• Наслов

    ЦРНЕ ВОЈВОДА

  • Автор
  • Година на издавање

    1903

  • Категорија
  • драма

Опис на делото

 Драмата е тематски лоцирана во периодот кога индивидуалниот бунт прераснал во колективна револуционерна акција на македонскиот народ и со која на македонскиот јазик му дал културна обработка и фиксирал национална етика.

Драмата Црне војвода со поднаслов Историска пиеса во пет чина од македонскиот живот на мак. говор, од Марко Цепенков, објавена во неделниот весник на И. Спирков Автономна Македонија бр. 13-25, октомври-декември 1903 г., е со историска тематика. Во неа станува збор за преминот од индивидуалн во колективн отпор поточно за почетоците на револуционерното движење на македонскиот народ.  Напишана на македонски јазик претставува значаен сегмент во проследувањето на развојот на македонската драма.

За драмата Црне војвода кај нас прв со кратка белешка информирал Јован Бошковски во сп. Разгледи (бр. 2, 16.01.1955), а прва анализа на драмскиот текст дал Воислав Илиќ во „За петте чинови на драмата на Марко Цепенков Црне војвода“ на IV. Рацинови средби во Титов Велес во 1967 година.

Дејството на драмата се одвива во 1879 г. и започнува во куќата на поп Цеко во Прилеп, кој поради одбраната на својот имот бил ранет од Ќучук Сулиман и се наоѓал на смртна постела. Неговата последна желба била да го повикаат Спире Црнета за да го одмазди и да го заштити градот. Всушност, тоа е повикот на Цепенков за здружување и започнување на колективна борба. Спире добил задача да собере дружина и да стане војвода. Во драмата е застапен лајтмотивот од неговата поезија „ич да не се боиш од умирачка, ќешке за народна работа да умриш јуначки“. Во вториот чин Ќучук Сулиман доаѓа во куќата на Мара и Митре со цел да им ја земе ќерката Тода, при што им се заканува дека ќе ја убие Тода доколку не му ја донесат и дека живи ќе ги гори. Во третиот чин е опишано формирањето на четата во с. Царевиќ, и притоа се раскажуваат патилата низ кои поминувал македонскиот народ секојдневно. При побратимувањето членовите на дружината се повикале на Јоан од светото Евангелие, односно на тоа дека нема поголема љубов и поголемо добро – „да си ја даи чоек душата своја за брата си“. За нив „куќата наша ќе ни биди планината, а брат, сестра, посестрима и мајка ќе ни биде оружјето“. Во продолжение следува песната што ја пее Ѓеорѓија Лажо: „Ми заплакала, ѓиди, Стара Планина, / Шо ја дочула, ѓиди, Пирин Планина. / Ај што ми плачиш, ѓиди Старо / Планино? / Как да не плачам, ѓиди, Пирин / Планино: / секое лето, ѓиди, буљук кумити, / оваа година, ѓиди, девет буљуци, / девет буљуци, ѓиди, сè Маќедонци, / напре му оди, ѓиди, Иљо Војвода ...“. Во четвртиот чин се случува убиството на Ќучук Сулиман. И покрај тоа што во насловот стои дека драмата е составена од пет дејства, била печатена во продолженија, таа завршува со четвртиот чин. Драмскиот текст е напишан на колоритен јазик, при што Цепенков користел многубројни поговорки, односно изреки кои се употребувале во секојдневниот живот, како на пример: „наведната глаа, сабја не ја сечит“, „живот е мила дури гледаат очите бело видело“, „водата спие, душманот не спие“, „ќе одам, да не појдам со здравје“, „клин – клин тера“, „коа игра мечката у комшијата, ќе игра и у тебе“, „коа нашол село без кучиња, без стап си оди“, „многу било – малце останало“, „дур сме овци, секој ќе нè стрижи и ќе нè молзи“, „бели пари за црни дни“, „за волко зборуваме и волко на врата“ итн. со кои му дава и динамика на дејството.

За Воислав Илиќ драмата Црне војвода претставува коректен литературен обид, со што Цепенков му се придружил на Војдан Чернодрински и истакнал дека со неа Цепенков дал придонес во македонската литература, на македонскиот јазик му дал културна обработка и фиксирал национална етика и занес. Илиќ го констатирал отсуството на ликот селски, народен учител, што би можел да биде толкувач на револуционерните настани и дека на тој начин се бранеле само голиот живот, социјалниот интерес, достоинството и честа. Според Гане Тодоровски драмата на Цепенков, лоцирана тематски во оној значаен временски премин од индивидуален бунт кон колективна револуционерна акција, го користи конфликтот помеѓу поробениот и поробувачот како своја основна содржинска и фабуларна рамка. Во драмата Цепенков гради сопствена визија на отпор, тој е колективен и организиран чин, а не одмаздничка индивидуална акција или експлозија на одделен револт. Затоа Г. Тодоровски смета дека драмата е своевиден политички трактат на македонската одбрана против долговековниот потисник, во која ликовите се претставени црно-бело, едните се позитивни а другите негативни херои, со отсуство на психолошко нијансирање.

Но сепак ликот на жената, како во поезијата така и во драмава, е интензивно предаден и тоа преку ликот на мајката Мара и на нејзината ќерка Тода, кои пружаат силен отпор и непокор. Мара дури е похрабра и поодлучна и од својот маж Митре; Мара: „Море де, бре домаќине, што се плашиш толку, биди маж. Еднаш ќе умри чоек; што ќе умриме утре, нека умриме денеска, ...“. Тода: „ ... поарно да ме отепа, од што сум жива. ... Отруачка, тате, дај ми да се отрујам за да куртулисам од тој проклет ... “. Исто така, при формирањето на братството Мара е таа која ги бодри да бидат јунаци, од братството да не се разделат, поради што ќе ги слави целиот народ: „Чувте, синковци, за ошто плачи Маќедонија? Плачит за зулумите што ʼи праат Турците и ве викаат вас јунаците ...“. Во овој контекст би додале дека повикот на македонските мајките за борба, за одмазда, како и достоинственото славење на смртта е присутен во повеќе творби од XIX век, особено во поемите на Глигор Прличев и Евтим Спространов, но и во револуционерните народни песни.

Марко Цепенков дал голем придонес во културната и националната преродба на македонскиот народ. Како автор на песни, на драма и на автобиографија извршил афирмација на повеќе литературни жанрови во македонскиот литературен XIX век, поради што се вбројува меѓу преродбениците кои го втемелиле развојот на современата македонска литература. Истовремено, Цепенков се вбројува и меѓу афирматорите на македонскиот јазик, па поради тоа тој е една од најзначајните македонски културни икони од XIX век. (В. М. Х.)


Библиографија

 Миронска-Христовска, Валентина. 2021. „Цепенковото литературно наследство и колективната меморија“ во: зборникот од Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, XLVII Меѓународна научна конференција. Скопје: УКИМ, стр. 341-356, 2021. Тодоровски, Гане. 1974. „Марко Цепенков“ во: Трактати за сонцељубивите. Скопје: Култура, стр. 49-84; Ристовски, Блаже. 1972. „Кон творечкиот профил на Марко К. Цепенков“ во: Цепенков, Марко. Материјали. Литературни творби, 10.  Скопје: Македонска книга, стр. 5-13.