„Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште за минатото, сегашноста и иднината на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да нè прашаат за сите прашања што нè засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува сè само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас“.
Кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, филолог, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, идеолог за единство на македонскиот народ и интелигенцијата во борбата за самостојност на Македонија, собирач и проучувач на македонското народно творештво, теоретичар на јужнословенската народна епика, автор на првата книга и на првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Софија, Санкт Петербург, Одеса и Софија, раководител на ТМОК. Како филолог по вокација, одлично ги владеел рускиот, бугарскиот, српско-хрватскиот, романскиот, литванскиот, чешкиот, полскиот, англискиот, германскиот, францускиот, современиот грчки, есперанто, и бил изучувач на идо јазикот. Мисирков е личност на македонскиот XX век. Образованието го започнал во родното место, во грчко училиште. Поради лошата материјална состојба на неговото семејство, го прекинал образованието и станал земјоделец. Потоа продолжил да се школува во Белград во вечерното училиште на Друштвото „Св. Сава“ (1889). Поради реакцијата на учениците против асимилаторските тенденции на српската власт, една група од нив била протерана, меѓу кои бил и Мисирков. Продолжил да се школува во Софија (1890); се вратил во Белград во Богословско-учителското училиште (1891), кое го затвориле, па бил распореден на школување во Шабац. Во 1892 г. бил префрлен во Белград, каде со македонските ученици и студенти ја основале ученичката дружина „Вардар“ (1893/1894). Не сакајќи да ѝ служи на српската пропаганда, наместо на назначеното учителско место во Приштина, во септември 1895 г. тајно се префрлил во Одеса. Се запишал на Духовната семинарија во украинскиот град Полтава (1896/1897), па на Историско-филолошкиот факултет во Санкт Петербург. Неговиот прв научноистражувачки труд бил „За значењето на моравското или ресавското наречје за современата и историска етнографија на Балканскиот Полуостров“. Краток период престојувал во Прага, каде започнал со истражување на јужнословенската филологија, историја и етнографија. Поради несоодветните животни услови имал здравствени проблеми. Живеел на релација Русија – Македонија. Зел учество во „Македонската експедиција“, научен проект на Руската академија на науките (1900), а истата година ги направил и записите на народните песни од родниот крај. Учествувал во формирањето на Тајниот македонско-одрински кружок во Санкт Петербург (ТМОК). Престојувајќи во Одеса (1901), започнал да работи на дипломската работа „Кон прашањето за народноста и причините за популарноста на македонскиот крал Марко“, која ја одбранил во С. Петербург (1902). Објавувал статии значајни за Македонија и македонското прашање. Станал претседател на ТМОК (1902). Заедно со Димитар Чуповски, Гаврил Константинович, Наце Димов и со други македонски студенти во 1902 г. го основале Македонското студентско друштво „Св. Климент“, кое во 1903 г. го добило името Македонско-научно-литературно другарство „Св. Кирил и Методиј“. На крајот од 1902 г. Мисирков дошол во Битола каде работел како учител. Летото 1903 г. избувнало Илинденското востание, и по убиството на Ростковски (рускиот конзул кој му бил близок пријател) и на кое присуствувал Мисирков, се вратил во Русија. Откако ја завршил книгата За македонцките работи заминал за Софија за да ја отпечати (1903). Објавувањето на книгата му донело егзистенцијална несигурност и постојани преселби. Бил наречен „национален сепаратист“. Се вратил во Русија, па во 1904 г. во Одеса го иницирал излегувањето на двонеделното сп. „Вардар“ посветено на Македонија: од историска, географска, лингвистичка, литературна и општествено-економска перспектива. Бил назначен за учител во приватна женска гимназија со неполн фонд часови, па немал средства да го плати печатењето на првиот број. Списанието останало во печатница. Следниот период од животот на Мисирков претставува вистинско измачување. Немал постојано живеалиште (Русија, Македонија и Бугарија). Ги проучувал етнографијата, фолклорот и јазикот на Јужните Словени. Од тој период најзначаен е трудот „Јужнословенските епски легенди за женидбата на кралот Волкашин“ (1908). Неколкупати се обидувал да се врати во Македонија. Свесен за претстојната поделба на Македонија, пред Првата светска војна, дошол како „руски воен дописник“ во родното место, но поради безизлезната состојба пребегал во Одеса. Реагирал преку печатот, особено преку сп. „Македонски глас“ кое го издавалоДруштвото, со повеќе статии. Дошол во судир со надлежните просветни органи, па бил префрлен на служба во бесарабискиот центар Кишинев. По поделбата на Македонија своите активности за автономија на Македонија ги водел на релација Одеса, Киев и Петроград. Активно бил вклучен во борбата на малцинствата во Бесарабија како народен пратеник во нејзиниот парламент. Но откако Романија ја присоединила Бесарабија, во 1918 г. бил екстерниран, се вратил во Одеса, која била зафатена од воени акции. Морал да ја напушти и се преселил во Софија, каде една година работел како директор на Историското одделение во Етнографскиот музеј. Поради лошата материјална состојба се преселил во внатрешноста на Бугарија, со служба в.д. директор во Општинската мешовита гимназија во Карлово (1919). Поради предавањата што ги одржувал пред учениците, кои не биле во духот на бугарската политика, по шест месеци, во јули 1920 г., Министерството за просвета донело решение гимназијата да стане државна, а на Мисирков му бил сменет статусот. Во Карлово ја поставил основата на Археолошкиот музеј, бил избран за уредник на Ученичката библиотека и раководител на Историско-археолошкото друштво. Не изостанувал ни во дневниот печат со статии за македонските работи. Во периодот 1923 – 1925 г. објавил околу 30 статии, меѓу кои „Македонска култура“, „Македонскиот национализам“, „Самоопределувањето на Македонците“, во кои ја истакнувал потребата од легитимирање на македонската државност. Ја афирмирал самостојната македонска научна мисла и македонската национална свест. По краткиот престој во Софија започнал да ги пишува своите Спомени. Во тој период сè повеќе била актуализирана идејата за федерација на словенските, односно на балканските народи. Материјалната состојба сè повеќе му била отежната. Заминал за Копривштица како в.д. директор на тамошната гимназија. Во последните месеци од животот, соработувал во виенскиот весник на македонските федералисти „Македонско сознание“.
Мисирков целиот свој живот го посветил на македонската кауза. Неговите заложби биле заложбите на секој Македонец, неговиот говор бил говорот на македонскиот народ. На обвинувањата дека е русофил, бугарофил, србофил или дека ги прифатил федералистичките идеи, Мисирков категорично истакнувал: „Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште за минатото, сегашноста и иднината на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да нè прашаат за сите прашања што нè засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува сè само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас“. Ја поддржувал идејата за федерализација на балканските области и народи, врз принципот на нивна рамноправност во федеративни рамки, при што не би биле пренебрегнати матичните национални и културни интереси на одделните народи: „…ние сме Македонци и за нас на прво место стојат интересите на Македонија и Македонците и само потоа интересите на нашите поблиски или подалечни истоплеменски или разноплеменски народи на Балканскиот Полуостров“. Ја застапувал и идејата за „балканска Швајцарија“, но во ниеден момент не се откажал и од барањето за автономија на Македонија. Во статијата „Борба за автономија“ (1914), истакнал дека поделбата настапила со „тупанично право“ и дека „дивјаците од XX век“: „На Македонците им ги зедоа црквите, манастирите и училиштата и се грижат да ја уништат целата самобитна култура на населението, сè до симињањето од ѕидиштата на ликовите на светите Кирил и Методија, на св. Климент Охридски; портретите на македонските борци за слобода – војводи и четници, ги кинат на парчиња, ги газат со нозе свирепите победници; ги изменуваат имињата и презимињата на Македонците, а да не зборуваме веќе за грабежите, убиствата и насилствата ... “. Верувал во моќта на „Македонската култура“ (1924), односно како што истакнал: „Велам, за среќа, има македонска национална култура и историја, зашто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи“. И додава дека за среќа „македонска национална култура и македонска национална историја, одделни од тие на Србите и на Бугарите, има, и покрај сето тоа што и едната и другата досега не биле предмет за опстојно и непристрасно проучување: Србите и Бугарите еднострано и со голема пристрасност го одбирале од македонската култура и историја само она што го прославува нивното национално име, игнорирајќи прашања од капитална важност само затоа што тие не ги засегнуваат или им противречат на националните стремежи на одбирачите и нивните соплеменици“. Во контекст на националниот интерес, критички се осврнува кон патронизирачкиот словенски контекст на македонскиот културен идентитет. Во статијата „Македонија и Прашкиот конгрес“ тој бележи: „ние сме Словени – робови кај Словените – поробители…“, „…Без правилното разрешување на македонското прашање нема да има мир меѓу Словените“. Реагирал против начинот на протерување на Македонците: „Мојот македонски патриотизам и тука го победува бугарскиот патриотизам. Македонците ѝ се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив. Македонците или треба да си останат на родните места, па ако сака и ѓаволот да ги владее, или пак, ако им е судено да се местат, тие треба да се преместат од едниот крај на Македонија во друг крај, но пак на Македонија, а не на Бугарија, Србија или Елада. Изгонети од грчка Македонија, Македонците требаше да отидат во српска Македонија, да образуваат воени населби и да го дочекаат денот кога би можеле да се вратат на родните пепелишта“. За Мисирков македонскиот национализам бил „беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам“.
Значењето и големината на Мисирков се непроценливи, за што сведочат и многубројните научни трудови на македонската научна мисла, од кои најбележит е придонесот на академик Блаже Ристовски, кој со своите архивски проучувања на делото на Мисирков на македонската јавност ѝ го презентираше неговиот севкупен животен и творечки пат. Мисирковата библиографија на објавени и сè уште необјавени трудови е богата. Објавувал во петербуршките дневни и периодични списанија: „Славјански известија“, „Ново време“, „Македонски глас“, „Славјане“, како и во весниците: „Илинден“, „Пирин“, „20 Јули“, „Мир“ (Софија). Од таа ризница на размисли, пораки и апели, се одделува книгата За македонцките работи поради јазикот (правописот и азбуката) на кој е напишана.
[D1]Хиперлинк: За македонцките работи