По завршувањето на ќелијното училиште во манастирот „Св. Јован Бигорски“ (1835), школувањето го продолжил во Охрид кај учителот Димитар Миладинов, а во 1837/1838 г. се школувал во Солун. Од 1839 г. до 1842 г. престојувал во Атина. Монаштвото го примил во Зографскиот манастир. Потоа образованието го продолжил во Кишиневската семинарија (1842 – 1847). Во 1850 г. шест месеци живеел во Париз, а во 1851 г. престојувал во Цариград, каде вршел проповеди. На 23 ноември 1851 г. во Зографскиот манастир отворил богословско училиште, во кое ученик му бил Константин Миладинов. Тој ги владеел старите јазици: старогрчкиот, латинскиот, еврејскиот и старохалдејскиот. Во 1859 г. бил ракоположен за епископ Кукушко-пелагониски. Поради активноста – ширење на словенството, тој бил прогонуван од фанариотите, па за да го отстранат неговото влијание, бил назначен за митрополит на Нишката (Пиротската) епархија (1867 – 1874). Партениј таму се борел против српската пропаганда во Македонија, поради што во 1874 г. бил принуден да даде оставка, а набргу потоа умрел.
Книжевна продукција на Партениј Зографски била најплодна во периодот од 1857 г. до 1859 г. кога престојувал во Цариград. Тој е автор на учебниците: Кратка свештена историја ... (1857), Началное учение за деца (1858) и Кратка славенска граматика (1859),напишани на неговиот роден мијачки говор, а правописот бил заснован на стариот руски јазик. Воедно, Партениј прв се обидел теоретски да го постави прашањето каков треба да биде писмениот јазик во Македонија и ја повел иницијативата за составување народна граматика и речник. Во „Цариградски весник“ во 1857 г., во две продолженија ја објавил статијата „Прв дел на граматиката за членовите“, бр. 315-316 февруари; а во 1858 г. во списанието „Бугарски книжици“ I, 1, статијата „Мисли за бугарскиот јазик“. Оваа статија е од особено значење бидејќи ги покажува јасните ставови на Зографски во однос на јазичното прашање. Тој ѝ припаѓа на групата просветители кои ја прифатиле идејата за создавање на еден општ јазик меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Но притоа неговите ставови биле: „Нашиот јазик се дели на две главни наречја: едното се говори во Бугарија и Тракија, а другото во Македонија“. Според Зографски „славенистите“ не го познавале доволно македонското наречје, кое според него не смеело и не требало да биде исклучено од општиот писмен јазик поради тоа што било полнозвучно и постројно, а во многу работи пополно и побогато. Понатаму тој ја истакнал разликата во акцентот и навел уште тринаесет разлики меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Тој сметал дека Македонците не треба да примат јазик далечен од народниот, односно истакнувал дека секое слепо прифаќање од македонска страна на јазикот на „горни Болгаре“ е „безумно и несправедливо“. Токму затоа неговите статии и учебници биле пречекани со остра критика од бугарска страна.
Партениј Зографски со книшката Наравоучителни совети (1858 г.), со 34 морално-поучителни совети наменети за младите за нивно издигнување во морално-етички и патриотски личности, се вбројува и меѓу основоположниците на детската литература во XIX век. Тие во основа го содржат учењето на црквата; библискиот творец на светот претставува централна сила според која луѓето треба да се однесуваат со внимание, почит, љубов и покорност ако сакаат да живеат достоен живот. Во време на зајакната борба во полза на употребата на народниот јазик, Зографски ги советува своите ученици: „Учението е голема работа, човек без него е получовек“ (бр. 20); „Учи напред книга на својот јазик, после, ако имаш време, учи и на други јазици“ (бр. 22); „Љуби отечеството си (татковината) и народот свој така, што ако дојдет ред, и душата си да не пожалиш за них“ (бр. 26); „Ако сакаш да си совршен човек и да имаш почет от другите учи се книга на младо време, имај страх Божиј и љуби правдата“ (бр. 34) итн. За Партениј најважно било да ги насочи младите кон тоа дека „вечна памет добиват не тој, што остават по смрт много богатсво, но тој, што остават добро име“. За него, исто така, е многу значајно што се залагал за образованието и на женските деца, а преку овие поуки го согледуваме неговиот прогресивен поглед за народно просветување.
Партениј се пројавил и како собирач на народни умотворби и прв почнал да печати македонски народни песни во „Бугарски книжици“. Пишувал и научно-историски трудови кои ги објавил во истото списание: „Житие и исповедание и за некои чудеса повестование... Климента архиепископа...“ (бр. 1-10, 1858 г.); „Документи за бугарската црковна историја“ (бр. 9, 1858 г.); „Сказание о странствовании и путешествении по Росии, Моладавии, Турции, Свјатој земли... инок Партенија“ (бр. 6, 1858 г.). Бележито е што Партениј Зографски прв на македонски јазик го превел „Пространото Климентово житие“ од Теофилакт, кое било печатено во цариградското списание „Бугарски книжици“ во 1858 година. Притоа Партениј најпрвин дал вовед, предговор напишан во словенски дух. Во него Партениј, како и учителот Климент Охридски, најнапред ја истакнал потребата од просвета, под која подразбирал образование, наука, училишта, весници и списанија. Партениј во просветителски дух забележал: „Љубезен народе! оди, оди напред! Ти многу си назад од другите народи...“, и го повикал да ги удвои или утрои своите трудови, и притоа ништо да не жали „за да се просветиш себе“ и да тргне кон напредок. За светите Кирил и Методиј и нивните соработници истакнал дека се „бесмртни и незаборавни мажи, и големи, наши благодетели и просветители...; кои ја оживотворија, така да ја речам, Словенската реч, и не научија на природен јазик да го воспеваме и славиме Бога...“. Во продолжение тој забележал дека во отсуство на животописанието на св. Кирил и Методиј ќе го изложи житието на нивниот ученик и соработник – светиот Климент, архиепископ Охридски, чие паметење е драгоцено за нас. При крајот од предговорот известил дека житието имало две изданија – првото од 1742 г. со житија на други помесни светци припадници на Охридската црква, а второто од 1805 година.
Во весникот „Ден“ бр. 7, од 14. февруари 1876 г., бил објавен некролог за упокојувањето на Партениј Зографски: „По долго боледување, во ноќта помеѓу 6 и 7 февруари тој се пресели во вечноста, заслужувајќи го името пастир на народот затоа што навистина верно му служеше и сите ја познаваа добрината на тој старец... Потекнува од Галичник, и заслужува вечно споменување“, стои во текстот. Во дворот на црквата „Св. Стефан“ во местото Балат, во Истанбул, до педесеттите години на XX век се наоѓал гробот на Партениј Зографски, а денес нема видно обележје на почивалиштето на овој голем македонски просветен и културен деец. (М. Ц.)