• Наслов

    КРАЛ МАРКО

  • Автор

    ТРАЈКО КИТАНЧЕВ

  • Година на издавање

    1889

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • поема

Опис на делото

 Поема „Крал Марко“ од Трајко Китанчев е објавена во списанието „Библиотека Свети Климент Охридски“, Кн. VII, стр. 165-172, напишана на македонски јазик, т.е. на ресенски дијалект, во десетерец, петостапен хореј. Поемата е составена од 263 стиха, а е поделена во пет дела. Китанчев ја објавил поемата анонимно, со поднаслов „Народна песна од Ресенско. Уште во 1908 г., Христо П. Стоилов за поемата истакнал дека текстот е литературна мистификација а не народна умотворба, и дека таа по својата уметничка вредност може да се мери со највисокопоетичните уметнички творби.

Поемата на Китанчев е сведоштво за успешното воведување на македонскиот јазик во повисока книжевна норма, и покрај тоа што ја употребува народната епска форма. Во неа среќаваме ретки по убавина компарации, епитети, персонификации, хиперболи и воопшто богато стилско разнообразие. Во поемата доаѓаат до израз сфаќањата на Китанчев за животот, за силата која го носи човекот низ животот, за потребата од борба, но за која не е потребна само сила. Дејството се одвива на „мајката црна земја“, која од тежината што ја носела „јачела кутрата и како лист се тресела“. Осаменичкиот живот го пресликува во Марко Прилепчанецот, кој шетал по пустата земја и немал со кого да се сретне, да размени збор-два. Поради тоа погледот го свртел кон ѕвездата Вечерница, на која ѝ соопштил дека нема јунак спроти него, ниту ламја ниту аждер. На одоговорот од страна на ѕвездата Вечерница дека немало јунак како него, Марко Прилепчанец кажал неразумни зборови – го предизвикал Господ на мегдан. Во четвртиот дел од поемата прикажана е повторно страшната слика на земјата од која сите јачеле и се молел на Бога кој се песторил во старец со малечка торба. Откако го пресретнал Марко, започнал предизвикот. Се обидел Марко со копјето да ја крене, но се прекршило; фатил со раката десница, издишал неговиот шарец; се обидел и со нога и со двете раце, но при секој обид тој ја губел силата. На прашањето што кревал, старецот му рекол дека ја поткренал сета црна земја, по што следувало прашањето „Дали имаш сила јуначка / Да излезиш сега да се бориш / Со Господа Вишни од небеси?“, на што следувал одговорот, односно сознанието дека доколку не може торбата да ја крене, тогаш дека секако нема да може да излезе на мегдан со Господа Вишни од небесата.  Господ му ја вратил силата, го благословил да биде јунак над јунаците, но ќе има појунак од него кого и другите незнајни делии нема да можат да го победат, освен  со итрина и со измами. Се вратил Марко Прилепчанец во Прилеп каде што останал да ја чува земјата со итрина.

Трајко Китанчев народниот мотив и народното предание ги осовременил, им дал една филозофска димензија за односот на посилниот и послабиот, за тежината со која се судрувал човекот на земјата, како и со сите непогоди во животот, метафорично претставени преку темните облаци, преку солзите на ѕвездата вечерница, преку татнежите итн. Пораката која ја упатува Китанчев е дека за да се опстане не е потребна само сила, туку е потребен разум и итрина, а понекогаш и измама.   

Гане Тодоровски, со ова поетско остварување, Китанчев го споредува со Његош и Мажураниќ, и  констатира дека тоа е една од најубавите творби на македонски јазик од XIX век бидејќи песната претставува ризница на ретки по убавина компарации, епитети, персонификации, хиперболи и други стилски фигури, и дека идејата што се развива во неа носи една изразита филозофска димензија. Тодоровски ја истакнал и оценката на Зографов и Павловски кои во уметнички поглед ја сметале за најубава песна од нашата народна лирика, која се одликува со драгоцени уметнички својства: сликовитост, вонредно богатство на стилот, драмска напнатост на раскажувањето и величествени, со космички размери слики, создадени од една мошна суеверна народна фантазија. (В. М. Х.)


Библиографија

 Миронска-Христовска, Валентина. 2015. Трајко Китанчев – книжевна, културна и револуционерна дејност. Скопје: Институт за македонска литература; Радически, Науме. 1992. „Фолклорот и поезијата на Трајко Китанчев“, Македонски фолклор, год. XXV, бр. 49. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“; Тодоровски, Гане. 1975. „Трајко Китанчев“ во: Трактати за сонцељубивите. Скопје: Култура, стр. 85 – 110.