• Наслов

    АЛЕКСАНДАР И СМРТТА

  • Автор

    СЛОБОДАН МИЦКОВИЌ

  • Година на издавање

    1992

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело роман

Опис на делото

 Романот Александар и смртта поаѓа од историски дефинираната личност Александар Македонски и веќе оформената слика за таа епоха. Користејќи ја гледната точка на историски аутсајдер, авторот ја подрива и повторно ја воспоставува, сега на други основи, сликата за харизматичната, легендарна и култна личност во посочената епоха. Играјќи си со гледната точка на персонализираниот раскажувач (романот го раскажува ликот Архидреј – оружар, прислужник, другар, сенка на Александар) во прво лице кое ја потенцира субјективноста на когницијата, на искуството и на знаењето, нагласувајќи го конструираниот идентитет на покојниот император и впишаниот комуникациски модел (роман напишан во епистоларен вид како писмо-исповед наменето на учителот на Александар – Аристотел по смртта на царот), авторот всушност води дијалог со историските факти. Приказната е едноставна: таа е детален опис на мумифицирањето на телото на Александар, и како што процесот се сведува кон крајот – така се оформува сликата за распадот на неговото царство. Деталниот опис создава впечаток на вистинитост и уверливост, засилен со изборот на раскажувачот сведок на слученото кој го знае Александар одблизу. Но, тоа е стапица во која се вовлекува читателот. Историјата се повлекува, а на преден план избиваат темите кои не се сметаат за историски, какви што се односите на власта и моќта, прашањето за лојалноста и пријателството, темата на смртта. Овие теми не се разгледуваат од аспект на историскиот развој и модифицирањето на нивното значење низ историјата, туку како хетероген склоп на односи битни за онтолошкиот статус воопшто. Оттука, настаните во историјата веќе не се значајни како нешто што се случило, туку и како нешто што се случува и ќе се случува. Романот на Мицковиќ ни покажува дека историските теми не се безбедна позиција на набљудување и уживање во богатството на минатото, туку и активно учество во него што има моќ да ја обликува сегашноста.
Романот, преку проблематизација на харизмата на лидерот, претставува продлабочена анализа на односите на моќ – власт – поделба на власта, прашања кои навлегуваат во етиката и денес, и, можеби како никогаш во минатото, стануваат пресудно значајни за опстанокот. Тој не е лишен и од политичката димензија на актуелната идеја за глобализација која се донесува во директна релација со идејата на Александар за светско царство. Со мумифицирањето телото на Александар добива трајност, но царството пропаѓа. Паралелно со тоа се оформува сликата/идејата за глобализацијата како невозможна.
Односите на моќ се тематизираат преку структурата на нарацијата: раскажувачот, оружарот Архидеј упатува на нова варијанта при испишување на историјата – од аспект на аутсајдер, со што таа се отвора кон подемократски начини на креирање на историскиот дискурс. Така, паралелно со официјалната историографија, романот дава можност да се чујат и други можни гласови и перспективи кои преку романот добиваат право на себеартикулирање и себепреиспитување во контекст на Другиот. Таквата авторефлексивност видена во нарацијата на Архидеј и во сликата за распаѓањето на империјата воспоставува друг однос кон вистината: нефиксиран, мултифокален, мултиперспективен.
Релациите меѓу наративните структури и нивните епистемолошки импликации, смета Марија Ѓорѓиева-Димова, ги ставаат на показ субјективитетот, релативноста и конструктивитетот на знаењето преку поставување на прашањето чии искази за природата на стварноста и на историјата престојуваат во структурата на книжевните текстови. Од досега кажаното јасно е тоа се исказите на ликот наратор Архидеј Потивов, кој од позиција на учесник/набљудувач раскажува за минатите настани кои, со оглед на вонтекстовната стварност во 90-тите години на минатиот век, се исчитуваат како актуелни. Тоа ја условува и врската меѓу настаните и нивната наративна репрезентација: сведокот може да обезбеди само фрагментарен опис, полн со предрасуди и со селективни рестрикции. Оттаму, романот го свртува вниманието врз неизбежните посредувачки облици на достапност на минатото – врз наративно приопштените искуства и сеќавања, а тоа значи дека фокусот се преместува од историските настани/фигури кон субјективните искуства и перцепции на поединецот. (Л. Г. Ј.)

  


Библиографија

Ѓорѓиева Димова, Марија. (2018). „Интердискурзивните перформанси на книжевноста“, Современа филологија бр. 1, стр. 111–128.

Ќулавкова, Ката. (1996). Интертекстуалнaта потка на романот Александар и смртта од Слободан Мицковиќ. Во Потход и исход, К. Ќулавкова (уред.) 231–24.

Шелева, Елизабета. (2000). Културолошки есеи, Скопје