• Наслов

    ЖИТИЕ ЗА СВ. ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • житие

Опис на делото

Хагиографска книжевна творба со која се организирал и се воспоставил светителскиот култ за македонската новомаченица од Мегленско, маченички погубена од Турците на 13/26 октомври во 1795 година. Убавата млада девојка била посакана за жена од млад Турчин, при што требало и да ја промени христијанската вера. Поради силната приврзаност кон верата во Исус Христос, св. Злата искажала решителна сила да се спротивстави и да не ја менува верата. Затоа била обесена на дрво, а телото ѝ го исекле на парчиња. На маченичката смрт побарала молитвена исповед пред отецот Тимотеј (Никодим), игуменот на Светогорскиот манастир „Св. Никита“ – кој како очевидец на нејзините страдања во 1799 година ѝ составил житиеписна творба на новогрчки јазик. Житието за Злата Мегленска го поттикнало воспоставувањето на нејзиниот светителски култ на Света Гора. Пишувањето на Житието на новогрчки јазик оневозможило веднаш да се препишува пошироко во јужнословенската книжевна традиција. До неговото преведување на словеноруски јазик дошло во 1862 година од свештеникот Петар Соловјев, а рускиот текст се преиздал во Санкт Петербург во 1894 година од Филарет Черниговски. Натаму во XX век следеле преводи и на некои од јужнословенските јазици: бугарски и српски, а во поново време и на македонски јазик. Потеклото на св. Злата Мегленска непосредно од пошироките маси на народот придонело и нејзиниот култ да се задржи како народен. Житијниот култен наратив отстапува од вообичаените религиозно-проповедни образци и клони кон народното раскажување во приказните. Дури и нејзината ликовна светителска претстава во фрескосликарството и во иконографијата се пренесува облечена во македонска народна носија од Мегленско. (И.В.)


Библиографија

Георгиевски, Михајло. 1997. Македонски светци- живот и култ. Скопје: Култура; Прилеп: Институт за старословенска култура, стр. 185-192; Георгиевски, Михајло. 2000. „Македонски светци од Мегленско“ во: Мариово и Меглен низ историјата. Зборник. Скопје: ИНИ, стр. 167-170; Житија на жени-светици. 2008. Вовед Добрила Миловска. Скопје: Каприкорнус, стр. 126-132; Миловска, Добрила. и Јован Таковски. 1996. Македонската житијна литература IX-XVIII век. Скопје: Менора, стр. 62, 159-161; Поповъ, Христо. 1930. Жития на светиитѣ. София: Атанас Топлийски, стр. 143-145; Поповић, Со. Јустин. 1977. Житија светих за октобар. Београд: Манастир Св. Ћелије, стр. 271-273; Соловьевъ, Петр. 1862. Христианские мученики пострадавшие на Востокѣ со времени завоевания Константинополя. Санкт Петербург: Трей Я, 275-279; Стојчевска-Антиќ, Вера. 2003. Локални хагиографии во Македонија. Скопје: Просветно дело, стр. 94-97, 223-225; Черниговски, Филарет. 1894. Свѧтые Южныхъ словянъ. Санкт Петербург, стр. 240-242.