• Наслов

    СТРУМИЧКИ АПОСТОЛ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во втората половина на XIII век. Содржи 88 пергаментни листови напишани со кирилско старословенско писмо од еден книжевник. Според правописните и јазичните особености ракописот произлегол од Кратовската книжевна школа. Според содржинската структура претставува краток изборен апостол со месецослов во кој месеците се запишани со старите словенски називи. Во ракописот се наоѓа и запис на пишувачот во којшто соопштува дека е болен од маларија, па поради тоа брза со пишувањето. Павел Јозеф Шафарик го набавил овој ракопис во градот Струмица, според што е именуван. Во науката го среќаваме и под називот Шафариков македонски апостол. Ракописот се чува во Народниот музеј во Прага во Шафариковата збирка, сигн. IX Е 25 (Š I). (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Бицевска, Кита. 1984. „Струмички апостол од XIII век“ во: Зборник на трудови: Акта Велјуса. Скопје: Филозофски факултет при Униврзитетот „Кирил и Методиј“, Струмица: Собрание на општина, стр. 167–173; Блахова, Емилие и Зое Хауптова. 1990. Струмички (македонски) апостол: кирилски споменик од XII век. Скопје: МАНУ; Велев, Илија, Лилјана Макаријоска, Емилија Црвенковска. 2008. Македонски споменици со глаголско и со кирилско писмо. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков“, Штип: 2-ри Август С; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи. т. 1. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2017. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век. Археографски опис. кн. 1. Скопје: МАНУ, Кочани : Европа 92.