска војна тој го помага народноослободителното движење, а во 1943 г. директно се вклучува во НОБ, во редовите на Шестата македонска бригада. Од тоа време датираат неговите последни творечки зафати во литературата.
Во 1933 г. во Белград е публикувано единственото дело на Јован Сербаковски кое се појавува во печатено издание – збирката поезија Криците на оние кои умираат. Во ракопис е зачувана и неговата збирка поезија Зорина ткаенина. Автор е и на текстот „Маршот на Шестата македонска бригада“. Јован Сербаковски пишувал и на македонски и на српски јазик. Неговата единствена печатена збирка, Криците на оние кои умираат, е пишувана на српски јазик, додека пак збирката поезија која е зачувана во ракопис, Зорина ткаенина, е напишана на вевчански дијалект. Текстот за „Маршот на Шестата македонска бригада“ е напишан на македонски. Во стиховите на овој поет е видлив неговиот стремеж да ги изрази социјалните и патриотските чувства. На страниците на сп. Јужна стража, кое до почетокот на Втората светска војна се публикувало во Битола, во 1933 г. се појавува критички осврт на книгата Криците на оние кои умираат, напишан од веќе афирмираниот Воислав И. Илиќ. Оценувајќи ја првообјавата на младиот поет, Илиќ констатира дека станува збор за стихозбирка која „не е некакво откритие, но остава впечаток со својата висока скала на чувствување, со богатата галерија на слики и свежи тонови. (...) Песните се искрени, и со благородна цел: да се слушнат лелеците на оние што умираат, кои се дигаат дури до небото, да им се помогне на понижените и смртните“ (Друговац 1990: 139). (Г. С.)