Музички и литературен деец, еден од најзначајните за развојот на црковното пеење, автор на црковни напеви и псалтикиски зборници. Одиграл значајна улога во развојот на македонската музичка култура во преродбенскиот период, особено преку враќањето на Светиклиментовата музичка школа. Се вбројува меѓу многутемина кои ја водеа борбата против Цариградската патријашија, за обнова на Охридската архиепископија.
Основното образование го стекнал во Охрид, а средното во Битола и во Цариград. Студирал во Атина на Филозофскиот факултет, каде пишувал поезија и други литературни состави на грчки јазик. Во 1859 г. објавил комедија во стихови. Неговите творби привлекле внимание и добил оценки како талентиран поет. За време на студиите другарувал со Григор Прличев и заедно го редактирале списанието „Сфингс“. По завршувањето на студиите престојувал во Дебар, каде татко му бил назначен за митрополит на Дебарската и Велешката епархија. Извесно време, до 1873 г., престојувал во манастирите „Пречиста“ и „Св. Јован Бигорски“. Во нив го изучил црковнословенскиот јазик, добро ја совладал граматиката на источната црковна музика, почнал да ги прави првите препеви на црковнословенски јазик и да собира напеви зачувани преку усно предание, за кои се сметало дека влечеле корени од постарата црковно-музичка традиција во Македонија. Тој се зафатил со обновување на македонското црковно пеење засновано врз традицијата на Светиклиментовата книжевна школа. Во 1873 г. Јоан заминал за Пловдив каде работел како учител по пеење и веронаука, а подоцна бил назначен за секретар на Пловдивската митрополија, должност што ја извршувал до крајот на својот живот, до 1890 година.
Јоан Хармосин е значајна личност во културниот преродбенски процес, особено во областа на музиката на македонскиот XIX век. Тој се занимавал со истражување на музичката култура, со компонирање врз основа на неовизантиската мелодика и современите духовни текови на времето во кое живеел, со што извршил афирмација на автохтоноста на македонската музичка култура.
Јоан Хармосин Охридски е автор на црковно-музичкото дело Пасхалија, подготвил зборник со црковни напеви – Големиот воскресник, кој за жал е изгубен, а Михајло Георгиевски го открил и неговиот Ракопис на благопоклониците на Бигорскиот манастир. Јоан има компонирано и неколку маршеви и популарни песни. Книгата Пасхалија прв ја промовирал Михајло Георгиевски во 1969 г., а била отпечатена во Цариград во печатницата „Македония“ во 1869 година. Зборникот се состои од велигденски напеви кои Јоан ги превел од грчки на црковнословенски јазик, потоа творби од постари певци во Македонија и од негови осум лични, оригинални творби. Неговата цел, како што и самиот напишал во предговорот на делото, била да ја истакне потребата од месните напеви за просветно-културниот развој на македонскиот народ. Од неговите песни најпопуларна била/е композицијата „Достојно ест“, инспириран од родното поднебје; напишана во духот на националната преродба, преку која е истакнат стремежот за откривање на сопствените традиционални вредности. Вредноста на црковно-музичка творба „Достојно ест“ е во нејзиниот сакрален карактер, што е резултат од трагањето по автентичното македонско црковно пеење. Делото Пасхалија, според Коџобашија, е внимателно градена целина со јасна драматуршка концепција и таа се доживува како автентично дело од убавите традиции на византиската црковна традиција. Воедно, таа има пошироко значење за македонската национална преродба бидејќи преку неа Јоан во најпотребниот момент во борбата против Цариградската патријаршија, со цел возобновување на Охридската архиепископија, на сцена ја вратил светиклиментовата традиција и со писмото и со музиката. (В. М. Х.)