Опис на делото

Самиот наслов на збирката носи одредена провокација: математичкиот јазик да се креира како поетски код. Таа провокација најдобро ја објаснува самата поетеса: „Лирското јас осознава дека се раѓаме во совршен свет без агли, но ние во сѐ гледаме искршени линии и остри агли кои како лоши зборови си ги упатуваме едни на други, казнувајќи се себеси преку уништувањето на другите за да мораме на крај да ја измислиме теоријата на еволуцијата за да преживееме во централниот агол на нашата смрт“. Ваквата централна нишка како да вели дека човековата запрашаност за смислата на животот и егзистенцијата е суштинска и непроменлива. Она што е менливо е формата, сега вообличена во доминантно модернистички манир. Оттука и не чуди фактот што метафората е доминантно изразно средство, овој пат често надополнета со симболични конструкции, логично надоврзани на математичките термини, препознатливи на сите нивоа на текстот. Но, сепак зад одредувањето – модернистичка поезија, стои и целото поетско искуство на современоста, како брзата промена, несигурноста и неизвесноста. Метафората е надградена со оксиморонот, па она што се добива е најдобар доказ дека сите класификации нужно се непрецизни. Како пример за една таква метафоричко-оксиморонска конструкција ќе ја наведеме песната „Конечна бесконечност“, каде насловот е оксиморон, а телото на текстот – метафора: Осумките долго лежеа на асфалтот / без да гледаат едни во други. (...) Легнати осумки сме, но не знаеме дека сме. / Наместо да гледаме едни во други / – ние се гледаме едни со други. Математичка поезија е своевидна потрага по смислата на животот во услови на криза. А кога зборуваме за криза, вака или онака, веднаш се доаѓа и до темата на идентитетот, во случајов за потрагата на лирскиот субјект по себеси. Но, таа потрага не е завиена во некои филозофско рефлексивни „големи“ мисли, туку се бара во секојдневието, во обичниот, ежедневен ангажман. Така, секојдневието станува еден од доминантните мотиви на оваа поезија, како на пример во песната „Права“: бев јас права паралелна на сите прави / се тегнев до недоглед за да се речам сама / да бидам своја без сите други / без гладен допир и оговарачки координати / во светот од нули и единици / во светот со две ахроматски бои. Употребата на математичката лексика (точка, права и рамнина во најразлични персонифицирани актуализации, геометриски слики и геометриски фигури, тригонометриски функции, аритметички операции, параметарски и непараметарски тестови во статистиката, Фибоначиева низа) е во функција на сликањето на состојбите. Или, како што изјавува самата поетеса: „Живееме во свет кој постојано нè лаже дека немаме време и нè тера да се бркаме со самите себе за да се стигнеме себеси. Така стануваме модерен Сизиф кој во суштина и не оди по нагорна линија, туку живее на една права поместувајќи се од една точка до друга, од една отсечка до друга и пак враќајќи се кон нулата, без да сме свесни дека дишеме во две димензии кога животот ни постои во рамките на еден координатен систем со координати кои сите ги знаатЛирското јас, во дијалогот со себеси, ја осознава вистината дека сопствениот идентитет се гради само со вистински контакт со Другиот, а не во идејата за сопствен, издвоен, единечен идентитет (на пр., поетската слика на права паралелно поставена на другите прави). Контекстот на овие слики – состојби е современиот свет кој е поделен на два екстрема: површен, празен, технички, свет во две бои, и суштински, обоен, нијансиран, со спектар на бои. До вториот, посакуваниот, се доаѓа само преку директниот контакт со другиот, преку правите кои имаат една заедничка точка. Така, научната и математичката лексика и терминологија, ставени во функција на секојдневните контексти, ги варираат егзистенцијалистичките, љубовните, метакогнитивните и духовните мотиви. Математичките елементи имаат двојна функција затоа што во исто време претставуваат и знаци (тие се код) и означено (произведуваат конотативно значење). Неретко, тие добиваат антропоморфни карактеристики и стапуваат во различни комуникациско-интеракциски односи создавајќи нови светови. Лирското Јас се препознава како активен субјект во предикацијата и често ја има улогата/функцијата на индивидуализирана колективна свест. И покрај високата доза на интелектуалност и мисловност, оваа поезијата е исклучително лирска, топла и човечка. Таа создава богатството на значења и во македонската поетска продукција внесува оригиналност и иновантност. (Л. Г. Ј.) 


Библиографија