Роден е во Богданци, а кога бил на тригодишна возраст неговото семејство се преселило во Гевгелија, каде тој го завршува основното образование. Поради тешката материјална состојба во која се наоѓа неговото семејство, единствена можност за продолжување на образованието било да се школува во интернат на Унијатската грчко-католичка црква. Тој се решава да ја искористи оваа можност, и во 1926 г. пристигнува во Загреб, во интернатот во кој се школуваат идни унијатски свештеници. Во 1926 година, поради идеолошко разидување со своите воспитувачи, тој доаѓа во конфликт со нив и е истеран од интернатот. За да преживее, се занимавал со тешка физичка работа и во исто време успевал да се школува, запишувајќи се во Првата класична гимназија во Загреб. Уште во тоа време кај него се јавува будењето на националното чувство и е со став дека што поскоро треба да дојде до ослободување на македонскиот народ, а воедно станува и активист во работничкото движење, поради што е затворен во 1931 година. И покрај тоа, во 1932 г. ја завршува Првата класична гимназија во Загреб. Истата година неговиот помлад брат Кирил доаѓа во Загреб и се запишува во истата гимназија. Во 1933 година Борис Џонов се запишува на Правниот факултет во Загреб, и од тој момент станува еден од двигателите на активностите на македонската студентска младина во Загреб. Во 1935 година станува член на СКОЈ. Во 1936 година, заедно со уште неколку Македонци кои студираат во Загреб, го основа Македонското културно-просветно друштво „Вардар“, во чии активности спаѓаат и организирања на литературни читања, иницирање на сп. Наш весник, како и отворање на библиотека. Набргу по објавувањето на првиот број на списанието, поради ставовите изнесени во него за рамноправност на македонскиот народ и македонскиот јазик во Кралството СХС, властите ги забрануваат и списанието и делувањето на друштвото. Дипломира на Правниот факултет во Загреб во 1939 година. Потоа работи во хрватскиот дневен печат. Во летните месеци доаѓа во Струмица, каде што држи предавања на Народниот универзитет. По окупацијата, останувајќи без работа, се враќа во Македонија во 1942 година. Станува кмет во Богданци, но наскоро е разоткриен дека го потпомага ослободителното движење и е отпуштен од службата. Потоа се вработува во Судот во Струмица, и кон крајот на 1942 г. станува член на КПЈ. Набргу потоа властите го откриваат неговото членство, затворен е и умира од последиците на тешки мачења во 1943 година.
Борис Џонов напишал дваесетина песни на македонски, и исто толку на хрватски јазик. Од песните напишани на хрватски јазик зачувана е една, а од оние кои се напишани на македонски јазик се зачувани само две – „Сечач“ и „Памучна влачарница“, објавени во загрепскиот в. Глас омладине (2 / 11, 22.09.1936, стр. 4 и 5). Објавени се под псевдонимот Боџо. Анализирајќи ги, Блаже Ристовски констатира дека за нив е карактеристично тоа што се „со социјална и национална тематика, и што се напишани на јазик што е плод на очевиден стремеж за изградување една општа литературна норма што во тоа време ја следеше и Коста Рацин“. Според Ристовски, тие песни „немаат некоја уметничка вредност, но несомнено претставуваат стапка во развитокот на македонскиот поетски збор од периодот меѓу двете светски војни“ (Ристовски 1980: 173). Во сп. Глас омладине, Борис Џонов ја публикува и својата статија „Изгреј зора на слободата“, со наднаслов „Македонската младина ѝ пишува на хрватската младина“, и со поднаслов „Децата од 1914 – 1918 година од Македонија“, од која дел е пренесен во вториот том од книгата Пројави и профили од македонската литературна историја од Б. Ристовски. Во оваа статија Џонов проговорува за принудните поделби на Македонците во текот на Првата светска војна, кога луѓе од исти семејства се присилени да војуваат на две различни страни, за големите страдања на народот и за нужноста од борба со крајна цел – слобода и рамноправност. (Г. С.)