Учесник во Кресненското востание, автор на драмата Македонско востание или Коста Беровски Војвода – Народен подвиг, трагедија во две дејства, која и покрај тоа што е мала по обем, има големо значење за македонската литературна историја и за понатамошниот тек на развојот на драмската уметност. Драмата дава слика на востание, на серија борби во Источна Македонија во 1878 г., со што, барем досега, за првпат оваа тематика е воведена во драмска творба во XIX век.
За Никола Македонски отсуствуваат биографски податоци. Единствено се наведува дека е роден во с. Гопеш. Бил учесник во Кресненското востание во 1878/1879 г., каде што пристигнал со чета од Западна Македонија. Подоцна формирал коњичка чета од востаници-доброволци, но во јануари 1879 г. бил „отстранет“ од востанието поради недоразбирање со раководството. Ова го потврдуваат извештаите на Мирослав Хубамер, словенечки учесник во Кресненското востание, за кои пишува Христо Андонов-Полјански. Во еден од извештаите, Хубамер ги навел имињата на петтемина капетани (Николица Македонски, Коста Николаев, Ѓорѓи Пулевски, Ѓорѓи Караискачи, Каракоста), а во друг, го забележал казнувањето на војводата Никола (Николица) Македонски поради „непослушност“.
Ликот и дејноста на Никола ни се открива од книгата Македонски солзи или несреќна Македонија – И нејзините несреќни синови (1887, Плевен), која покрај предговорот ја содржи и трагедијата Македонско востание или Коста Беровски Војвода – Народен подвиг. Никола Македонски во предговорот забележал: „Не сакам да се фалам и да ја препорачувам мојата книшка, зашто ти ќе се увериш при нејзиното читање дека таа не е составена од некој генијален ум, туку е излезена од перото на еден кој едвај името знае да си го напише, како и во зборувањето бидејќи јас не сум бил во состојба да научам граматика или да сум родум од Бугарија“ (стр. 3). Во продолжение истакнува дека имал желба да ги опише убиствата и злосторствата кои биле извршувани во неговата татковина Македонија.
Книгата Македонски солзи или несреќна Македонијапокрај предговорот ја содржи и драмата Македонско востание или Коста Беровски Војвода – Народен подвиг од Никола Н. Македонски е со историско-патриотска тема. Во предговорот на книгата авторот истакнал: „Драг читателу, потребно ли е да ти кажам колку големо значење за македонската историја имаат движењата што македонскиот народ ги трпел и уште ги трпи од петвековниот јарем? Ќе ме обвиниш ли што сум се натоварил со таков тежок товар да ги опишам маките и патилата на браќата Македонци? ... Ти знаеш дека историјата не се базира на фантазии, туку на факти“. Драмата претставува реакција на Берлинскиот конгрес, дејството се случува во 1878 г. и е показ на македонскиот „сепаратизам“, на македонската идеологија: „Слободна и автономна Македонија“. Во првиот дел авторот се задржува на општествено-политичките околности за кои истакнал: „Клетиот Македонец е опкружен со дерикожи, крвопии, врагови и мачители. Клетиот Македонец е опкружен од секоја страна со злоба, клетиот Македонец од секоја страна е врзан со окови од петвековниот ѕверски крвопиец“. Состојбата била јасна: „Таа умира, ама дали некој ја сожалува?“. Пишувајќи за односот на европската политика спрема македонското прашања, Н. Македонски ја забележал и песната од с. Гопеш, Македонија, во која меѓу другото се вели: „Место да дознае / Европа христијанска / Дека денеска се губи / Крв и вера братска / Има ли сожалување? Не! / Никој не помага, / А пак напротив / На врагот денеска кураж му се дава“. Затоа неговиот повик бил: „Македонецу, оди напред, како големиот Александар кој направил големи дела... Немој да се плашиш..., дигни го високо својот глас, барај го исполнувањето на постојниот устав! Барај слобода ... “.
Трагедијата во две дејства – Македонско востание или Коста Беровски Војвода, со поднаслов Народен подвиг, составена од Никола Н. Македонски, била издадена со волјата на Милен Ангелов Војвода во 1887 во Плевен. На крајот од книгата се забележани имињата и на другите донатори и известувањето дека книгата може да се купи во домот на Н. Н. Македонски во Плевен. Првото дејство е составено од пет, а второто од две сцени. Централен лик е Коста Беровски, првиот војвода и предводник на македонските востаници; потоа неговите помошници: Поп Стојко свештеник, Димитри Илчов, Милош Кратовски, Илија Пуздерков, Таше Жилезнички, Иван Лутев, Христо Паничерски, знаменосец, востаници, селанец, македонски востаници, турската војска и народот. Првото дејство се одвива во мелничкиот крај, а второто во Банско. Дејството започнува во планинско место со размислите на Коста Беровски за несреќната судбина на Македонија, во романтичарски дух со епско-реторичкото прашање: „Дали ќе биде честит клетиот Македонец да издигне и тој слободно своето прекрасно знаме и да се провикне со јасниот глас и да ги запее слободно Александровите стари песни од таа природна рајска градина?“. Притоа присутен е сомнежот дека помош нема да пристигне, но вербата не го напуштила: „Вејте вие ветрови разладете ги нивите и ливадите горите и планините, лулајте се дрвја со вашите густи гранки, македонскиот востаник лесно ќе ве помине. Македонската искра за слобода уште не е изгасната и уште има потомци на Големиот Александар,...“. Во втората сцена Иван Лутев со восхит му соопштува на Коста Беровски дека бројот на востаници секојдневно се зголемува и дека со нетрпение го очекуваат тргнувањето на бојното поле, готови да умрат за татковината. Драмското дејство е составено така што во секоја сцена кон присутните ликови се приклучува уште еден лик кој носи известување. Во третата сцена, Илија Пуздерков соопштува дека и кај него четата е сè побројна и дека сите се решени да умрат за „милата, поробена татковина. ... само и само да покажат пред Европа дека Македонецот знае да ја цени слободата“. Во четвртата сцена се појавува еден селанец кој носи писмо до македонските спасители, во кое се истакнува дека од секаде пристигнува материјална помош, пушки, патрони. Во петтата сцена, Беровски свесен дека очекуваната помош нема да пристигне, се обраќа до целата чета и ги повикува востаниците да ја дадат светата заклетва дека храбро ќе се борат за слободата на татковината Македонија. Притоа Поп Стефан нагласува дека состојбата е јасна по Санстефанскиот договор, па се обраќа до браќата Македонци дека тоа е најповолниот момент да се кренат на востание, да не веруваат веќе никому: „Време дојде, народното ни свето знаме е веќе отворено и се развива по сите височини на македонските планини... Сетете се сите какви биле стремежите на нашите предци Македонци, колку бил силен големиот водач Александар Македонски кој покорил многу цареви и народи, држете се цврсто, бог да биде со нас, амин“. Секој востаник го бакнал крстот и евангелието, и силно запеале: „Од небото излегува / Во Македонија слегува / Светло зорна ѕвезда / Македонска надежда; / Македонци огрева / ... /“. Песната завршува со обраќање до: „Македонски јунаци / Сите крв да пролееме / И да изумреме, / Заради татковината / И нашата слобода“.
Второто дејство се одвива на широко поле, од една страна, а од другата страна се издига планина, каде веќе е започната битката. На Беровски состојбата му е јасна; опкружени од многуброен непријател единствено му останала вербата во Бога. Храброста, решителноста, вербата во себе и љубовта спрема татаковината не ги напуштала, дури и во втората сцена кога бројот на турската војска сè повеќе се зголемувал (800 војници) и борбата се разгорувала. Немало што да се изгуби. Дејството завршува со масовен колеж.
За драмската творба Македонско востание Воислав Илиќ оценува дека била кревка пиеса, лесна за режисерско, сценско поставување и дека било доста познато играно дело уште пред Дрварите на В. Чернодрински. Со силно радикализираните ликови на Коста Беровски („Прв војвода“), неговите помошници и со сегменти на дејства што се текстуално амбиентални, пиесата поаѓа од одреден историски фасцинент кој е со поширок контекст, бидејќи тој бил реакција на решенијата на Санстефанскиот договор и на Берлинскиот конгрес (1878), а Кресненското, односно Македонското востание решително им се спротивставило на сите обиди тоа да се искористи за бугарските територијално-завојувачки цели во Македонија. Оттаму, само неколку години по востанието, Н. Македонски ја напишал пиесата посветувајќи ја на Македонија, на македонскиот народ, на македонската историја, која преку низата дијалози и известувања, авторот ја остварил целта да даде реална репортерска слика на она што се случувало. (В. М. Х)