Поет, есеист, преведувач и антологичар, доктор по филолошки науки и професор по англо-американска литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Поезијата на Анчевски се истакнува со воспоставена рамнотежа на стекнатото поетско знаење за поетската традиција од македонското и од англо-американското јазично подрачје и продорот на личниот поетски сенс и талент. Неговите стихови ги карактеризира ерудициско богатство проткаено со интимно доживување.
Прашањето за книжевната традиција на универзално и на национално ниво е проблематика на која Анчевски ѝ се посветува и како книжевен проучувач и како автор. Таа е обработена и во неговата студија под наслов За традицијата, во која ги проучува ставовите на Т. С. Елиот и Б. Конески. Неговиот завиден преведувачки опус, кој опфаќа значајни светски автори, исто така се вклопува во широкиот ерудитен слој на неговата поезија. Приредил неколку антологии и избори, меѓу кои посебно место имаат антологиите од македонското творештво во превод на англиски јазик, од кои две се поетски, а едната се однесува на македонскиот расказ. За својата преведувачка дејност ја има добиено наградата „Григор Прличев“ на Друштвото на литературни преведувачи (2001).
Член е на ДПМ од 1994 г. и на македонскиот ПЕН центар, чиј секретар бил во два наврата, а сега е негов актуелен претседател. Од 2003 до 2007 г. бил претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал „Струшки вечери на поезијата“, а сега е член на Уметничкиот совет на фестивалот.
Добитник е на наградите: „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга (1985), „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на СВП (2018 и 2022), меѓународното признание за поезија „Џакомо Леопарди“ (Реканати, Италија, 2004) и наградата „Григор Прличев“ за поема во ракопис за 2022 година.
Уште во својата дебитантска стихозбирка Патувања низ скршени слики, Анчевски настапува со зрела поетика во која веднаш се препознава тензијата меѓу старото и новото и нагласениот однос кон англо-американските и македонските поети модернисти. Тоа го забележува и рецензентот на книгата Атанас Вангелов, кој истакнува дека Анчевски е „упатен во нашата актуелна лирска ситуација“ (Вангелов 1984: 5). Односот кон традицијата, присутен во неговата поезија преку разни интертекстуални варијации, се толкува и како одлика на постмодернистички поетски израз, особено во однос на неговите следни збирки. За поезијата од Превод на мртвите рецензентот В. Андоновски истакнува дека „без респект и пардон, а со нагласена лиричност го пополнува палимпсестот на Претходникот…“ (Андоновски, 2000). Стиховите на Анчевски се поврзуваат со постмодернизмот и во однос на спрегата помеѓу фрагментарноста и циклизацијата и по нагласената иронизација, цинизам и лирска меланхолија. Особено актуелна за него е автопоетиката, односно пеењето за самата поезија, за песната и нејзиното настанување, за сопствената поетска стратегија. Честопати неговите мотиви и преокупации се прелеваат од една во друга збирка, но во фокусот ја задржуваат основната запрашаност пред сушноста на поезијата. „Затоа во книгата Линија на отпорот сè е пев за певот, сè се врти околу песната, околу авторот, околу поетот, критичарот, околу лексичката флора, околу врисокот и молкот“, забележува Санде Стојчевски (Стојчевски 2008: 12). Опсесијата со книжевноста, песната, текстот, доаѓа до израз особено во циклусот „Разни песни и песнарии“ од збирката Див мир, во кој поетот си поигрува со различни облици на песни (ангажирана, дегажирана, неписмена, нова, адолесцентна, непостојана, хендикепирана), при што ја преиспитува нејзината лирска срж. Поетскиот профил на Анчевски се карактеризира и со особена грижа за формалните аспекти на поезијата како на звуковно така и на графичко ниво.
Збирката
Небесна пантомима за многумина критичари претставува зенит на творечката траекторија на Анчевски и не е чудно што е овенчана со престижната награда „Браќа Миладиновци“ во 2018 г. и што досега е најкоментирано негово дело. Во неа трајните поетички заложби на поетот достигнуваат сублимат и се потврдуваат преку кохерентната структура, версификациското и јазично мајсторство, оригиналните и сугестивни поетски слики. Само три години подоцна, Анчевски ја објавува својата следна стихозбирка
Збунети компаси, во
која со ист креативен интензитет ги продолжува своите поетски потраги. И оваа збирка го повторува успехот на претходната – ја добива наградата на СВП „Браќа Миладиновци“ за најдобро поетско остварување помеѓу две изданија на фестивалот. Прецизно е организирана во пет групации од песни кои можат да се сметаат и за циклуси, затоа што се мотивски цврсто поврзани: 1. Ars Poetica; 2. Природни случки; 3. Распит пред незнајното; 4. Збунети компаси и 5. Кажување вистини и лаги. Во првиот сегмент поетот е повторно, како и во неговите претходни збирки, поставен пред енигмата на самата песна и ја определува во две контрастни варијанти, како „песна-леден брег“ и како „песна-жив оган“. Во една имагинарна дијалошка форма, односно невообичаено лирско двогласје, тој испева песни во кои им оддава признание на два значајни светилника од поетската традиција на која и самиот се надоврзува: на поетиката на Богомил Ѓузел, односно неговото поетичко кредо „Стварноста е сè“, и на фолклорната матрица (преку посветата на пејачката на народни песни Вања Лазарова). Вториот сегмент функционира како циклус и според распоредот на песните кој го следи природниот тек на промената на годишните времиња и кој се одликува со изразени поетски слики комбинирани со звучно-версификаторски ефекти, инспирирани од интимниот контакт со природата. Песните наречени „распити“ се фокусираат на клучните животно-филозофски прашања: раѓањето, смртта, воскресението, болката, злото, сонот; а во песните подведени под насловот „Збунети компаси“, кој е употребен и како наслов на целата книга, се испеани стихови за патувањето, потрагата, домот, носталгијата, географијата на една интимна човечка судбина, на нејзиниот „растеглив свет“. Последната група песни се пренесува од природата кон општеството, кон „езерската земја“ во која по преселбите нема „ни тешкото оро кој да го заигра“, кон енигмите на гревот, покајанието, совеста, вистината. Анчевски развива раскошен спектар на преплети со нишките на поетската традиција, почнувајќи од директни посвети на конкретни поети и парафрази од нивната поезија, преку скриени алузии и маскирани цитати, до своевидно поетско дијалогизирање со нивни препознатливи стихови, метафори и версификаторски постапки. Јазичниот израз му се карактеризира со комбинација на стручна и секојдневна лексика, со архаизми и латинизми, а во однос на версификацијата претежно ги следи класичните обрасци на терцени, четиристишија или скалест стих, но речиси целосно ја избегнува римата, сепак обезбедувајќи им на своите песни осетен ритам и музикалност.
Посебен квалитет на Анчевски како поет е неговата систематичност при градењето на циклусите и стихозбирките, односно поврзаноста и испреплетеноста на клучните симболи, метафори и поетски слики во целиот негов опус. Тој квалитет доаѓа до израз и во поемата Коњски житија, за која ја добива наградата „Григор Прличев“, а во која преку приказните и симболиката на коњите во митологијата, фолклорот и литературата, испејува лирско-рефлексивна поема за суштински прашања што го засегаат човештвото. (С. С.-Е.)