За животот на Теодосиј најмногу податоци црпиме од народната традиција, според која тој учел грчки училишта во Цариград и откако ги завршил тогашните ќелијни школи, се вратил во Дојран каде што се запопил. Во Дојран останал сè до смртта на својата попадија, а потоа, според народното предание, барал место за да се смири. Во 1827/1828 г. оди на полуостровот Синај, во манастирот „Св. Катарина“, каде стапил во калуѓерскиот ред со новото име Теодосиј. Поради заслугите што ги имал, во манастирот бил избран за старешина, архимандрит, а во спомен на престојот во манастирот на Синај, Теодосиј го додал прекарот Синаитски. На Синај го совладал словенското писмо и започнал да преведува разни молитви и богослужбени текстови од грчки јазик и да ги испраќа на своите синови и пријатели со цел да се отфрли елинската доминација и да се воведе служба на народен словенски, односно македонски јазик. Теодосиј го посетил Ерусалим и се здобил со титулата хаџи. Ги посетил тамошните манастири и го спознал богатството на словенските книги, што придонело да го напушти елинското воспитание и целосно да се сврти кон словенската писменост и книга. Во 1831 г., како застапник на Синајскиот манастир престојувал во Солун и служел словенска богослужба во црквата „Св. Мина“. Теодосиј често патувал по манастирите и црквите низ Македонија за да собира милостина за манастирот и имал можност да се сретне со видни културно-просветни луѓе, да ја согледа потребата од книги на народен јазик. Оттаму произлегла идејата за отпочнување со печатарска дејност. Во науката се претпоставува дека печатницата на хаџи папа Теодосиј Синаитски во Солун била основана во 1835 г., која работела до 1842 година. Во 1839 г. печатницата била опожарена, но за краток период била обновена со помош на сонародниците и Кирил Пејчиновиќ. По обновувањето, печатницата работела краток период, но повторно била зафатена од пожар и била целосно уништена. По овој настан Синаитски се повлекол во Дојран, каде што живеел како воденичар до трагичниот крај на својот живот.
Првата отпечатена книга во неговата печатница била Начално учение со молитви утренија од лазарополецот Анатолиј Зографски во 1838 година. Оваа мала книга од 14 листови, обична осмина формат, печатена со црковна азбука, се употребувала како некој вид буквар за почетно учење на неопходните молитви. Втората книга што ја отпечатил Синаитски во 1839 г. е Кратко описание двадесјет манастиреј обретајуштесја во Светој Гору Атонској, а како можен преведувач – автор се јавува даскал Камче.Целта на оваа книга била да им го олесни патот на поклониците од Македонија и другите словенски земји по светогорските манастири на полуостровот Атос. Авторот, даскал Камче, дал свои дополненија особено за словенските манастири на Света Гора, а јазикот претежно е црковнословенски, освен во описот на манастирот „Зограф“ кој е напишан на македонски народен јазик. Третата книга е отпечатена во 1839 г. под наслов: Служение еврејско и все злотворение нихно, од романскиот монах Неофит, а преведувачи на македонски народен јазик биле Ѓорѓи Самуркаш и Натанаил Кучевишки. Книгата со своевидно антисемитско расположение ја зафатило и младата македонска буржоазија, која на овој начин се борела против сè побогатите и помоќните еврејски трговци. Ова е всушност и најобемното дело отпечатено на 216 страници и во најголем тираж. Во 1939 г., по опожарувањето на печатницата, откако Кирил Пејчиновиќ му дал извесна сума материјални средства, Синаитски успеал да ја возобнови изгорената печатница и да ја отпечати книшката Утешение грешним. Во знак на благодарност Теодосиј Синаитски го напишал единственото свое дело: Предговор или Предисловие, Хаџи Папа Теодосиа, арихмандрит Синаитскиј, во кој недвосмислено ќе укаже за важноста на употребата на народниот говор во книжевноста. Петтото и последно издание на печатницата е од 1841 г., Книга за научение трих јазиков, што всушност претставува четврто издание на Четиријазичникот на даскалот Даниил од Москополе. Овој мал прирачник за изучување на македонскиот, грчкиот и турскиот јазик бил практичен и баран, бидејќи овие јазици биле застапени во македонската чаршија.
Петте изданија отпечатени во печатницата на Синаитски со црковнословенски шрифт и на жив македонски народен јазик значеле отфрлање на грчкото писмо и почеток на една многу значајна дејност како што е печатарството, кое исклучително придонело за развојот на македонското просветителство и борбата за индивидуалноста на македонскиот народ и јазик. (М. Ц.)