• Наслов

    СЛУЖБИ ЗА ПРЕП. ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • химнографија

Опис на делото

Химнографски полистрофни дела што се поврзани со богослужбеното и книжевно воспоставување култ за преподобниот пустиножител од Лесново. Се смета дека првите химнографски песнопеења настанале наскоро по смртта на преподобниот во втората половина на XI век, откако заживеал книжевниот облик за воспоставување култ и откако формално неговиот светителски спомен почнал да се прославува во богослужбената (литургиска) практика на 15/28 јануари. Првата Служба за преп. Гаврил го застапувала најнеопходниот број на песнопеења, во кои се одразила содржината на претходно составеното житиеписно дело за него. Тоа го потврдува култното интегрирање на двата книжевни жанрови наменети за проповедно и за богослужбено организирање на светителскиот култ. Како поткрепа на натамошниот култен развој Службата имала отворена и подвижна структура, која доживувала еволуција со дополнувања или кратења во составот на песнопеењата. Обемот и распоредот на песнопеењата во секој подоцнежен препис биле усогласувани според упатствата на Студискиот типик. Досега се евидентирани два преписи од кратката структурна редакција во ракописни минеи, препишувани во првата половина на XIV век во Лесновскиот манастир од главниот книжевник за тоа време Станислав Лесновски. Се чувале во старата ракописна збирка на Белградската народна библиотека под инв. бр. 62 и 15, а двата исчезнале на нишката железничка станица при евакуацијата на ракописниот фонд во 1915 година. По литургиската реформа во XIV век и промената на Студискиот со Ерусалимскиот типик мозаичната структура на Службата за преп. Гаврил почнала да се дополнува со нови песнопеења, а во функција за одвивање на посвечени, потрајни и духовно подоживувани богослужби. Во Лесновскиот книжевен центар тешко се истиснувала постарата воспоставена книжевна традиција, па промената на типикот во структурата на химнографските творби и во литургиските зборници се одразил подоцна, дури во XV век. Тогаш настанала и новата опширна редакција на Службата, која содржински била посвечена и потрајна  –  со богослужбена троделна структура: мала вечерна, голема вечерна и на утрена. Во неа се зголемил бројот на химнографските состави, а дошло и до надополнувања со нови песнопеења: сеноќно бдеење, полилеи, големо славословие и сл. Се смета дека за новата богослужбена намена се напишал вториот Канон за преп. Гаврил, кој во делот за на утрената се вкрстувал со Канонот од постарата кратка Служба. Двата вкрстени Канони немаат впишани акростихови, поради што и нивните автори-химнописци останале анонимни. Сите евидентирани преписи од Службата за преп. Гаврил Лесновски со опширна редакција се датираат од XIX век. Тие не се среќаваат во составот на минеите, туку во ракописни зборници со други химнографски и хагиографски творби што се посветени на локални или на општохристијански светители, а чии светителски култови биле популарни во Кратовско-Лесновскиот духовен и книжевен центар. (И.В.)


Библиографија

Велев, Илија. 1994/1995. „Службата за пустиножителот св. Гаврил Лесновски со посебен осврт врз необјавениот препис на Димитрие Христов од 1886 година“ во: Годишен зборник на Филолошки факултет, кн. 20/21. Скопје: Филолошки факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“, стр. 285-314; Велев, Илија. 1996. Св. Гаврил Лесновски во книжевната традиција. Скопје: Менора, стр. 124-166; Велев, Илија. 1997. Лесновскиот книжевен центар. Скопје: Мисла; Карановъ, Ефрем. 1891. „Материали по етнографията на нѣкои мѣсности въ Сѣверна Македония, които сѫ смежни съ България и Сърбия“. СбНУНК, 4. София: : Министерство на Народното Просвѣщение, стр. 303-307; Стојановић, Љубомир. 1982. Каталог Народне библиотеке у Београду. Београд: САНУ: Народна библиотека Србије: Матица српска; Фот. изд. оп. бр. 191., стр. 58-59, 62-63.