Пејчиновиќ е припадник на првата генерација македонски просветители кои, воведувајќи го народниот јазик во пишувана форма, ја започнале културната и националната преродба вo XIX век. Токму затоа се смета за една од најзначајните фигури на македонската книжевна, црковна и културна средина и за втемелувач на новата македонска книжевност.
Кирил Пејчиновиќ се школувал во Лешок, во „Св. Пречиста Кичевска“ и во Бигорскиот манастир кај Јоаким Крчовски. Заедно со својот татко Пејчин и со стрико си Далмант, откако го распродале имотот во Теарце, заминале на Хиландар каде што се закалуѓериле. При примањето на монашкиот чин Кирил го зел името на големиот словенски просветител Кирил Солуњанин. Извесно време поминал во кичевскиот манастир „Пречиста“ како јеромонах, а во 1801 г. бил назначен за игумен на Марковиот манастир, Скопско. Во овој манастир, кој бил задужбина на кралот Волкашин и неговиот син Марко, Кирил поминал дваесетина години, и во негово време манастирот станал клучен културно-просветен центар. Манастирот бил разурнат и ограбен, па Пејчиновиќ ги обновил манастирските конаци, материјално го осигурал и ја збогатил манастирската библиотека. За таа намена собирал книги и ракописи од запустените околни цркви и манастири, каде што оставил видливи записи на столбовите и ѕидовите („Св. Ѓорѓи“, Старо Нагоричане, во манастирот Карпино, Борово, „Св. Димитрија“, Матка, Марков манастир, Скопско). Кон крајот на 1817 г. или на почетокот на 1818 г., Пејчиновиќ се вратил во родното село Теарце со цел да го обнови разурнатиот манастир „Св. Атанасија“ во Лешок, каде што останал до крајот на својот живот како игумен, и бил посветен на книжевна работа, собирал книги, отворил манастирско училиште и пишувал.
Чувствувајќи го недостигот од практична богослужбена литература, а со намера да им се доближи на своите верници, Пејчиновиќ го вовел народниот јазик во пишувана форма. Авторитетно и без колебање излегол од мракот на анонимноста, подучувал, а кога зборувал настапувал со личен став и од свое име. Пејчиновиќ бил доста активен и во борбата за обнова на Охридската архиепископија. Неговите дела се мали по својот обем, имаат црковно-обреден карактер, но културно-историски се многу значајни.
Книгата Огледало (1816, Будим) е составена од 12 текста, од кои сказанијата под број 2, 4 и 6 и објасненијата кон молитвите се напишани на народен јазик, а остатокот на црковнословенски јазик. Молитвите и последованијата се преземени од требниците, а најобемен дел од содржината е „Слово за празниците“, оригинална проповед на народен јазик. Во оваа беседа што е оригинална творба на Пејчиновиќ, тој го анализира и критикува животот на својата паства, се нафрла врз суеверието, многубожието и среброљубието, а поучува на правилно толкување на ристијанската вера и милосрдие. Втората книга Утешение грешним Пејчиновиќ ја подготвил уште во 1831 година. Во отсуство на средства, се обратил до кнезот Милош кој и покрај тоа што бил подготвен да ја отпечати книгата, духовната цензура на Белградската митрополија (1836) го одбила печатењето на ова дело поради тоа што сметала дека претставата на небеските работи била во дрска споредба со земските и поради употребата на „нечист јазик“. Во 1840 г. во Солун, Пејчиновиќ ја отпечатил Утешение грешним во печатницата на Теодосиј Синаитски. Книгата е составена од проповеди и молитви, тропар и од кодакот на св. Нионта. Напишана на македонски народен јазик, тетовски говор, претставува прирачник, т.е. требник кој служел за вршење на богослужба на секој парохиски свештеник. Содржината на требникот се состои од неколку молитви и текстови за разни обреди. Молитвите се напишани на црковнословенски јазик, додека „Сказание како подобат заучити отрока аз буки“ е напишано на македонски народен јазик, на тетовски говор. Најголемиот дел од книгата е беседа, а нејзината содржина е строго поучна. Книгата содржи и предговор напишан од Синаитски, во кој народниот јазик го нарекол „клуч од железо и челик кој го отвора срцето на простиот човек“.
Житие Кнеза Лазара претставува книшка што го содржела ‘Правилото’ на светецот. Книшката била препишана по Кириловата повела и според негов егземплар од јеромонахот Арсениј во Лешочкиот манастир во 1814 година. Во ова дело, Пејчиновиќ оставил повеќе податоци за себе и за манастирот, за одредени состојби во тетовскиот крај, со посебен акцент врз личноста на српскиот кнез Лазар и за Косовската битка.
Десет години пред својата смрт, во 1835 г. Пејчиновиќ го напишал своето последно дело – Епитаф, надгробен натпис во стихови, кој самиот го вдлабил во камена плоча.
Македонската православна црква – Охридска архиепископија, преку Одлуката од 10.05.2022 г. на Светиот архијерејски синод, спроведе канонизација на 16.10.2022 г. на просветителот и игумен Кирил Пејчиновиќ и го прогласи за свети преподобен Кирил Лешочки, а 25 март е востановен ден за празнување на неговиот спомен. (М. Ц.)