Опис на делото

 .Единаесет жени е роман кој на македонската книжевна сцена го донесе маалскиот живот на предградието, со јазик кој е речиси колоквијален, со теми кои се речиси пресликани од реалноста и со ликови кои речиси можат да се сретнат во секојдневната маалска живејачка во Скопје во 80-тите години на 20. век. Јазикот е остар, суров, напати груб, јазик кој ништо не премолчува, најмалку болните места, грдотиите и траумите поврзани со жените кои живеат тука. Романот го носи духот на македонската полуурбана или квазиурбана средина во 1980-тите години, поставуваjќи нови параметри во раскажувачката техника и во романсиерската тематика.
Раскажан од перспективата на главниот лик – девојчето и низ призмата на детските очи, тој свет се засведочува во уверлива приказна. Токму таа перспектива не дозволува детална психологизација, туку бележење кое наликува на следење на ликовите со камера, па сликите кои се резултат од таквата техника делуваат потресно и вознемирувачки. Оттука, успешниот спој на кажувањето/раскажувањето произлезено од јазикот како алатка и покажувањето, карактеристично за визуелните уметности, прават ова дело да се доживее како хибриден жанр кој ги испитува, но и ги подрива жанровските конвенции. Единаесет жени ја продолжува традицијата на раскажување по пат на врамување. Од сликите – исечоци кои ги прикажуваат жените во маалото се компонира мозаичната структура на романот, врзана за локалното и тукашното.
Романот е составен од 10 целини насловени со по едно женско име, врамени со воведното и завршното поглавје, односно со прологот и епилогот. Светот на нараторката се жените од зградата во којашто живее, сите оние Лидии, Донки, Евгении, Таски, Верици итн., обично во литературата именувани како „мали луѓе“. Мажите во романот речиси и да ги нема. Жените се по малку чудни, претежно мрачни, но активни и гласни. Тие не се наивни, добродушни сограѓанки кои се маргинализирани од општеството, туку активни и гласни актерки, понекогаш на малограѓанскиот, грд и насилен дел на човековата личност, понекогаш, поретко, благи, топли и сочувствителни. Оттука, грдото и насилното во различни облици и ситуации се доминантната тема, но не само како дел од општественото живеење, туку пред сè како дел од секојдневното животно искуство на девојчето наратор и нејзината пријателка, дел кој секојдневно им одзема нешто и ги формира нивните карактери. Па токму затоа оние единаесет жени од насловот на романот се само илузија или мамка за читателот. Всушност, станува збор за огледална проекција на самите нас.
Авторката е задлабочена во секојдневните женски практики (гледање на кафе, копање на градината, седење на тераса или клупа, хранење на уличните кучиња, сончање на кровот од зградата итн.) со кои се отвора свет на востановен ред, неретко во спротивност на интересот на самиот лик или на ликовите од неговата околина. Често фрустрирани од животот, тие ја спроведуваат својата логика на бесмислена одбрана (на пр., Донка става бодликава жица за децата да се наденат на неа додека играат миженка), на секојдневните рутини во кои се препознава локалното (возат „сто-кец“, јадат краш бонбони, носат рамки за очила а ла Софија Лорен, домашни цветни фустани и чевли со разнишани потпетици, гледаат „Династија“ и се во потрага по цигарите „лорд“, сите маркери на едно познато, но одминато време), тие се и „души од жени“, но и крастави, ороспии, непријатни, реалистични – обични, веќе видени личности од нашата околина. Минатото на маалскиот живот не е идеализирано, напротив, романот ја деконструира маалската идила. Жената тука не е жртва на патријархалните норми, туку активен чинител на општественото. Женскоста тука не е дамска, грижлива, смирена, таа е женскост со мустаќи, метафора на активното учество и неприфаќањето на општествените конвенции.
И наспроти веќе видената и до баналност повторувана ситуација на поставеност на единката во општеството, романот ја поставува перспективата наопаку. Од секој негов ред произлегува онаа, до сега малку посочена и апсолвирана релација: општеството го чинат конкретни луѓе, поединци. Нивното дејствување го одредува карактерот на општеството, та оттаму и личната одговорност на секоја единка за она што го живее. (Л. Г. Ј.)
 
 

 [l1]Хиперлинк: Снежана Младеновска-Анќелков 


Библиографија

Јакимовска, Илина. 2012. „Букбокс читанка: Единаесет жени од Снежана Младеновска-Анѓелков“, Офф нет, 23 март 2012. <https://off.net.mk/bookbox/chitanka/edinaeset-zheni-od-snezhana-mladenovska-angjelkov> пристапено на 3.1.2022.

Јолевски, Љупчо. 2012. „Единаесет жени – роман на годината“, Радио Слободна Европа, 15 март 2012. https://www.slobodnaevropa.mk/a/24516816.html пристапено на 3.1.2022.

Кујунџиски, Жарко. 2016. „Поговор“ во Младеновска Анѓелков Снежана, Единаесет жени: краток роман во девет епизоди.Скопје:  Или-Или,  79–81.

Мартиноска, Ана. 2021. „Женско писмо без наводници“., Спектар бр. 77.