Општественик, поет, публицист, претставник на националниот романтизам. Тој бил ангажиран во борбата против туѓите асимилаторски пропаганди, во подготовките на вооружени акции и преговарал барајќи помош за ослободување на Македонија. Од особено значење е што тој без институционална поткрепа остварил средби со двајцата руски владетели Александар III и Николај II за решавање на македонското прашање.
Основното образование го завршил во родното место. Во 1867 г. заминал на Света Гора во манастирот „Зограф“ кај отец Натанаил, со кого, по повод прославата посветена на браќата Кирил и Методиј, заминале за Петроград. Во 1869 г. во Цариград остварил средба со рускиот пратеник, грофот Игнатиев, кој му станал близок пријател. Во 1871 г. се поврзал со видни луѓе од мијачкиот крај и од Дебар и ја покренале борбата против грчкиот владика Антим, поради што во 1873 г. бил затворен еден месец во Битола. Потоа краток период престојувал во Лазарополе, заминал за Тирана и присуствувал на Албанскиот конгрес во Призрен (1874). Мажовски повторно во 1885 г. престојувал во Петроград, Русија, по повод прославата на 1000-годишнината од смртта на Методиј, каде во Царско Село бил примен од царот Александар III, кому му предал молба за помош од името на словенското население во Западна Македонија. Во 1888 г., во Киев, присуствувал на прославата на 900-годишнината од покрстувањето на рускиот словенски народ. Таму, на паробродот „Рицар“ – среде реката Днепар, одржал говор во кој побарал Русија да се заложи за ослободување на македонскиот народ. За истата цел правел и обиди да склучи сојуз со албанските првенци за заедничка ослободителна борба од османлиската власт. Поради своите активности, во 1889 г. бил затворен во Дебар, па бил префрлен во затворот во Битола каде бил осуден на седум години затвор. Оттаму, во 1891 г. бил однесен во Бејаз-Кале (Мала Азија). Во 1894 г. бил помилуван, по што заминал за Софија, па во Лазарополе (1895). Во 1897 г. заминал за Петроград, каде со помош на грофот Саблер остварил средба со императорот Николај II и со членовите на Светиот синод. Постојано патувал, преговарал, барал поддршка за ослободување на Македонија и се борел против пропагандите кои ја негирале македонската самобитност.
Општествениот и политичкиот ангажман на Исаија Мажовски е од големо значење за развојот на ослободителната борба на македонскиот народ. Со своите активности, со заложбите против туѓите пропаганди, со истакнувањето на македонската самобитност во своите говори, и покрај тоа што нема значаен творечки опус, заслужува видно место во националната и културната преродба на македонскиот народ.
Спомени, роден на 9 март, 1852 година, во село Лазарополе Дебарско – Македонија (1922, Софија) на Мажовски претставуваат извор на податоци за неговиот живот, за некои историски настани, за општествено-политичките околности во Македонија, за неговите патувања во Русија и остварените средби со руските императори, за говорот кој го одржал на паробродот „Рицар“, во кој меѓу другото истакнал: „... Браќа, руски Словени! Поминаа петстотини години откако над Македонија се надвиснаа тешки црни облаци, кои на македонскиот словенски народ не му дозволуваат да го ползува благородното дејство на сончевата светлина. Само повремено наслушнуваме дека некаде постои и грее големо светло сонце, но за жал него очите на македонските Словени не можат да го видат. Токму затоа, нашата најголема надеж е великата Русија, од неа очекуваме да нè спаси и избави од ропството. Русија, која веќе ги спаси Грција, Србија, Романија и Бугарија, еден ден ќе ја испружи раката и кон несреќниот македонски роб да го спаси и да му подари слобода. ... Го молиме Господа да ги напои со јунаштво храбрите руски орли кои, вивнувајќи се високо во воздух, ќе ја прекријат нашата татковина, ќе ги протераат лутите змии и бездушните ѕверови, ќе ги скршат ропските пранги и ќе ја ослободат Македонија ...“. Спомените ги завршува со белешки за состојбата, односно со неговите размисли што да се прави по Младотурската револуција во 1908 година.
Во нив тој забележал и две „старовремски песни“: Песна за Цар Каран и Песна за царицата Солуна девојка, за кои истакнал дека ги слушал уште во 60-тите години. Во песната Цар Каран, Мажовски го опишува доаѓањето на цар Каран од далечна земја, од Донија, и кој по деветмесечна обиколка ја избрал земјата околу Белото Море со која ќе царува. Во Песна за царицата Солуна девојка ја опеал изградбата на калето од страна на царицата Солуна. Калето го граделе двајца браќа од различни страни, кои се сретнале по триесет години и едвај се познале. Наместо да ги награди, царицата побарала да изградат темни зандани во кои ги затворила, каде што и умреле. Песните се испеани во духот на народната поезија, на националниот романтизам. Во овој контекст ќе забележиме дека Мажовски, како и некои други македонски преродбеници, во своите записи го истакнува потеклото на македонскиот народ од цар Каран, царицата Солуна и од Александар Македонски. На крајот од Спомените приложува и разни белешки како „По прашањето за Солун“, „Песна за солунскиот војвода Болен Дојчин – од старо предание“, „Доаѓањето на Апостол Павле во Македонија“, „Старата албанско-латинска историја“ и некои обичаи од Западна Македонија, поточно од дебарските села: Галичник, Лазарополе, Тресонче, Гари, Осој, Јанче и др., и две народни свадбарски песни.
Спомените на Мажовски се оценети како еден автентичен и реалистичен документ, лично сведоштво преку кое се рефлектираат горливите стремежи на македонскиот народ од крајот на XIX век, напишани без книжевни амбиции, во стил на мемоарски белешки, но мошне значајни за македонската литературна историја. (В. М. Х.)