Учебникар, поет, лексикограф, етнограф, историчар, граматичар, собирач на народни умотворби, револуционер, доброволец во Српско-турската војна (1876), војвода во Руско-турската војна (1877/1878), војвода и член на Главниот штаб на Кресненското македонско востание (1878/1879), ја формирал Словеномакедонска книжевна дружина (1888). Пулевски е олицетворение на свесен македонски национален патриот, кој во револуционерната и во литературната дејност имал една цел: Македонија на Македонците.
На седумгодишна возраст заминал со татко му на печалба во Романија, каде го изучувал ѕидарскиот занает. Во биографијата на Пулевски отсуствуваат точни податоци за периодот до 1862 година. Тој е автодидакт кој добро ги познавал старословенската, српската, грчката, руската и латинската азбука, односно ги познавал српскиот, албанскиот, турскиот и грчкиот јазик, за што сведочат неговите повеќејазичници. Во периодот од 60-тите до 1876 г. престојувал во Белград, односно патувал низ Македонија и Србија. Зел учество во Српско-турската војна (1876), во Руско-турската војна (1877/1878), бил војвода на Третата чета и член на Централниот комитет, т.е. на Воениот совет на Кресненското македонско востание (1878/1879). Покрај револуционерната дејност, за Пулевски приоритетна била и културната и националната преродба на македонскиот народ. Во 1888 г. во Софија ја формирал Словеномакедонска книжевна дружина, во која членувале емигранти Македонци, а целта на дружината била да ја прероди народната македонска литература. Набргу дружината била растурена од страна на Стамболовата влада. Пулевски до крајот на својот живот останал во Софија како емигрант, каде неуморно творел во име на македонизмот.
Во името Ѓорѓија Пулевски се сублимирани најпотребните ентитети за опстојбата на македонската самобитност. Неговиот став на себеопределување е јасен и дециден дури и кога била доведена во прашање неговата егзистанција; не ја фрлил народната мијачка облека, бил дециден дека ако треба да ја фрли народната облека со која пораснал и работел за својот народ, тогаш не ги сакал ни службата ни платата. Неговото севкупно творештво е одраз на македонскиот идентитет. Особено значајни се неговите лингвистички дела во кои се залага за создавање на македонски литературен јазик. Од непроценливо значење е и неговата историја, прва обемна историја на македонскиот народ на македонски народен јазик. Пулевски ја претставува културната, националната и револуционерната вертикала на македонскиот XIX век.
Стихозбирката Македонска песнарка (1879, Софија) е прва одделна стихозбирка на македонски јазик, која била отпечатена во два дела. Содржи вкупно 15 песни, од кои повеќето се македонски народни песни, додека песните „Плачење македонско“, „Македонци ув прилог“, „Жаљост македонска“ се негови лични творби. Песните се ангажирани, преку нив авторот го истакнува македонскиот индентитет, националното име на македонскиот народ. Тие претставуваат одраз на актуелните настани, во нив се опеани историските настани со баладичен тон, идеологијата на македонските учесници во Кресненското востание, кои најверојатно ги напишал за време на самото востание. Трите песни ги содржат истите три мотиви: ропството под османлиската власт и незадоволството од политиката на Европа спрема македонското прашање; славното минатото како двигател на претстојното востание, и третиот мотив, повикот до сите словенски народи и до Русија да му помогнат на македонскиот народ, како и повикот за негово обединување. Во песните тој во национална смисла ги нотирал имињата „Македонија“, „Македонци“, „македонски“. Песната „Плачење македонско“ претставува своевиден дијалог меѓу Македонците, Европа и Русија. Со болка истакнува дека во Македонецот се гледа помалку од човек: „Каква кривда учинихме – само мије да робуваме?“. Помош бара од Европа, која е неправедна и безмислосна, помош бара од „браќу Славјани“, од Русија, но помош немало од ниедна страна. Затоа повикот за борба го упатува кон македонскиот народ, сплотено да крене востание, „Сви Македонци једен другог довикуват, на гласу се одзваје, след гласот – потрчаје македонски ратници“. Повикот продолжува и во песната „Македонци ув прилог“, во која се повикува и на славното минато, на „старо царство јесте од цара Александра, наш цар, македонски, познат Александар Велики ув вселену“. Притоа тенденцијата на Пулевски е да го претстави континуитетот на развојот на македонската свест, за која не треба да се мисли дека е последица на Берлинскиот конгрес, туку дека е од многу порано. И во оваа песна бара помош од Русија, т.е. од рускиот цар, но залудно. Затоа повикот повторно е упатен само кон Македонците, сложно и јуначки да се борат „Историју стару да ју оживиме“. Песните се одраз на тогашната актуелна состојба и израз на непоколебливиот став на Пулевски за Македонија како самостојна држава на македонскиот народ. Значењето на песнарката е што таа е една од хронолошки првите одделни збирки со народна, односно уметничка поезија во македонската литературна и културна историја. Мотивите кои се патриотски и национално-македонски го определуваат и квалификуваат Пулевски како еден од нашите најрани револуционерно-патриотски поети.
Литературните творби на Пулевски се малубројни, но се од големо значење за културната и националната преродба на македонскиот народ. Неговите лингвистички дела и покрај тоа што не се дел од литературните творби, сепак заслужуваат краток осврт бидејќи биле напишани во најкруцијалното време за македонското јазично прашање. Во граматиката Слогница речовска... (1880) ја афирмирал потребата од создавање на македонски литературен јазик. Пишувал на македонски јазик, на неговиот роден галички говор со примеси од српскиот јазик, создавал нови зборови; на оние што ги зел од другите словенски јазици им дава живи завршетоци како во нашиот народен говор, односно ги помакедончувал. Пулевски објавил и два речника: едниот составен од четири, а другиот од три јазика од типот на т.н. разговорници, напишани во форма на прашања и одговори. „Па затоа и ја напишав на с. македонски јазик, зашто во овој крај не се разбира јазикот бугарски, но овој јазик си има свое наречје мијачко, што значи чист разговор, на кое и црковните книги ги превеле од грчки Кирил и Методиј за нашиот народ“.Во него дава одговори на прашањата за општо образование на својот народ (поими од науката), за воспитанието и верата, за чувствата и телото, за векот и земјата, географски поими, каква клима има и што вирее во Македонија итн. „Пи. Мије каков јазик зборуваме и како го вељат нашево зборување од Македонија? Од. Мије Славјани, кои се наодиме од Македонија, на јужноисточниот крај (на) Јевропа, од Шар до Доспат, Старославјани сме и нашијов јазик се велит мијачки, кое значи чист разговор“ и „македонскиот јазиксе именува с. македонски, дека с. македонски је најсроден со црквено-славјанските книги и тој је старославјански“. Истакнал дека било потребно да се напише речник на македонскиот јазик.
Негова епохална книга е
Славјанско-маќедонска општа историја, која е прва македонска историја, барем досега откриена, завршена во 1892/1893 г., а за првпат објавена во 2003 година. Во неа тој ја проследил македонската самобитност. Историјата е поделена на пет главни дела, со по 11 поглавја, а секое поглавје содржи определен број глави (вкупно 60), а започнува со периодот од 131 до 900 година пред Христа. Во овој дел бележи дека Македонците се старомесни полуостровски жители, кои имале своја сопствена држава и свои владетели и дека македонското царување е од Дедо Мосоха, внук на Ное. За славјанските просветители Кирил и Методиј истакнал дека пишувале на чисто македонско-славјанско наречје. Петтиот, последниот дел го опфаќа временскиот период од доаѓањето на Турците во Европа (1360 – 1889). Историјата завршува со книга XI во која првенствено го дава потеклото на името на старословенските племиња на Балканскиот Полуостров, а преостанатиот дел од оваа книга е посветен на македонското јазично прашање. Историјата на Пулевски по многу нешта е значајна; напишана на македонски јазик, претставува прв македонски историографски труд кои содржи и богатство од етнографски податоци, при што македонската историја е поставена во контекст на балканската и европската историја. Пулевски е автор и на поемата
Самовила Македонска , прва отпечатена поема во одделно издание на македонски народен јазик. (В. М. Х.)