Охридски митрополит, пловдиски митрополит, дипломат, преведувач, книжевник, општественик, револуционер – учесник во Кресненското востание (1878).
Образованието го започнал во селското ќелијно училиште (1834/1835), краток период учел во Самоков, а од 1836 г. се префрлил во Прилеп, каде се школувал кај Георги Самуркашев. Со него ја превел книгата Служение еврејско, отпечатена во 1839 г. во печатницата на Т. Синаитски. Заминал во Зографскиот манастир, против желбата на родителите, каде станал монах под името Натанаил (1837). Образованието го продолжил во Кишинев (1841 – 1845), на Одеската семинарија (1845 – 1847) и на Киевската духовна академија (1847 – 1851), каде дипломирал на тема за историјата на Охридската архиепископија. Бил ракоположен за ѓакон и јеромонах од киевскиот и галицискиот митрополит Филарет (1848). Во Русија ја започнал својата политичка, односно дипломатска дејност преку која барал помош за подобрување на состојбата во Македонија. Се запознал со руската политичка и духовна елита: Филарет Московски, Н. Петербурски, Н. Надеждин, И. Срезневски. Во 1851 г. остварил научно патување по Русија, Австро-Унгарија, Србија, Романија и Османлиската Империја, при кое се запознал со Шафариќ, Ханка, Шумавски и Палацки во Прага, со Миклошиќ и Караџиќ во Виена, со Раковски во Цариград, со надеж дека ќе ѝ помогнат на Македонија. Соработувал со Константин Петковиќ. Во Молдова бил назначен за игумен на манастирот „Св. Георги“ (1857). Бил присутен на чествувањето на 1000-годишнината од смртта на браќата Кирил и Методиј во Моравија. Во 1870 г. се вратил во Зографскиот манастир. Бил ракоположен за охридски митрополит во црквата „Св. Стефан“, Цариград, во 1872 г., а на должност стапил во 1874 г., но по три години бил отповикан од Цариград. По Берлинскиот конгрес, Натанаил испраќал протести до руската дипломатија и дипломатските претставништа на европските сили за донесените одлуки. Во 1878 г. имал раководно место во Кресненското востание. Натанаил постојано ги следел настаните во Охрид, како и развојот на просветното дело во Македонија. Поради несогласувањата со османлиската власт не можел да се врати во Охрид, управувал со Ловечката епархија, па бил избран за пловдиски митрополит (1891).
Книжевно-просветната дејност на Натанаил Охридски има духовно и образовно значење, а одбележано е и со револуционерно-национален карактер. Бил вклучен во борбата против грчката пропаганда водена од страна на Цариградската патријаршија и се залагал за обнова на Охридската архиепископија. Автор е на црковно-морални книги, на учебни и културно-историски публикации, објавувал статии и полемички брошури, во кои пишувал за црковното прашање, за обновата на Охридската архиепископија, го критикувал чорбаџискиот слој, пишувал книги за училишни и литургиски потреби, преведувал црковни книги од руски автори. Забележана е само една негова кратка песна „Кон Русија“ од 1844 година. Неговата работа оставила видни траги во текот на речиси целиот XIX век. Неговиот лик е вграден во романот Куклите на Росица од Оливера Николова.
Својата Автобиографија Натанаил ја напишал непосредно пред смртта (1906), а била објавена во СбНУ (1909). Од страниците на исписот произлегува личност која ја каратеризира индивидуалност, истрајност, непокорност, промисленост, мотивираност од општокорисната идеја за народна преродба. Поради комплексните општествени услови, Натанаил го афирмирал словенскиот културен контекст на македонскиот народен идентитет (односно ја потенцирал посебната територијалност на Македонија, а при определувањето на културниот идентитет ги користи имињата Бугари и Македонци). Исписот на дипломатот, општественикот Натанаил претставува извор и за низа историски и политички прашања. Од борбата за обнова на Охридската архиепископија бележита е неговата заложба, односно грижата за одбрана на петте македонски епархии: Скопската, Дебарската, Охридската, Воденската и Битолската. Автобиографијата завршува со описите за подготовките и организирањето на Кресненското востание, во кое бил и директен учесник. Текстот е напишан со одмереност, промисленост, фактографски, со една нова, писмена парадигма на усвоена повеќејазичност и во усната и во писмената комуникација, со своевидно присуство на интертекст – документ, црковни беседи, како и со мемоарско-историографската постапка – портретирање на одредени личности.
Натанаил Охридски со својот автобиографски испис се вбројува во групата на македонски литерати кои ја афирмираа автобиографијата како литературен жанр во XIX век. (В. М. Х)