• Наслов

    ХИЛЕНДАРСКИ ЛИСТОВИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во третата четвртина на X век. Содржи два пергаментни листови коишто се едни од најстарите зачувани споменици што се напишани со кирилско старословенско писмо. Според правописните и јазичните особености на овој фрагмент се смета дека ракописот настанал во источниот дел на Македонија. Најверојатно листовите биле дел од зборник со поученија на Св. Кирил Ерусалимски, сличен на Синодалниот руски препис од XII век, бидејќи содржат дел од старословенскиот превод на огласителните поуки на Св. Кирил Ерусалимски. Во листовите е содржан крајот на третото и почетокот на четвртото слово ‒ „За значењето на светото таинство крштение“ и  „Толкување на Посланието на апостол Павле до Колосјаните“. Хилендарските листови се пронајдени во пиргот на „Св. Сава“ во Хилендарскиот манастир, во 1844 г. од страна на Виктор Григорович, и се именувани според местото каде што се пронајдени. Се чуваат во збирката на Григорович во Државната научна библиотека во Одеса, сигн. Р 1/533.  (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Велев, Илија, Лилјана Макаријоска, Емилија Црвенковска. 2008. Македонски споменици со глаголско и со кирилско писмо. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков"; Штип: 2-ри Август С; Георгиевски, Георги. 1970. „Хилендарските ливчиња“ во: Симпозиум 1100-годишнината од смртта на Кирил Солунски. кн. 2. Скопје: МАНУ, стр. 67-81; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија. 1988. Македонски средновековни ракописи. т. 1.Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Кульбакин, Степан М. 1900. Хиландарские листки. Отрывок кирилловской письменности XI века ‒ Памятники старославянского языка т. 1. Санкт Петербург: Отделение русского языка и словесности, Императорской Академии наук; Мошин, Владимир. 1966. Палеографски албум: на јужнословенското кирилско писмо. Скопје: „Кочо Рацин“; Мошин, Владимир. 2011. Избрани дела, кн. 9. прир. Ѓорѓи Поп-Атанасов. Скопје: Менора.