• Наслов

    СИНАЈСКИ ПСАЛТИР

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во почетокот на XI век. Содржи 216 пергаментни листови напишани со глаголско писмо од четворица главни книжевници. Во кратки делови од ракописот се откриваат уште двајца книжевници и двајца коишто привремено го коригирале и прегледувале напишаното. Според правописните и јазичните особености текстот произлегол од Охридската книжевна школа. Во овој ракопис е содржан најраниот зачуван словенски текст на псалтирот, препис од кирилометодиевскиот превод. Во него се содржани сите псалми 1-138 (л. 1-177), вклучувајќи го и неканоснкиот 151 псалм којшто се наоѓа во подоцна откриениот дел од ракописот (л. 1а-12а), 14 библиски песни ‒ 11 од текстот на Стариот завет и 3 од текстот на Новиот завет (л. 12а ‒ 30а). Застапена е молитвата „Оче наш“ (л.30 а) ‒ препис од кирилометодиевскиот превод на молитвата, Утринската песна (л. 30а ‒ 31в), а на крајот од ракописот се наоѓа дел од почетокот на вечерната богослужба според византиската богослужбена традиција. Поголемиот дел од ракописот (177 листа) е откриен во 1850 г. од архимендритот Порфириј Успенски во библиотеката на Синајскиот манастир „Света Екатерина“, поради што во науката е познат како Синајски псалтир. Останатиот дел (32 листа) е откриен во 1975 г. од израелскиот палеославист Моше Алтбауер во криптата на црквата „Свети Ѓорѓи“ во истиот манастир. Двата дела од ракописот се чуваат во библиотеката на Синајскиот манастир „Света Екатерина“, сигн. Cod. Slav. 38 и №2/N. (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Алтбауер, Моше, прир. 1971. Синајски псалтир: глаголски ракопис од XI век од манастирот Св. Катерина на Синај. Скопје: МАНУ; „Гоце Делчев“; Велев, Илија, Макаријоска, Лилјана и Црвенковска, Емилија . 2008. Македонски споменици со глаголско и со кирилско писмо. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков“, Штип: 2-ри Август С; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи. т.1.Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Макаријоска, Лилјана. 2016. „За Синајскиот псалтир и македонските псалтирни текстови од XIII вeк (од лексички аспект)“ во: II меѓународeн научен собир „Македонско-словачки книжевни, јазични и културни врски“, Скопје, стр. 58–63; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2015. Македонската глаголица. МАНУ Скопје; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2017. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век. Археографски опис. кн. 1. Скопје: МАНУ, Кочани: Европа 92; Франтишек, Мареш. 1995. „Оче наш во Синајскиот псалтир“. Светите Климент и Наум Охридски и придонесот на Охридскиот духовен центар за словенската просвета и култура. Скопје: МАНУ, стр. 93–97.