• Наслов

    СЛУЖБИ ЗА СВ. ЃОРЃИ КРАТОВСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • химнографија

Опис на делото

Химнографски полистрофни дела за поддржување на светителскиот култ кон новомаченикот од Кратово, кој настрадал со маченичка смрт во 1515 година во Софија поради одбивањето да се откаже од Христовата вера. Како Христов маченик се стекнал со развиен светителски култ веднаш по смртта, кога неговиот сонародник од Кратовско книжевникот поп Пејо напишал Житие и Служба. Авторството на химнописецот е засведочено во акростихот од Канонот за светителот. Химнографското духовно величање на св. Ѓорѓи ги следело образците на општохристијанската богослужбена традиција, но личната близина на химнописецот со него се одразила во субјективниот пристап кон воспевањето на животот, верските подвизи и измачувањата – кој бил реторички и дури лиричен. Впечатливо е што во текстуалната основа на Службата книжевникот поп Пејо вршел и извесни компилации од претходно составени химнографски состави за други јужнословенски светители: Службата за св. Јоан Нови Сучавски, Службата за Стефан Дечански од Григориј Цамплак, или Службата за преп. Јоан Рилски од Георги Скилица. Досега се евидентираат повеќе од 10 преписи, а најстарите меѓу нив се Хилендарскиот бр. 479 и Рилскиот бр. 2/13 датирани од XVI век. Култот на кратовскиот светител се пренел и во руската духовна и книжевна традиција, каде што монахот Василиј составил уште една (руска) Служба за св. Ѓорѓи. Нејзината структура со застапени песнопеења била кратка, за разлика од јужнословенската Служба составена од поп Пејо – која била пространа и распоредот на песнопеењата целосно бил усогласен со упатствата на Ерусалимскиот типик. (И.В.)


Библиографија

Ангелов, Боню. Ст. 1978. Из старата българска, руска и сръбска литература. кн. 3. София: БАН, стр. 131-155; Ангелов, Боню. Ст. 1959. „Служба на Георги Софийски“. Известия на Института за българска литература, кн. 8. София: БАН,стр. 275-286; Калиганов, Игор. 1984. „Археографический обзор списков русской службы Георгию Новому“. Старобългаристика/Paleobulgarica, 8, бр. 4, стр. 22-43; Миловска, Добрила. 1989. Ѓорѓи Кратовски во книжевната и народната традиција. Скопје: Студентски збор, стр. 55-61; Новаковић, Стојан. 1867. „Служба и живот светога Ђурђа Кратовца“. Гласник Српског ученог друштва, 21, стр. 97-156; Поп-Атанасов, Ѓорги. 1989. Речник на старата македонска литература. Скопје: Македонска книга, стр. 259.