• Наслов

    ЗА МАКЕДОНЦКИТЕ РАБОТИ

  • Автор

    КРСТЕ МИСИРКОВ

  • Година на издавање

    1903

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • дело автор

Опис на делото

 „Како следбеник на идејата за целосно одделување на нашите интереси од интересите на балканските народи и за самостојно културно-национално развивање, јас ја напишав на централното македонско наречје, кое за мене отсега натаму има да биде литературен македонски јазик“.

Во книгата За македонцките работи Крсте Мисирков ги преточил своите размисли за историското минато, за развојот на политичката и националната борба на македонскиот народ, за причините за неуспехот на Илинденското востание, за состојбите во комитетот и за дејноста на македонската интелигенција, за туѓите пропаганди во Македонија и за потребата од создавање македонски литературен јазик. Овие размисли се во постојано преплетување низ целата книга. Книгата е составена од пет статии, кои најпрвин биле прочитани како реферати на седниците на Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ (МНЛД) во Санкт Петербург: „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“ – на I седница на 21 септември 1903 г.; „Имат ли се нужда от македонцки национални научно-литературни другарства?“ – на II седница на 28 септември 1903 г.; „Нацоналниіот сепаратизм: земіишчето на коіе се имат развиіено и ке се развиіват за однапред“ – на III седница на 19 октомври 1903 г.; додека двете статии: „Состауала, состауат и можит ли Македониіа да состауат от себе одделіна етнографцка и политична іединица“ и „Неколку зборои за македонцкиіот литературен јазик“ ги напишал по предлог на МНЛД. Идеолошката платформа на Мисирковата книга е изградена врз идеологијата на МНЛД, која била произнесена во испратениот меморандум до руската влада во 1902 г., чии столбови биле Стефан Дедов, Дијамандија Мишајков, Димитар Чуповски, Гаврил Константинович и други. Во декември 1903 г. Мисирков заминал за Софија за да ја отпечати книгата За македонцките работи.

Во предговорот ги загатнува тематските единици за кои ќе пишува: последиците од Илинденското востание, борбата против туѓите пропаганди, расправата за интелигенцијата, потребата од создавање автономна Македонија и потребата од создавање македонски литературен јазик. Според Мисирков, човекот како член на еден народ или заедница треба да се откаже од некои свои права и интереси за да се посвети на општото добро. Исполнувањето на долгот кон народот и кон татковината го нарекува народен идеал, кој е прогресивен, менлив во зависност од историските услови. Декларирајќи се како Македонец, тој бележи дека на македонскиот народ не му се непријатели Русија и Австро-Унгарија (според бугарската пропаганда), туку Бугарија, Грција и Србија, против кои треба да се поведе борба. Како и неговите сомисленици и содејци, сметал дека отстранувањето на туѓото мешање ќе го овозможи развојот на самостојна Македонија. Бил за еволутивна борба, за борба со националните и верските пропаганди, со „мрачните сили што не ѝ дозволуваат на нашата татковина сама со свои очи да ги гледа своите интереси, ами – наврзуваат очила што ја замрачуваат вистината и – придаваат бугарска, српска и грчка боја“. Се залагал за реформите на Русија и Австро-Унгарија, бидејќи сметал дека преку нив Македонија ќе ја добие автономноста. Според него, чл. 23 од Берлинскиот договор не бил реализиран поради Бугарија, а не поради  Европа. На крајот го забележал стожерното за процесот на кодификацијата на македонскиот литературен јазик: „Како следбеник на идејата за целосно одделување на нашите интереси од интересите на балканските народи и за самостојно културно-национално развивање, јас ја напишав на централното македонско наречје, кое за мене отсега натаму има да биде литературен македонски јазик“.

Во првата статија најпрвин започнува со анализа на резултатите од Илинденското востание. Дециден е дека востанието било кренато предвреме поради што било неуспешно, „една од најголемите, ако не и најголема несреќа за нашиот народ“. Остро му забележува на Централниот комитет, „кој му дал право на комитетот да работи од името на сите Македонци и во полза на сите нив?“. Вината ја гледа и во надворешните сили, во лажната пропаганда што била насочена против Русија, кои го навеле комитетот да верува во Бугарија. Истакнува дека српската, бугарската и грчката пропаганда правеле мешаница во решавањето на македонското прашање. Барал да се положи оружјето во Македонија и да им се даде можност на Русија и на другите сили да ги преземат сите мерки за да се задоволат сите наши религиозни, национални и економски интереси. Сметал дека македонското прашање не треба да биде решавано на конференција, бидејќи сè почесто се слушало: „автономија на Македонија“, „Македонија на Македонците“. Особено ја посочува енергичната работа на Гоце Делчев и Борис Сарафов. Пораката на Мисирков била „македонската интелигенција треба да престане да се однесува меѓу себе со недоверба“. Ослободувањето од пропагандите било услов за успешен духовен и национален развој. Недвосмислено истакнал дека треба да се обедини интелигенцијата и без дилема да го прифати велешко-прилепско-битолско-охридското наречје, кое треба да биде основа за литературниот јазик на Македонците. Исто така, ја повикал интелигенцијата да замоли за морална и материјална помош за воведување на предложените реформи, за отстранување на пропагандите, за востановување на Охридската архиепископија со црковно-училишна автономија, за амнестија на емигрантите и на сите четници, за признавање на Словените во Македонија како одделна народност – Македонци, и за внесување на тоа име во официјалните книги итн. Повикувал на културно работење, за кое сметал дека е потешко, помакотрпно од револуционерното. Затоа интелигенција требало да биде со јасна свест за моралниот долг на човекот кон неговата татковина и кон неговиот народ. Македонската интелигенција ја нарекува „жива народна енциклопедија“, ја повикал да изврши просветување на својот народ, бидејќи според степенот на развојот на науката и литературата се мери културата на народот, а и ќе биле поефикасни да се борат против туѓите пропаганди. Причините за нивното навлегување, според него, било тоа што Србија немала излез на море, а зад интересот на Грција стоел интересот на Големите сили, кои не сакале силен словенски елемент на Балканскиот Полуостров. Притоа Србија со своите етнографски и историски претензии кон Македонија влегла во политички конфликт со Бугарија. Единствена надеж гледал во Русија – словенска и православна држава. Успешната борба за самобитност зависела од единството на македонската интелигенција и македонскиот народ, и од потребата „да се востанови Охридската архиепископија што ќе биде ‘Архиепископија всеја Македонии’“. Сметал дека црковните реформи би ги повлекле училишните, кои би биле остварливи во автономна Македонија во рамките на Турција, која би ни го обезбедила националното и религиозното постоење. Залагањето за потребата од национално научно-литературно другарство било становиште и на Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Петроград. Членовите процениле била дека бил зрел моментот за целосно одделување на македонските интереси од бугарските бидејќи во Македонија не постоел национален антагонизам: „Ние сакавме да покажеме оти и покрај нашето образование и воспитание во разни држави или пропаганди, ние претпочитаме сите да направиме отстапка од своја страна за општомакедонски интереси, за да не бидеме орудие во рацете на пропагандите и на нивните цели: за да не се стремиме кон соединување ни со Бугарија, ни со Србија ни со Грција“. Мисирков бил категоричен дека треба да се изработи македонско гледиште за народноста. Остро ги критикува бугарската и српската пропаганда кои не се заложиле за ослободување на Македонија, зашто и едните и другите сакале сами за себе да ја раздробат и да приграбат територии. „Арнотија ли е што после востанието ни испратија човек во Цариград (Григор Нечович) – туркофил и русофоб, кој додека уште мирисаше барутот од војната и опожареноста, тој преговараше во името на Македонија?!“ Истакнал дека изучувањето на Македонија од етнографски, географски и историски аспект има првостепено значење, а за таквата активност Македонија си имала свои сили, свои луѓе. Оттаму апелот: „... да му се помолиме на Господа да ги умножи македонските друштва, слични на Петроградското – ‘Св. Климент’ насекаде каде што живеат Македонци“. Говорејќи за националниот сепаратизам, сметал дека треба да се направи целосен прекин на врските со сите балкански народности и култивирање на сè што е оригинално и свое во Македонија: јазикот, обичаите, историјата, писменоста, народната литература итн. На Македонија ѝ требало внатрешно обединување на сите интелектуални сили, кои поучени од грешките на минатото востание ќе извлечат поука врз сосема нова основа – македонска. Истакнал дека Македонците имаат своја историја и дека нашата судбина се развивала во врска со судбините на другите соседни народи, но ја нагласил самобитноста и своеобразноста на македонската историја, како и самостојната просветителска работа на Охридската архиепископија. Тој категорично најавува: „Македонци, или соединувајте се меѓу себе и отцепете се од другите балкански народи, или гответе се за дележ на нашата татковина!“.

Од сите произнесени ставови, полемични размисли, пораки и предлози во книгата За македонцките работи, најсуштествен е Мисирковиот став во однос на македонскиот литературен јазик. За него тој пишува уште во првата статија од книгата, кога отворено му се обраќа на комитетот да не го игнорира јазичното прашање и да не мисли дека тоа прашање лесно и праведно ќе се реши со добивањето на автономните права. „Сега ние не можеме повеќе да гледаме на себе и на својот народ како на еден недорастен народ без политички опит. Ние поминавме во своето историско развивање веќе важни стадиуми што можат да претставуваат епоха во историјата на кој и да е народ. А новата епоха ни налага нам нова потреба – културно работење“. Петтата статија ја започнува со: „Значи, токму сега му е времето да се мисли за нашиот јазик, нашата национална литература и воспитувањето во националниот дух“. Самобитноста на македонскиот народ ја согледува во оригиналнитецрти на карактерот, наравите, обичаите, животот, преданијата и јазикот на Македонците. Јазикот го согледува не само како средство за комуникација туку и како духовно богатство и наследство на еден народ „во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите мисли, чувства и желби со коишто има живеано и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго“. Откажувањето од народниот јазик го поистоветува со откажувањето од народниот дух. Смета дека преку народниот јазик ја освојуваме психологијата на нашите родопретходници, „стануваме нивни духовни наследници, како што сме со снагата нивни телесни продолжувачи“. Најостро го осудува откажувањето од сопствениот јазик. За него тоа значи откажување од самиот себеси, од своите интереси, од својот ум и разум. Доколку еден народ го изгуби јазикот, според Мисирков, е исто како кога човекот го губи патот по кој тргнал.

Развојниот процес на јазикот, кој претставува физиолошко-психолошка способност на човекот, го споредува со дијалектиката на човековото временско и просторно постоење. Развојните етапи кои ја претставуваат историјата на јазикот, поточно на дијалектите, поддијалектите, говорот или подговорот се неизбежни, а како нивен двигател ги посочува историско-културните услови. Формирањето на македонскиот литературен јазик го разгледувал во однос на наречјата. Во четвртата статија тој истакнал дека во Македонија има многу наречја блиски едно до друго „во општите фонетски или звуковни, морфолошки или формени и лексички или зборовни особини“. Притоа го посочил централното наречје како најтипично македонско наречје со своите фонетски особености: „И така, централното македонско наречје е еднакво далеку и од српско-хрватскиот и од бугарскиот литературен јазик и може да се разгледува како нешто одделно од нив“. При создавањето на литературниот јазик треба да се гледаат практичните, а не естетските својства, а чинот на создавањето на литературен јазик го гледал како духовна потреба и како основа за создавање македонски научно-културен центар (Битола, Охрид и Прилеп ги посочувал како историски места за Македонците). Тој ја нагласувал потребата и од прашањето за македонскиот правопис. Една азбука може да служи на повеќе јазици, при што доколку за некои гласови во неа нема знак, позајмувачот на туѓата азбука има право на измени и дополнувања со кои би ја направил разликата меѓу тие јазици. Се навратил на појавата и прифатеноста на христијанството и писменоста и дека овој процес првично бил прифатен од страна на Македонците, најрано меѓу сите словенски народи, но тој се одвивал постепено и незабележливо, а неговиот баланс бил нарушен од турското владеење. Нагласувајќи ја потребата од национална преродба, која треба да биде заснована на одделувањето на Македонија од Србија и Бугарија и од нејзино обединување врз јазична основа, Мисирков ја завршува својата книга со предлозите: „1. прилепско-битолското наречје за литературен јазик, како еднакво далечно и од српскиот и од бугарскиот јазик и централно во Македонија; 2. фонетскиот правопис со употребените писмени знаци во оваа книга и со мали отстапки на етимологијата; и 3. речничкиот материјал да е збир од сите македонски наречја“.

Мисирковите идеи и погледи за македонскиот јазик ја доживеале најголемата афирмација со нивното овоплотување во кодификацијата на македонскиот литературен јазик. И покрај тоа што бугарската полиција ја уништила книгата уште во печатницата, за среќа останале мал број примероци.Во 1945 г., речиси веднаш по формирањето на новата влада, во Скопје допатувал синот на Мисирков, Сергеј, и го посетил претседателот на владата Лазар Колишевски, на кого му го врачил преостанатиот примерок од зачуваната книга За македонцките работи на татко си Крсте „за да го исполнам заветот на татко Крсте и мајка Екатерина Михајловна, книгата – уникат да ѝ ја предадам на слободната македонска држава кога еден ден таа ќе биде остварена. Еве, со ова го исполнувам заветот“.

Мисирковиот завет бил остварен, а неговите заложби, речиси по половина век, беа реализирани. Централното наречје и фонетскиот правопис се столбот на македонскиот литературен јазик. (В. М. Х.)

 

Библиографија

 Миронска-Христовска, Валентина. 2003. „Мисирковиот манифест за културниот и националниот развој на Македонците“,предговор во: Мисирков, Петков, Крсте. За македонцките работи, јубилејно издание по повод 100 години од првото печатење на книгата, предговор. Скопје: Табернакул, стр. 5-33; Ристовски, Блаже. 1966. Крсте П. Мисирков (1874 – 1926). Скопје: Култура.