• Наслов

    ЖИТИЈА ЗА СВ. ЃОРЃИ КРАТОВСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • житие

Опис на делото

Хагиографски книжевни дела за воспоставување и ширење светителски култ кон кратовскиот 18-годишен новомаченик, кој настрадал со маченичка смрт во 1515 година во Софија поради одбивањето да се откаже од Христовата вера. Веднаш по неговата смрт очевидецот на неговите маченички страдања поп Пејо Кратовски составил житиеписна творба. Житието за св. Ѓорѓи се напишало во пространа структурна форма, наменето за проповедно и за пошироко популарно читање. Житиеписниот опис за истакнатиот пожртвуван пример на херојот-маченик за верата нестандардно ја истакнува содржинската композиција  во типологијата на хагиографскиот состав. Основните наративи се однесуваат на: измачувањата, пресудата и смртта со запалување на живото тело на светителот. Култната реминисценција се потсилила со текстолошките компилации од евангелскиот расказ за судењето на Христос, со претенциозна творечка трансмисија на дијалозите меѓу св. Ѓорѓи Кратовски и судијата преку кратки полемички расправи – апологетски насочени кон заштитата и истрајувањето во христијанската вера. Расплетот текстуално е систематизиран преку прераскажаното чудо поврзано со телото на светителот, а кое послужило верниците непречено да ги приберат телесните останки. Житието добило народен карактер не само поради следењето на раскажувањето во народните приказни, туку и поради одразот на кратовскиот народен говор во црковнословенскиот јазик на кој бил пишуван хагиографскиот состав. Неговата текстолошка структура се препишувала во две редакции: пространа и кратка. Се евидентираат 12 јужнословенски преписи, од кои само 2 се со кратка редакција. Житиеписната творба била популарна и меѓу светогорското монаштво, за што сведочат и повеќето зачувани преписи во Хилендарскиот манастир. Светогорските монаси го прошириле култот на св. Ѓорѓи Кратовски и во руската духовна средина. Уште во 1538/1539 година светогорските духовници Прохор и Митрофан му ги прераскажале неговите маченички страдања за верата на новгородскиот архиепископ Макариј, а тој побарал од новгородскиот (псковски) презвитер Илија да состави житиеписна творба за св. Ѓорѓи Кратовски. Новото Житие било кратко по содржина и многу бргу станало популарно во руската средина, при што од него се зачувани околу 30-тина преписи. (И.В.)


Библиографија

Ангелов, Боню. Ст. 1967. Из старата българска, руска и сръбска литература. кн. 2. София: БАН, стр. 268-279; Ангелов, Боню. Ст. 1978. Из старата българска, руска и сръбска литература. кн. 3. София: БАН, стр. 99-130; Богдановић, Димитрије. 1976. „Житије Георгија Кратовца“ во: Зборник историје књижевности. Одељење језик и књижевности, књ. 10. Београд: САНУ, стр. 302-367; Богдановић, Димитрије. 1978. „Житије Ђорђа Кратовца од попа Пеје“. Летопис Матице Српске, стр. 256-281; Калиганов, Игор. 1980. „Житие Георгия Нового в русской литературе XVI в.“. Старобългарска литература, кн. 6, стр. 11-24; Калиганов, Игор. 1979. „Заметки о русской проложной редакции жития Георгия Нового“. Старобългаристика/Paleobulgarica, III, кн. 1, стр. 35-59; Калиганов, Игор. 1984. „Новонамерени преписи на руското житие на Георги Нови (Софиски) в редакцията на новгородския презвитерИлия (Аналитично описание на ръкописите)“. Литературна история, бр. 12, стр. 56-63; Калиганов, Игор. 1975. „Появата на житието на Георги Нови в старата руска литература“. Език и литература, кн. 3, стр. 44-56; Миловска, Добрила. 1989. Ѓорѓи Кратовски во книжевната и народната традиција. Скопје: Студентски збор, стр. 26-54, 101-129; Миловска, Добрила. и Јован Таковски. 1996. Македонската житијна литература IX-XVIII век. Скопје: Менора, стр. 62-67, 141-158; Новаковић, Стојан. 1867. „Служба и живот светога Ђурђа Кратовца“. Гласник Српског ученог друштва, 21, стр. 97-156; Станимиров, Стефан. 1932. „Едно малко познато Житие на св. Георгия Нови Софийски от Кратово“. Известия на Историческото дружество в София, кн. 11-12, стр. 288-293; Стојчевска-Антиќ, Вера. 2003. Локални хагиографии во Македонија. II изменето и дополнето издание. Скопје: Просветно дело, стр. 86-93, 196-222.