• Наслов

    ЕРВЕХЕ

  • Автор

    ЛУАН СТАРОВА

  • Година на издавање

    2005

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело роман

Опис на делото

Моделите на женскоста/машкоста во романот Ервехе од Л. Старова го покажува преминот од традиционалниот кон модерниот модел на женскост, и заедно со романот Пире[l2] јна Петре М. Андреевски[l3]  го воведуваат женскиот лик како дејствувач во македонската литература.
Романот Ервехе на Луан Старова, македонски писател од албанска националност, е еден од ретките кој во центарот на вниманието поставува женски лик во период на крупни општествени промени поврзани со Втората светска и воспоставувањето на социјализмот. Тој лик во голема мера е вчитан во патријархалниот модел на женскост, каде жената главно е сместена во приватната сфера, како сопруга и мајка. Сепак, дистанцата на нараторот е видлива. Романот го раскажува персонализиран наратор – синот на хероината, и тоа од аспект на сегашноста. Така, освен што претставува своевидно сведоштво за животот на женскиот лик, тоа раскажување е и нужен коректив на одредени претстави и ставови од минатото.
Романот Ервехе се вклопува во циклусот романи на Старова определени со жанрот сага, жанр во кој ретко женскиот лик е главен лик. Всушност, овој роман е „женска варијанта“ на приказната во романот Татковите книги. Неа ја сочинуваат низа сегменти поврзани со животната сторија на мајката Ервехе, лик кој во сегменти излегува од стереотипната претстава за балканската жена, а во сегменти длабоко се вкоренува во неа. Приказната ја предава заборавената историја на женскиот влог во историските случувања, во услови на егзил, на откорнатост од родното огниште.
Во овој роман жената пред сè е мајка и тоа е стожерната перспектива и презентација во која се остварува и нејзината носечка егзистенцијална и својства, симболичка и архетипски фигура структура на имагинарното околу која се создава традиционалниот модел на женскоста. Ервехе сосема се идентификува со улогата на мајка – чувар на семејството. Нејзината успешност во вршењето на оваа функција ѝ носи почит и предизвикува восхит кај останатите членови од семејството. Покажаната мудрост и снаодливост во критичните ситуации на бегство од татковината, нејзината подготвеност за саможртвување и нејзината ненаметливост и упорност во намерата да го спаси семејството се основните атрибути со кои таа го „заслужува“ пиедесталот на којшто е издигната. Кај неа отсуствува потребата за професионален ангажман, за јавна презентација на сопствените способности. Доследно почитувајќи ги принципите на културниот патријархат, таа дури ни пред најблиските, во приватна сфера, не ги демонстрира своите знаења. Лишена од амбиција, која ја смета за право на мажот, Ервехе целосно ги исполнува очекувањата. Таа е слика на традиционализмот во патријархалните навики како да се промислува жената.
Меѓутоа, и покрај ваквиот став, таа е активен чинител за опстанокот на семејството, што отстапува од традиционалниот модел. Женскиот разум, на кој се инсистира во романот, станува клучен во борбата, реализирана единствено преку нејзината дрска и умна намера. Во опстојувањето на семејството (кое по пат на метонимиска операција може да се поима и како зачувување на колективот) се сретнуваме со една особена, специфична морална амбивалентност во однесувањето на Ервехе во однос на патријархатот; таа дејствува. Ервехе, во клучните моменти, ги прекршува желбите, наредбите на својот сопруг и со тоа отстапува од традиционалната перцепција на женскиот идентитет како пасивен. Разумот, итрината и измамата овде се сврзани како делови на една целост – фигура на итар измамник како женски квалитет. Ервехе во дадени кризни ситуации успева да реагира брзо, решително и со некакво нејасно, интуитивно знаење за доброто. Оттука, ликот Ервехе не е нем набљудувач на историските настани, судбина која доаѓа и оди без учество на жената. Иако не ја гледаме со оружје во воените судири, ниту пак на јавната сцена, нејзината борба е и значајна и ефикасна. Таа го скротува злото и го претвора во благосостојба. Умот на Ервехе воведува (од гледна точка на машкиот лик) некаква скриена алтернатива на расудување, некаква непозната или дотогаш неизречена насока на поведение.
Кога социјалниот живот ќе се покаже сосредоточен во приватното пространство на домот и родот, жената, и особено мајката, таква каква што е Ервехе, ја засилува власта над своето индивидуално присуство. Во дадена ситуација таа придобива авторитет повеќе од обично, предизвикан од историските кризни случувања, што ги засилува некои, воспримени како „женски“ аспекти, во симболичната репрезентација. Мудроста карактеристична за Ервехе е симболично претставување на идејата за справедливост, разум и природно добродетелство. Таа (мудроста) симболизира праведност, подучува, спасува. (Л. Г. Ј.)
 

 [l1]хиперлинк
 [l2]хиперлинк

 [l3]хиперлинк 


Библиографија

Георгиевска-Јаковлева, Лорета. 2013. „Родовите претстави во македонскиот и во албанскиот наратив“, во: Идентитети, ИМЛ, Скопје, стр.151-177.