• Наслов

    СЛЕПЧЕНСКИ АПОСТОЛ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во втората половина на XI век. Содржи 154 пергаментни листови напишани со кирилско старословенско писмо од двајца книжевници. Слепченскиот апостол е еден од најстарите словенски апракосни апостоли којшто служи како извор за изучување на старословенскиот јазик. Содржинската структура на ракописот се состои од четива од полниот апракосен апстол, односно четива од делата и посланијата апостолски по редослед на годишната служба и месецослов, во кој месеците се запишани со старите словенски називи. Палимпсестниот дел од ракописот содржи слова и житија од византиски црковни писатели. Ракописот првично се наоѓал во Слепченскиот манастир „Св. Јован Крстител“, според што е именуван. Оттаму е изнесен во повеќе делови, при што најголем дел, 136 листа, од ракописот се чуваат во Руската национална библиотека во С. Петербург, сигн. F.п.I.101 и F.п.I. 101ᵃ. Во библиотеката на Руската академија на науките во С. Петербург се чува еден лист, сигн. № 24.4.6, додека уште 6 листа се чуваат во Руската државна библиотека во Москва, сигн. Григ. 14/M.1696. Во Централната библиотека на Украинската академија на науките во Киев се чуваат 2 листа, сигн. ДА/п.25, додека 9 листа се чуваат во Народната библиотека „Иван Вазов“ во Пловдив, сигн. № 25/62. (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

 Велев, Илија, Лилјана Макаријоска, Емилија Црвенковска. 2008. Македонски споменици со глаголско и со кирилско писмо. Скопје : ИМЈ „Крсте Мисирков“, Штип: 2-ри Август С; Десподова, Вангелија. 2000. Студии за македонското средновековно книжевно наследство. Прилеп: Институт за старословенска култура, Скопје: Матица македонска, Универзитетска печатница „Кирил и Методиј"; Ильинский, А. Григорий. 1912. Слепченский апостол XII века. Москва: тип. Г. Лисснера и Д. Собко; Мошин, Владимир. 1966. Палеографски албум на јужнословенското кирилско писмо. Скопје: Кочо Рацин; Поп-Атанасов, Ѓорги, Велев, Илија и Јакимовска-Тошиќ, Маја. 1997. Скрипторските центри во средновековна Македонија. Скопје: ИМЛ; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2017. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век. Археографски опис. кн. 1. Скопје: МАНУ, Кочани : Европа 92.