• Наслов

    ШАФАРИКОВ ТРИОД

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на XII или почетокот на XIII век. Содржи 157 пергаментни листови напишани со текст со кирилско старословенско писмо, а застапени се и остатоци од глаголски текст. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од Охридската книжевна школа. Според содржинската структура претставува полн триод без поделба на посен и цветен циклус, а содржи и упатства од црковниот устав. Ракописот започнува со VII песна од канонот на утрената молитва во саботата од Сиропусната недела, а завршува со канонот на утрената молитва во Воскресната недела. Застапени се служби за седмиците од Великиот пост и поствелигденскиот период, односно службите за: Сиропусната недела, седумте недели од Великиот пост, Томина недела, Неделата на Мироносците, Неделата на Самарјанката, Неделата на слепородениот, Неделата на Светите Отци и Неделата на Педесетницата. Ракописот му припаѓал на Павел Шафарик, поради што во науката е познат како Шафариков триод. Се чува во Руската национална библиотека во Санкт Петербург, сигн. F. п. I. 74. (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Макаријоска, Лилјана, Црвенковска, Емилија. 2012. Шафариков триод: лингвистичка анализа. Скопје: Л. Макаријоска: Е. Црвенковска, Боро Графика; Макаријоска, Лилјана. 2012. „Фонетско-правописните особености на Шафариковиот триод“. Slovo br. 62, стр. 1–38; Мошин, Владимир. 1966. Палеографски албум на јужнословенското кирилско писмо. Скопје: Кочо Рацин; Славева, Лидија. 1986. „Обид за реконструкција на Климентовиот превод на Цветниот триод“ во: Климент Охридски и улогата на Охридската книжевна школа во развитокот на словенската просвета. Скопје: МАНУ, стр. 157-164; Цубалевска, Мери, Макаријоска, Лилјана. 2011. „Лексичките и зборообразувачките особености на Шафариковиот триод“ во: Зборник на трудови од Меѓународниот научен собир Свети Наум Охридски и словенската духовна, културна и писмена традиција: (организиран по повод 1100-годишнината од смртта на Св. Наум Охридски). Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, стр. 285-294.