Општественик, трговец, борец против турската политика и грчката културна доминација, заштитник на христијаните во Западна и Јужна Македонија, коџабашија, самоук, автор на првата мемоарска проза во македонската литература.
На десетгодишна возраст бил испратен да слугува во Дебар, каде што останал две години, а потоа во Катерино и Воден изучувал занаети и станал: терзија, анџија, бојаџија, кираџија. Во 1795 г. дошол во Прилеп, каде што по две години започнал да води трговија, а од 1798 г. станал стопан на имот, односно сточарски трговец. Се преселил во Плати, Солунско, и од 1801 г. започнал да се стекнува со богатство. Во 1807 г. Лазарополе било зафатено од голем пожар, било опожарено речиси целото село. Ѓурчин ја помогнал обновата на селото и станал коџобашија, односно кмет на Лазарополе. По овој настан заминал на Света Гора да се помоли, каде што се сретнал со Анатолиј Зографски. По средбата започнала нивната соработка околу културната преродба во Македонија, околу грижата за манастирите „Св. Јован Бигорски“ и „Св. Богородица Пречиста Кичевска“. До крајот на својот живот го чувал селото, го штител од нападите на разбојничките банди и се грижел за економскиот развој на населението. Кокалески ги владеел албанскиот, грчкиот и турскиот јазик. Подигал цркви и џамии, црквите ги снабдувал со книги и со богослужбени помагала, активно учествувал за отворање на словенско-македонски училишта, барал за учители да бидат поставени Македонци и водел остра борба против фанариотите, односно против грчкото црковно-просветно влијание. Кокалески бил еден од првите македонски арматолози (христијани што имале право да носат оружје и да го штитат населението од зулумите на арамиите, разбојниците, качаците), бил и член на Дебарскиот областен совет. По извршеното убиство на озлогласениот одметник Алија од Солунско, султанот Махмуд II го одликувал со орден. Кокалески организирал единици за самозаштита на Мијаците, одржувал пријателски врски со Али-паша Јанински. Во 1845 г. од султанот ја купил планината Лопушник. Ѓурчин бил нарекуван кнез, главар, челник, ктитор, коџобашија, мухтар, началник, а од неговите сожители „Човек ѕвездаллија“. Според Гане Тодоровски, Ѓурчин Кокалески е прототип на Прличевиот Кузман Капидан.
Ѓурчин Кокалески е автор на првата автобиографија во македонската нова литература. Тој го отворил патот на македонскиот јазик за литературна употреба, со што одиграл значајна улога за културната преродба на македонскиот народ. Водел борба за национално и политичко ослободување на Македонија, а од особено значење е и неговата црковно-просветна дејност, борејќи се борел против грчката патријаршија. Тој бил легален заштитник на македонскиот народ. Негови омилени слогани биле: „Да е проклет и афоресан оној што не си го сака својот род“ и „Колку сме повеќе – толку сме посилни“. Неговиот лик е опеан во народни преданија, во народни песни и приказни. Автобиографијата НАКАЗАНИЕ (во значење на „сказание“ – раскажување, прикажување) Кокалески ја напишал во 1823 г., а за првпат била објавена во 1935 г. во Белград од страна на Александар Белиќ. Кокалески својата автобиографија ја напишал на македонски јазик, на галички (мијачки) дијалект, со кирилски букви и со примеси на црковнословенски јазик. Напишана на педесетина страници, таа претставува сведоштво за времето и за средината во која живеел. Преку својата биографија хронолошки и летописно ги опишува настаните во периодот од 1775 г. до 1823 г., во тек на половина век. Оценката за неговата автобиографија е дека има привлечност на хронограф: сѐ е накусо изнесено и лапидарно соопштено. На првите десет страници дава податоци за животот, семејството и периодот на материјалниот подем, а во другиот дел изнесува податоци за својот сточарски живот и трговијата, за тоа како од сиромашен (татко му бил убиен кога тој имал само една година) прераснал во крупен претставник на трговската буржоазија. Тој во Лазарополе организирал мало стопанство за преработка на волна; изработувале шајак, чоја, долами, бечви, појаси, престилки, минтани, гајтани, а готовите производи ги продавале во Дебар и Елбасан. Автобиографијата спаѓа во редот на мемоарската проза, која е пишувана на ниво на хронограф, летопис, публицистички документ, моноформа, дневнички запис, со цел да се запамети нешто и да прати порака до своите потомци: да ги гледаат сиромашните, да „одите смирни а не горделиви“.
Автобиографијата на Кокалески е потврда за неговиот визионерски поглед и свеста за потребата од културна преродба. Таа има првенствено значење за културната историја, поточно за македонскиот јазик и култура (литература). Напишана е на еден од оние дијалекти што ќе бидат основа на идниот македонски литературен јазик. Во неа се употребени графемите ќ, ѓ и џ, кои стотина години подоцна ќе бидат и официјално прифатени. Таа е и прва книга со световна содржина. Покрај нејзината вредност како литературно-историски паметник и документ, таа има значење и за политичката и стопанската историја на Македонија. Претставува релевантен паметник, најдобар зачуван писмен извор за стопанската историја, документ за сточарскиот живот во Македонија и за тоа како треба да се мисли и дејствува за националниот напредок. (В. М. Х.)