Книжевен критичар, фолклорист, етнограф, лингвист, поет, преведувач. Еден од најревносните проучувачи на јазикот и писменоста во Македонија од крајот на XIX век.
Се школувал во Русија, Австрија и Германија, а соработувал со познатите слависти Ватрослав Облак, Александар Потебња, Ватрослав Јагиќ, Август Лескин, Марин Дринов, Иван Шишманов и др., етаблирајќи се како еден од највидните фолклористи, етнолози и филолози на Балканот со висок степен на научност. Подоцна бил професор во Солун и Софија. Бил уредник/соработувал со повеќе списанија: Сборник за народни умотворенија, наука и книжнина, Книжици за прочит, Периодическо списание на Б’лгарското книжовно дружество итн. Впечатлив е неговиот постојан интерес за Македонија и македонското прашање во сите сфери од нејзиниот културен развиток („Кратка расправа по етнографијата на Македонија“; „Кон критичкото читање на дакословенските текстови“; „К. А. Шапкарев. Зборник од бугарски народни умотворби, втор дел“; „М. Халански. Јужнословенски приказни за Крале Марко“; „Македонија според најновите книжевни вести“ и др.). Во научните согледби бил мошне педантен, критички настроен, понекогаш полемизирајќи во обид да ги докаже своите заклучоци. Широкиот научен интерес на Димитар Матов и неговите кратки излети во поезијата е надополнет со политички ангажмани кои соодветствувале со бугарските внатрешни и надворешни политички ставови во однос на Балканот.
Од особено значење за нас е текстот „Гр. С. Прличев. Книжевно-биографски цртици“ од 1895 година. Во него, за првпат е даден некаков преглед на македонската книжевност од XIX век. Матов свесно ги одбрал само македонските претставници, потенцирајќи го Прличев како најистакнат од сите нив. Понатаму, тој пишува: „освен Прличев, кај нас имало и други книжевници од Македонија, но тие беа многу малку на број и главно, немаше помеѓу нив ниту еден особено плоден. Партениј Зографски (родум од Дебарско), соработник на ‘Б’лгарски книжици’ напиша многу малку. К. Шапкарев (родум од Охрид), кој од современите писатели употреби најмногу македонски елементи и тоа во речникот, пишува повеќе етнографски трудови кои не се читаат од мнозина. Ако е верно дека поетите и раскажувачите вршат најголемо влијание во образувањето на книжевниот јазик, пак не може да се пререче многу за македонските говори, кои имаат сосема малку претставници во поезијата. Жинзифов беше слаб поет и неговиот јазик се претставува за еден Македонец како нешто природно. К. Миладинов умееше чудно да го замешува својот роден говор со источното наречје и напиша звучни и поетични стихотворби, но тие се малку на број“. Овој преглед, со критички осврти кон делата на најпознатите македонски автори во тоа време, на Матов му даваат првенство во однос на мнозинството критичари. Тоа се, можеби, првите вистински оцени на општото македонско авторство од овој период, макар и во кратки црти.
Што се однесува до поезијата, според Гане Тодоровски, „неговите соученици му предвидувале добра поетска иднина, споредувајќи го уште од гимназиските клупи во Русија со бардот на руската граѓанска лирика – Николај Некрасов“, но сепак Матов „лично смета дека местото му е во науката и кон неа се определува“. Познати се неговите песни „Македонија“ и „Василичарска песна за 1881 г.“. Кон поезијата се однесувал како „грев од младоста“, уништувајќи сѐ што пишувал во младоста. Сепак, неговиот интерес кон поезијата, вклучувајќи ги и народните песни, не престанал, па продолжил да се интересира за појавата и развојот на епот, но и за најновите книжевни изданија на неговите современици. (С. К.)