• Наслов

    ПУСТИНА

  • Автор

    ЃОРЃИ АБАЏИЕВ

  • Година на издавање

    1961

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

Книжевната критика речиси е едногласна дека со романот Пустина Ѓорѓи Абаџиев прави квалитативен скок во третманот на историското со внесување на психолошкото. Во формална смисла, таквата поставеност носи и одредена скепса кон она што во романот претставува доминантен светоглед: оправданоста на терористичкиот акт во името на повисоки цели. Таа скепса е претставена како конфликт на двата главни лика, Глигор и Арсо. Во романот е спроведена постапката на хероизација, но таа е придружена со проблемот на индивидуалната акција, во случајов на гемиџиството. Авторот во прв план ја поставува дилемата за задолжителната жртва, што ја дефинира и темата на романот како прашање за живот или смрт. Самиот завет за задолжителната смрт на терористот, т.е. саможртвата, е во функција на хероизација на ликовите дејствувачи, исполнители на светата должност. Надвор од тој контекст романот Пустина се служи со методот декларативен говор во функција на хероизација. Хероизацијата тука се постигнува на идеолошко ниво, што во основа реферира на широко распространетата и на овие простори прифатена меѓу народот, христијанска традиција на заштита на слабите и немоќните. Користејќи ја добро познатата матрица на хероизација на ликот ајдук во народното творештво преку потенцирање на претставеното чувство за правдина (нивните акции се насочени кон богатите, оние што го тероризираат народот, поробувачите, но никогаш кон слабите и сиромашните), во романот Пустина таа матрица се надополнува со инсистирање на етичка димензија, сега на ликот терорист, што се манифестира преку идејата за неповредување на недолжните, при што се постигнува спојот – хуман терорист, поставен на пиедестал преку херојството и хуманоста. Посочените постапки во хероизацијата на ликот терорист упатуваат на заклучокот дека епската традиција е инкорпорирана во уметничката литература, а преку неа и во создавањето и поимањето на националниот идентитет.
Преку хероизацијата на ликот терорист, која има за цел идеолошки да го доближи до ликот револуционер, се создава една автоимаголошка слика за посебноста на сопствениот идентитет и начините на стекнување на таа посебност. Логично, во таа автоимаголошка претстава нема место за крвави настани и невини жртви што би го оспориле легитимитетот на стекнатата придобивка. Таквите постапки се познати во сите национални литератури, без разлика дали се работи за македонската, балканската или светската. Станува збор за една естетизација на тероризмот во функција на себеидентификација како посебен, различен дел од светското семејство на народи, дел кој морално и етички има право да се бори за докажување на својата самобитност, следствено и да ја претставува својата борба како херојска. Ваквите текстови го создаваат и го претставуваат она што се нарекува културен дискурс, кој е во функција на самоосознавање и самолегитимација.
Моралната дилема околу исправноста на одбраниот пат е реализирана преку јасно декларираниот неидентитет, она што гемиџиите не се и тоа на ниво на дискурс. Во практика тој не може целосно да се реализира. Тоа го поттикнува процесот на поткопување, подривање на воспоставениот идентитет на лик херој и на површина ја донесува етичката драма, како на ниво на структурата на ликот така и на прагматично ниво. Во таа насока стожерен е делот „Реалност“. Сместувајќи го ликот терорист во затвор, нараторот има можност да исцрта една цела галерија ликови престапници, преку кои ќе ја расветлува мотивацијата за злосторството воопшто. Преку мислите и дијалозите на ликовите се води една антрополошка дебата – за злото, за доброто, за смислата и неправдата во човековата заедница – преку која се поставува основниот филозофски систем на делото. Се трага по смислата на злосторството и од гледна точка на ликовите се прави обид тоа да се оправда кога е во функција на позитивните антрополошки вредности (каква што е акцијата на Глигор и Арсо, двата централни лика терористи) или, пак, да се оспори кога е во „приватни“ цели. Вака поставената идеја се подрива со сомнежот на Арсо изразен преку запрашаноста дали терористот може да избега од совеста, која за него е необичен тиранин? Иако овие зборови се во контекстот на психолошкиот немир предизвикан од моралната дилема: дали бегството од смртта не би било предавство во однос на оние што доброволно го дале својот живот како влог против тиранијата, сепак фактот дека Арсо го гледа конечното ослободување во смртта (неговото самоубиство е потврда на ваквиот став), го подрива хероизираниот, а со тоа и безгрешниот идентитет на ликот терорист. Ставот на Глигор, пак, дека само живиот човек може да делува против неправдата, ја исцртува траекторијата на преодот од лик терорист во лик револуционер.
Така романот отвора низа прашањата кај читателот, меѓу кои: Дали има животни ситуации што дозволуваат тероризмот да се согледа како легитимно средство во борбата за остварување на правдата или националната самобитност? Има ли толку висока цел којашто ги оправдува средствата? Што кога сите мирољубиви средства се искористени, а не вродуваат со плод? Што кога животот поради неправди и потчинетост ја губи смислата? Како да се сврти вниманието на моќните, кои во својата удобна позиција не можат да допрат до страдањата на другите? Како да се одговори на моќта што продуцира насилство и неправда? Оттука и двогласното раскажување произлезено од различните светогледи на двата главни лика: желбата да се умре (Арсо) и нужноста да се продолжи борбата (Глигор). Дел од книжевната критика смета дека всушност станува збор за една личност чија етичка и морална дилема се отелотворува во два посебно структуирани лика. Тоа, пак, отвора перспектива за толкување на романот како роман во кој се посочува на нужните процеси во националната самоидентификација. (Л.Г.Ј.)
 

Библиографија

Бошковски, Јован, 1980. „Историската белетристика на Ѓорѓи Абаџиев“ во: Абаџиев, Ѓорѓи Арамиско гнездо; Пустина. Скопје: Мисла, стр. 349-358.
Георгиевска-Јаковлева, Лорета. 2000. Огледало на дискурсот. Скопје: Институт за македонска литература.
Георгиевска-Јаковлева, Лорета. 2006. „Тероризам. Интелектуализам. Балкански проблеми: хероизација на терористот-борец за национална слобода или внатрешна етичка драма како сомнеж во херојството“. Спектар бр.47, стр. 43-51.
Друговац, Миодраг. 1990. Историја на македонската книжевност XX век. Скопје: Мисла.
Тоциновски, Васил. 1997. Тројца кружочници: Ѓорѓи Абаџиев, Асен Шурдов-Ведров, Антон Великов-Беломорски. Скопје: Култура, Институт за македонска литература.