Архимандрит, управник во манастирот „Зограф“ на Света Гора, општественик, дипломат, автор на првиот буквар на македонски народен јазик, припадник на првата генерација македонски просветители кои ја започнале културната преродба на македонскиот народ, кои го започнале протокот на просветителската и интелектуалната мисла во Македонија.
Образованието го започнал во манастирот „Св. Јован Бигорски“, а по смртта на мајка му бил испратен во манастирот „Св. Пречиста“, Кичевско, каде се школувал шест години. Заминал на Света Гора, а оттаму по извесен период (од 1819 г. до 1838 г.) патувал низ Русија, односно низ Молдавија и Влашко истражувајќи за правата на зографските семејства за имотите. Додека престојувал во Русија, Анатолиј остварил близок контакт со царот Николај, станал кум на идниот руски цар Александар II, кој „бил крстен од високопреосвештенство петербуршкиот митрополит Анатолиј, родум од Лазарополе“. Тој бил воспитаник на царските деца. Во 1838 г. цар Николај го назначил Анатолиј за духовен дипломатски руски претставник во Руското дипломатско претставништво во Атина. Во 1843 г., согледувајќи ги опасностите што биле надвиснати над Зографскиот манастир, решил да ја напушти дипломатската работа, се вратил во манастирот, каде останал до крајот на својот живот.
Општествената и културната дејност на Анатолиј е од особено значење. Тој бил човек кој зад себе не оставил литературни творби, но бил меѓу првите кои ги овозможиле првите импулси за литературниот развој и за културната преродба во Македонија. Се грижел за ширење на просветата меѓу македонското население, ја започнал учебникарската дејност. Неговата активност е поврзана со општествена мисија, со преземање активности за зачувување на културните придобивки на македонскиот народ.
Неговото патување по Молдавија и Влашко имало за цел да обезбеди самостојност на манастирот „Зограф“ и да го заштити од заканите на кои бил изложен (грчки, српски, бугарски и турски). Дотогаш манастирот „Зограф“ бил главен книжевен и образовен центар за Македонците. Во тоа време веќе била укината Охридската архиепископија (1767), поради што тенденцијата на туѓите асимилаторски пропаганди била да ја попречат неговата значајна улога за развојот на македонската просвета. Исто така, втората цел на оваа негова мисија била да го реши проблемот со кој се соочувал манастирот, односно неговата опстојба. Затоа се смета дека Анатолиј бил најголемиот потврден заштитник на манастирот „Зограф“ во Света Гора. Тој работел самопрегорно за да го спаси манастирот, постојано испраќал писма до најугледните руски првенци: Николај I, царицата Ана Матвеевна, министерот Каподистрија, војсководачите Дабич, Булгаков и други. Со неговиот ангажман успеал да ги врати сите имоти кои му припаѓале на манастирот „Зограф“ во Молдовија и Влашко. Но за време на неговиот престој во Атина, во времето кога бугарската политика започнала интензивно да работи околу присвојувањето на манастирот „Зограф“, образованиот Анатолиј, со своето дипломатско искуство, јасно ја согледал целта на бугарската политика. Сакајќи да го заштити и зачува македонското културно наследство, презел драстични мерки: пишувал писма и апели, ја напуштил дипломатската должност во Атина и се вратил во манастирот.
Анатолиј е олицетворение на македонската културна и национална преродба. Тој на манастирот „Зограф“ му ги вратил имотите од Кипријанскиот манастир; им помогнал на многубројни идни македонски просветители и преродбеници, на пример, им помогнал на Натанаил Кучевишки и Партениј Зографски да се школуваат во Атина и Русија; бил иницијатор за отворање на Светогорското словенско духовно училиште во Кареја; бил иницијатор за отворање посебни зографски и копаничарски занаетчиски училишта во манастирот „Зограф“ и за формирање архива и библиотека за потребите на манастирот. Сакал да отвори печатница и препишувачка школа. Анатолиј имал соработка и водел грижа и за манастирот „Св. Јован Бигорски“, соработувал со Теодосиј Синаитски, во чија печатница во 1839 г. го отпечатил првиот буквар на македонски народен јазик. Во 1858 г. овој буквар бил преработен и објавен од страна на Партениј Зографски. (В. М. Х.)