• Наслов

    РЕДЕЊЕТО НА ДЕДО МАРКО ЦЕПЕНКОВ

  • Автор
  • Година на издавање

    1896

  • Категорија
  • поезија

Опис на делото

„Македонец жално тажи / гледаеќи страшни маки / ... / избиени, ограбени, / ... / од пусти страв распадени / од својата татковина, / да се скитат по чужбина, / по чужбина: Бугарија, / Бугарија и Србија“.
Во песната „Редењето на дедо Марко Цепенков“ објавена на 27.VII 1896, во в. Глас македонски Марко Цепенков јасно го истакнал неговиот македонизам и сепаратизам. Песната е со социјален и историски мотив, во која поетот најпрвин нè известува за состојбата во Македонија: „Македонец жално тажи / гледаеќи страшни маки / ... / избиени, ограбени, / домаќини запустени, / од пусти страв распадени / од својата татковина, / да се скитат по чужбина, / по чужбина: Бугарија, / Бугарија и Србија“. Потоа пее за тешкиот живот во туѓина: „голи, боси, измачени / ... / Тие одат на работа, / камен, дрво да ми толчат / за пет пари да спечалат“ и го оплакува својот измачен народ, своите сонародници кои при враќањето во родниот крај на патот биле пречекувани „од проклети арамии, / арамии, кесеџии /“, ги чекале да ги соблечат, да им ги земат парите, „како овци да исколат, / по патишта, по долишта / отепани, расфлени, / да ’и јадат орли, врани! / Кој народ е толку мачен? / – Клети едни Македонци!“. Во име на убиените, на обесчестените жени и на ограбените ги повикува Македонците што се наоѓале во слободна земја, дали тоа било Бугарија, Србија или влашка земја, да им помогнат, па ако не биле слушнати нивните молби од царевите, тие сами да земат пушка – „сами да се запрегнеме“ во име на слободата, бидејќи соседните земји се туѓи и помош од нив немале. Повикува на обединување и самостојно, без помош од други сили, македонскиот народ да се крене „Ја слободни да бидеме, / ја поарно да умриме“. Овие идеи се застапени и во другите негови песни објавени на македонски јазик: „Мојата песна“, „Мајка Македонија ги советува своите чеда да востанат против тиранијата на Турците“, „Македонцко тажејне“, „Мирчо војвода се проштева со мајка си“ и „Позив од мајка Македонија“, кои во основа се политички, а по формата, јазикот, тематиката и мотивиката не се разликуваат од неговите „народни“ тажачки песни. Поради тоа Гане Тодоровски оценува дека Цепенков ги создавал тажачките по спомен од некогаш чуените вистински тажачки по гробиштата и дома. Тоа мислење го споделува и Блаже Ристовски, кој оценува дека Цепенков сигурно интервенирал и во револуционерните песни. Песните на Цепенков немаат висока уметничка вредност, но имаат големо значење во проследувањето на континуираниот развојот на македонската поезија, како и во проследувањето на процесот на националната и револуционерната преродба. Во нив ги опејува општествено-политичкиот живот во Македонија и социјалниот живот на македонскиот народ, повикува на обединување на македонскиот народ со една цел: борба за извојување слобода и автономија. Песните на еден начин претставуваат и автобиографски испис на идеолошките лавирања што ги доживувал Цепенков: од словенофил и русофил, македонист и сепаратист, до вербата во бугарската власт и нејзината помош за ослободување на Македонија.
За песните на Цепенков прв пишувал Гане Тодоровски во текстот „Поетскиот профил на М. Цепенков“ во сп. Културен живот во 1964 г., а литературните творби на Цепенков се презентирани во 10. том од изданието на Институтот за фолклор и „Македонска книга“, во редакција на Блаже Ристовски во 1972 година. За поетската реч на Цепенков, Гане Тодороски оценува дека бил потенцијален творец кој бил понесен од убавиот народен израз, дека е невешт во формата, без увид во литературата, но дека е силен нагон, сурова дарба и затоа, особено во поезијата, треба да го прифатиме пред сè како несовршеност а не како недовршеност, како обид на неподготвен а не на необдарен писател.
Неговата прва песна „Мојата песна“ (1896) е испеана во словенофилски дух, а е посветена на браќата Кирил и Методиј. Песната ја започнува со исказот дека Македонија од југот па до северот развила трендафил, ружа, џунџуле и меѓу нив „два брата: / свети Кирил, Методија, в раце ми книга држеа / и на бога се молеа / са госпо да им поможит / славјански букви да пишат“, кои со букварчињата што ги создале им овозможиле на Славјаните да пеат и да се учат, и „сви Славјани крстиле“. Песната „Мајка Македонија ги советува своите чеда да востанат против тиранијата на Турците“ (1899) е потпишана со псевдонимот Еден прост Македонец, и како што бележи Ванчо Тушевски – означува општо место во поезијата на овој автор, а тоа е императивниот повик за кревање на бунт. „Чеда жални вие Македонци, / до кога ќе лежите под Турци? /... / Македонци, мои мили чеда, / од никаде за вас помош нема, /... / Помислете вие мили чеда: / за велика цара Александра / што се слави и до ден-денеска“. Во песната „Македонцко тажење (на македонски народен мотив)“ (1905), која е потпишана со псевдонимот Македонцки, ги опишува секојдневниот живот, семејните уништувања, аргатлакот, потурчувањето, убиствата, како и традиционалниот став на македонската жена дека по убивањето на стопанот мајката ги учела своите деца да не се плашат од непријателот, туку кога ќе пораснат да станат јунаци, војводи, да се одмаздат: „дружина да соберете, / барјак црвен да носите / ... крвта назад да земите“. За оваа песна Гане Тодоровски забележал дека Цепенков низ форма на една типична македонска народна тажаленка, скриен под псевдонимот Македонцки, вдахнал нова содржина и преку една непосредна експресија, мошне едноставно, иако блиско и до ајдутско-комитската етика, изразил еден силен повик за вооружен и организиран отпор против насилниците. Преземањето акција и повикот за обединување се опеани и во песната „Прокламација на Георги војвода за востание“ (1906), бидејќи помош од никаде не дошла, ниту од браќата Славјани, па Георги ја собрал својата дружина и започнале да одат по македонски планини. Ги опишал секојдневните патила, тешката социјална положба на македонскиот народ, упатил критика кон Србија која била здружена со османлиската власт, па повикал сами да се борат: „Ајде сами да станиме, / сами да се помогниме, / јако да се обружаме, / ... / за слобода да имаме!“. Критика кон оние кои се приклониле на српската асимилаторска политика упатил и во песната „Глигор Војвода“ (1907), додека во песната „Мирчо Војвода со мајка си се проштава“ (1906) е опеано одењето на Мирчо со неговата дружина по „жална Македонија“ за да ги брани мајките и сестрите што биле обесчестени, да се одмазди за убиството на татко му и за затворањето на брат му – „Во борба јас ќе умрам, / вечен ќе останам“. Како и другите политички песни, и оваа песна е испеана главно во форма на монолог по примерот на ајдутските песни. Песната „Позив од мајка Македонија“ (1906) претставува повик, овој пат од стара мајка од Македонија до своите чеда, јунаците да станат, да се збере дружина со црвен бајрак, да се изборат за автономија, да го спасат народот од ропство и да му ја дадат слобода.
Песните на Цепенков на македонски јазик претставуваат одраз на времето и даваат реална слика на секојдневниот живот, во нив е истакната неговата ангажираност преку која јасно го искажува својот став дека македонскиот народ треба самостојно да оди по револуционерниот пат за извојување на својата самобитност и слобода.
Поезијата на Цепенков на македонски јазик е напишана по урнек на народната епска песна; се користи со размерот на осмерецот и десетерецот. Посебен интерес пројавувал за тажачките, па нивната форма, мотив и тема ги прифатил и за сопствените песни. Според Гане Тодоровски, Цепенков го прецизира поимот туѓина како асоцијација на Србија и Бугарија; спорот помеѓу поробените Македонци и поробувачот (Турците) не го сфаќа само како национален конфликт, туку му дава социјална резонанца; а за јазикот на Цепенков истакнал дека импонира неговата фанатична заљубеност во родниот дијалект и дека Цепенковиот литературен опус на македонски јазик всушност е најбогатиот прилог (заедно со собирачката дејност на фолклорно поле) кон нормите на тогашниот неофицијален македонски јазик. Поетските творби на Цепенков, според Ванчо Тушевски, се одликуваат со непосреден, жив израз, со конкретизирана фабула прелеана со фолклорна нишка.

Марко Цепенков припаѓа на преродбенската генерација која суштински го решава прашањето за јазикот, генерација која манифестира фанатична употреба на македонскиот јазик во писмената реч. Тоа е генерацијата за која Гане Тодоровски бележи  дека има пресудна важност за доосмислувањето на идејата на македонската одделна национална одредница, при што прашањето за јазикот е најевидентен факт за еден континуитет и дека преку идни компаративни студии ќе може да се покаже колку многу Крсте Мисирков акцентирал од јазиковниот норматив на Цепенкова, изнесуван пред јавноста помеѓу 1889 и 1899 година. Васил Иљоски за јазикот на Цепенков истакнал дека во нашата современа литература, во која навлегол квантумот на туѓи зборови и термини за апстрактни поими, односно со интернационализацијата и интелектуализацијата дошло до губење на автентичните специфичности, има спасоносна профилактична функција: да му влева на литературниот јазик свежи, животворни сокови, да го ревитализира. Цепенков со својот јазик и правопис дава голем влог во афирмирањето на македонскиот јазик и во понатамошниот процес на оформувањето на современиот македонски литературен јазик. Во „Сонет за Марко Цепенков“ поетот Гане Тодоровски пее дека кога Цепенков умрел, „зедов јас да живеам“ и дека Цепенков „шиел и везел и мисли обликувал, со игли и итрини го протнувал зборот низ минтани, елеци, џамадани, го дотерувал целиот народ, бдеел над цутот на зборот, корењата му ги галел, со грижливост за добрување на племето македонско“. (В. М. Х.) 


Библиографија

 Иљоски, Васил. 1982. „Прозата на Марко К. Цепенков – извор и инспирација“ во: Цепенков, Светот на приказните, приредил Кирил Пенушлиски. Скопје: Матица македонска, стр. 650-658; Тодоровски, Гане. 1974. „Марко Цепенков“ во: Трактати за сонцељубивите. Скопје: Култура, стр. 49-84; Тушевски, Ванчо. 2008. „Поезијата на Марко Цепенков“ во: Нова македонска книжевност. Скопје: Менора, стр. 211-228.